„Винг Чунот е софистицирано оружје, ништо друго. Тоа е наука за борењето со цел онеспособување на противникот. Тоа е директно, ефикасно и смртоносно. Ако сакаш да се учиш на самоодбрана, не учи Винг Чун. Подобро ќе биде да ја учиш уметноста на невидливост.“ – Вонг Шун Леунг

Од огромна значајност за тренирањето Винг Чун е практикантот да поседува флексибилно и опуштено тело, како би можел сериозно да ја подобри физичката подготвеност, кондицијата и особено, брзината која се јавува како можеби најбележита карактеристика на оваа боречка вештина.

Затоа и не е мал бројот на оние кои сметаат дека основен предуслов за некој да победи во Винг Чун спаринг е телесната подготвеност, флексибилноста и способноста за одржување рамнотежа од страна на самото тело, и особено, проприоцепцијата – свесноста за сопствените движења, која секако може значително да се подобри преку комбинирање на повеќе видови тренинзи: таи чи чуан, јога, удари со дрвени кукли и тн.

Во Винг Чунот од фундаментална важност е свесноста/осетот во однос на секој дел од телото, како константно би можело да се обезбеди максимална ефикасност и брзина на движењата, фокус и опуштеност на мускулите, како и одбегнување тие да бидат непотребно затегнати, што честопати е навика за обичниот човек.

Основниот став во Винг Чунот, следствено, подразбира исправеност на грбот и мускулна опуштеност на ниво на целото тело, но и константна спремност и фокусираност кон акција; дланките се држат во вертикала (една позади друга) долж замислената линија, нозете се држат истовремено максимално стабилно и спремно да ги одбегнат противничките удари.

Освен тоа, стабилното позиционирање на нозете во Винг Чунот обезбедува дополнителна сила на ударите и контраударите, како и доминација во подрачјето на и околу замислената централна линија, што е предуслов за победа над противникот.

Ова подразбира дека главни мети на удар кај противникот се централниот дел на телото, малку над и под папокот, вратот, носот, очите, челото и тн. Истиве предели од телото се заштитуваат од удари преку „затворање“ на телото со „надворешните краеви“, односно екстремитетите, каде лежи клучот на одбраната во Винг Чунот.

Ударите со нозе (кои се воглавно насочени кон пределот под појасот на противникот, што е карактеристика и за останатите јужњачки видови кунг фу) се застапени во Чум Киу, а во далеку помала мера се присутни во Сиу Ним Тао и Биу Џи, така што за Винг Џунот не е погрешно да се констатира дека е претежно рачна техника.

Повеќето удари со нозе исто така се изведуваат од место, на кратко растојание и имаат кружни траектории, што помалку потсетува на Маи Таи. Има и бројни ножни удари со пета.

Ударите со раце, пак, иако во сите 3 форми се разликуваат според местото од кое се упатуваат, главно се вертикални и се фокусираат повторно кон централната линија. Една од главните цели е да се нанесат што е можно повеќе верижни удари едноподруго во момент кога противникот покажува знаци на неспремност или неможност за реакција од варијабилни причини. Од друга страна, се преферира и што е можно поголема моќност на вертикалните удари на кратко растојание во моментите кога противникот е на некој начин поподготвен бргу да возврати.

Брзите верикални удари, во таа насока, како и заради сеопштиот удел врз борбената состојба на практикантот се сметаат за основа за нападот во Винг Чун .

Многу често заради ова Винг Чунот наидува на критики дека е техника која протажира голем број удари со слаба сила, меѓутоа истите можат да бидат валидни само за неискусните практиканти. Оние кои успеале да се соживеат со суштината на оваа боречка вештина се свесни дека улогата на близината до противникот успева и тоа како да ја надмине ваквата негативна страна на верижните удари, со тоа што овозможува учество на мускулите од целото тело во нивното задавање, правејќи ги не помалку силни, иако побрзи отколку кај другите боречки вештини.

Во надополнение на ова се јавува и концептот на Фа Џинг – опуштеност на рацете до моментот непосредно пред задавање на ударот, што резултира со негова експлозивност.

Comments

comments