пишува: Тарик Асанов

 

Дремам така на ФБ пред некој ден и, од нигде никаде, ми светна да направам едно “кругче” до кај еден од нашите најпопуларни сајтови, чисто од радозналост, да видам како размислува нашава младина, интелигенција (нели идни носители на прогресот де) во врска со нашата моментална (да не кажам посрана) ситуација.

Листајќи ги насловите уочив дека македонската интелигенција не се протегнала којзнае колку во изминатиот период (или без јас да бидам известен влегле во “широка” коалиција со мечките па ја прифатиле нивната тактика во зима да хибернираат, па дури рано напролет да си ги тераат работите?!).

Не дека имаше многу за да се прибира но еден наслов некако бодеше в очи. Од чиста радозналост го отворив, и право да ви кажам се заебав (во истиот момент сфатив како се почувствувал Епиметеј по отварањето на Пандорината кутија со единствена разлика што Епиметеј ја имал честа да го почуствува тоа “задоволство” само еднаш во животот, а јас, за несреќа ќе го почувствувам уште многу пати. Како знам? Едноставно знам. (Тоа е само уште една од мистериите на животот.)

Текстот беше тотално исмевање на најзагрозената категорија граѓани (да, оние 30% кои примаат социјална помош од мизерни 2-3000 денари со кои е невозможно да се скрпи една недела, а камоли цел месец и кои прават се за да преживеат (пусти живот, колку и да е тежок, неподнослив, несфатлив, сепак мил е е*аго.)).

И, како се смалуваше бројот на преостанати редови, така во мене растеше револтот за она погоре прочитаното. Од каде одеднаш толкав “вишак” на сарказам, сеирџиство и иронија, а “мањак” на алтруизам и емпатија? И тоа не од некој, било кој, туку од интелектуален, човек кој ме восхитил со размислувањето во некои од претходните текстови.

Веднаш го стартував Word-от но по неколку секунди “длабоко” размислување решив да искулирам и од респект за досега напишаното, не напишам ништо. Го баталив компјутерот и решив да сменам мисла шетајќи по каналите на светлечкиот екран.

Го палам телевизорот. Прво па машко: Вести на Сител. Водителот само што ја поднамести кравата, ја оптегна својата иронична насмевка и започна да ја соопштува веста: “Во Македонија арамиите наместо старо железо, точаци и слично почнаа да крадат зимници од подрумите на луѓето.” Тука беше врвот.

Не оправдувам крадење во никој случај (било тоа да е железо или некој друг благороден или неблагороден метал). Но факт е дека кога некому “му е дојде јајцето на газот“ и е загрозената неговата и егзистенцијата на неговите најмили не бира начини како да ја овозможи истата (за подобро да ме разберете изгледајте го “Earth 2100”).

Во такви (критични) моменти преовладува животинскиот инстинкт и пустата желба да се преживее.

Се’ се сведува на едно та исто – опстанок, по секоја цена, во овој студен и суров свет.

Не дека ни тие не сакаат да работат и заработат поштено и потоа шетаат со гордо кренати глави но едноставно немаат ни членски, ни образование и за беља ни храброст да си ги соберат парталите и конечно заминат некаде на Запад.

Не оправдувам ни крадење на зимници (макар биле и полански) но тоа ни покажува до кое дереџе всушност е стасана нашава мила татковина. Можеби ова е една голема победа за челниците на МВР, но уште поголем (и срамен) пораз за носителите на социјалната политика во Република Македонија. Луѓе, се што се случува сега, не е ни најмалку за потсмев и заебанција, туку ни навестува нешто далеку поголемо, полошо, потешко, нешто што мора да го спречиме пред да биде предоцна.

P.S. Доколку текстов стигне до очите на писателот на текстот и водителот, би сакал да добијам одговор на следниве прашања:

Дали некогаш сте ја имале “честа” со часови да ја слушате (дис)хармонијата во своите црева? И дали, од кога конечно ви скурчило цело тоа “свирење и фалш интонирање” сте помислиле дека е време културно да ги замолите свирачите да здивнат и направат пауза за вечера, одеднаш наоѓајќи се пред отворен (и празен) фрижидер кој подеднакво зачудено и изненадено (по којзнае кој пат) ве гледа и ве прашува “Бараш нешто?”?

Не?

Дали некогаш сте го почувствувале студот кој, без нималку срам и страв, поминува низ милиметарските пукнатини на џамовите и вратите, ќебињата, покривачите, јорганите, јамболиите, кожата и навлегува длабоко во коските, и го нагризува она, и онака малку преостанато, достоинство, човечност и желба за живот?

Не?

Дали некогаш сте ја почувствувале радоста дека конечно се стопил снегот и високо на небото се појавило пролетното сонце, а вие конечно зачекоревте во своите суви (а до вчера утоп мокри) патики?

Не? Никогаш?!

Related Posts

Поддржете не' со клик на Like копчето ↓

Ни значи вашата поддршка 🙏🧐


This will close in 59 seconds