Какви се и какви би требало да бидат релациите меѓу „чистите“ демократски и прагматични тенденции во македонското општество и систем на едукација?

 

 

Студентот како динамичен конституент на високообразовниот процес (покрај вработените во образовните институции) неопходи од варијабилни перспективи да ја перципира сопствената местоположба во севкупноста на еден конкретен политички систем, своестрано согледувајќи ги на тој начин релациите меѓу образовната и останатите сфери на политичкото уредување – социјалната, родовата, индустриската, аграрната, културно-традициската, здравствената… како резултат на што пред себе поставува извесни параметри по кои би ги раководел сопствените постапки. Каузалната поврзаност на ресорите во едно прагматски ориентирано демократско општество налага неопходност за селектирање на подрачја во кои самиот студент оценил дека поседува најголеми шанси за успех, за реализирање на сопствениот животен сон, од никого неускратен и од никого невознемирен.

Никој отстрана не би можел сигурно и на долг рок да го демократизира општеството. Освен самото тоа.

А прашањето на демократизација на образованието не се сведува само и само на овозможувањето поголеми можности за избор (од секаква природа) на студентите, туку и на секој негов конституент, вклучително професорите и обичните вработени лица. Сепак, како резултат на примарната улога на студентите како „двигатели на образованието“, кога станува збор за демократските тенденции во образованието првенствено се говори за правата, изворот на тие права и нивните граници, како и должностите на студентите како сочинители на овој сегмент како камен-темелник на современите општества.

 

  Моделот Судбери (Sudbury)

 

Познатиот Судбериски модел на демократски образовен систем овозможува релативно висок степен на дискретност во функционирањето на студентите, не подлежувајќи ги на компаративни анализи по однос на нивниот општ успех, евалуирајќи го истиот симплифицирано како приватно право на избор: да се учи или не?

Во овој случај единствениот механизам за компарирање на успесите меѓу студентите, впрочем, е во нивни раце. Образованието, според личностите кои го зaстапуваат овој образовен модел несомнено претставува тежнеење кон комплементарност од понудените можности за учење и социјализација, од една страна, и автосвеста кај студентите, нивните способности за себеперцепција релативно на останатите, вродувајќи со една сестрана подготовка за долгорочните предизвици на животот.

Според тоа, секој вид знаење, според Судберискиот модел недвосмислено произлегува како нуспродукт на сеопштото егзистирање на човекот во заедницата, кое пред и над сè е раководено според високи демократски услови, адаптирани кон нејзиното разнообличје а во функција на оддршката на тамошниот поредок.

Управувањето на установите кои го следат Судберискиот модел функционира преку директна демократија, произлезна од еднакво значајното право на глас на студентот со она на останатите динамични конституенти – професорите и останатите вработени; простото мнозинство (50% + 1) гласови е одговорно за одлуки од варијабилен карактер: донесување долгорочни институционални законски регулативи или определување постапки за конкретни случаи (вработување, отпуштање од работа и останати казни и унапредувања).

Атмосферата во еден таков образовен модел не го приморува студентот кон каков било вид компетитивност; напротив, статистички е востановено дека придонесува за  развој на кооперативниот дух меѓу младите, заради што, излегувањето како кадар од една таква образовна установа, бројните критичари на овој образовен систем оценуваат состојба на онеспособеност за натамошно индивидуално, нетимско функционирање.

Образовните установи кои го следат овој образовен модел (триесеттина на број во светот) не ги поттикнуваат директно студентите кон постигање повисоки резултати; наместо тоа, стекнувањето знаења од произволни области претставува нуспродукт на искуствата во процесот на индивидуално „созревање“, подразбирајќи поединечно наклонување кон извесни интереси. На овој начин, носители на одговорноста за здобиеното знаење на студентите de facto претставуваат самите студенти.

Степенот на демократија кај Судбериските училишта/факултети е „екстремен“:

-          Не постојат одделни едукативни/специјализирачки насоки;

-          Не постојат одделни предмети;

-          Темата на секое предавање е произволно определена од дадена, самоизбрана група студенти;

-          Возраста како карактеристика е целосно занемарена;

-          Родителите речиси немаат никакво влијание врз раководењето на животот на студентот за време на неговото присуство во институцијата;

-          Кај овие институции дури не постојат ни стриктни оддели одредени како такви за одвивање на наставата, туку едноставно, простории каде таа (заедно со сите нејзини специфики) се одвива по избор на студентите;

Последната фаза од овој едукативен процес, повторно претставувајќи прашање на избор, се однесува на поднесувањето индивидуален одговор во вид на (барем) усно проискажан дипломски труд врзан за прашањето како студентот како субјект се вклопил во општеството почитувајќи ги стандардите на Судберискиот модел и оние општествените, потенцирајќи ги најзначајните лични искуства според кои наведуваат и тези за сопствените потенцијали во натамошното општествено интегрирање. По ова уследува тајно гласање по редовната, веќе наведена постапка, со цел доделување диплома. Карактерот на дипломата, во секоја случај, е повеќе формален и во контекст на општествените барања и регулативите неопходни за вработување на студентите кои произлегле од институцијата, одошто во конзистентност со начелата на самиот Судбериски модел.

 

Тежнеењето кон демократизација на македонскиот образовен систем во XXI век

 

Би можеле да поставиме бројни прашања врзани за демократскиот модел кој, повторно од прагматични причини, би требало да го следиме, а кои, разгледувајќи го односот меѓу академскиот и работодавен потенцијал на нашето општество, од една, и оној меѓу демократските и прагматичните капацитети од друга, би ни ја предочиле нужноста од крајно детерминирање на функцијата на образованието во сеопштитот институционален причинско-последичен синџир:

-          Дали демократијата би требало да ја сфатиме како нешто поинаку од самиот процес на едукација?

-          Дали почитувањето на демократските начела од страна на студентите и професорската фела би можеле да го определиме како процес со спонтан тек и развој за време на едукацијата, како стандарди на колективното однесување и менталитет подразбран и произлезен од неа?

-          Во каква релација се општите демократски услови во општествата со нивниот прогрес?

-          Дали т.е. како спроведувањето подемократски услови во образованието инхерентно го засега демократскиот систем на државата, односно прогресот во образованието со општествениот?

Одговорите на овие и ним последователните прашања секако не би можеле со апсолутна убеденост дијалектички да ги утврдиме. Сепак, релацијата помеѓу демократските начела и општествениот/цивилизацискиот прогрес сè повеќе не усмерува кон сфаќањето дека демократијата претставува аспект, или поточно, нужност каква еден прагматичен општествен поредок, вршејќи анализи на долгорочен план задоволува во контекст на задоволување на својата кауза.  Можностите за индивидуална селекција, рефлектирајќи го својот прагматичен дух во тој поглед, овозможуваат и постабилни услови во процесот на едуцирање, како и секој останат суб-процес од ресорите кои го опфаќаат општественото егзистирање.

Comments

comments