Физичката активност е секоја активност на нашето тело кој ја подобрува или одржува физичката кондиција на телото, нашето здравје во целост, како и нашата добросостојба.

Што сѐ подразбира физичка активност? Најпрвин е движењето, потоа сите други понапорни активности, како различни видови на спорт (пливање, фудбал, кошарка, тенис, итн.), фитнес, боди-билдинг, а тука спаѓаат и умерените физички активности, како џогирање, јога и други спиритуално-физички активности. Физичката активност кога се применува умерено и редовно, без да го оптеретуваме нашето тело или да ги тестираме границите на неговата издржливост, има благопријатен ефект врз нашето здравје.

Еве некои од позитивните ефекти на редовната и умерена физичка активност, која се изведува барем неколку дена во неделата:

Намален ризик од предвремена смрт,

Намален ризик од срцеви заболувања,

Намален ризик од здобивање со дијабетес,

Намален ризик од зголемен крвен притисок,

Намалување на крвниот притисок кај луѓе кои веќе страдаат од зголемен крвен притисок,

Намален ризик од здобивање со рак на дебелото црево,

Намалена депресивност и анксиозност,

Помага во одржување и контрола на телесната тежина,

Помага во развојот и одржувањето на здрави коски, мускули и зглобови,

Помага на постарите лица да бидат посилни и во можност да се движат без да паднат,

Потпомага во одржувањето на психолошка добросостојба.

Физичката активност го потпомага заземјувањето на нашето тело и дух, напрвин како основна функција на кореновата чакра на материјален план, бидејќи е тесно поврзана со нашите коски, мускули, зглобови и црвени крвни зрнца. Потоа, секоја физичка активност има ограничено времетраење и е поврзана со осетот низ целото наше тело, па оттука дава основа за градење на чувство на поврзаност со сопственото тело и чувство на исполнетост кога ќе се изврши одредена активност. Бидејќи секоја активност на почетокот започнува со мали чекори, малите и кратки, но редовни вежби ќе не наградат со чувство на успех и целеисходност во тоа што го правиме. Сите останати придобивки се веќе наведени погоре, а ако доживеете и други придобивки од вашата физичка активност уште подобро. Најбитно од сѐ е да запомнете дека претераната и непланира физичка активност ќе ве преоптовари, што за последица може да има брзо откажување од започнатата активност, замор, чувство на неуспех и последователно намалена самодоверба, како и физичка повреда.

За крај, еве една едноставна физичка активност нареченаСвиткување, која ќе воспостави контакт со вашето тело и ќе ве смири кога сте деконцентрирани, под стрес или испаничени. Оваа техника е дело на Александар Ловен, доктор кој е основач на психолошката дисциплина Биоенергетика, а истата се применува како дел од различни системи на физички вежби и како техника за загревање.

Застанете со нозете раздалечени во должина на рамениците. Вашите петици нека се лесно насочени надвор од телото за да се опушти перинеумот и задницата. Потоа препуштете ѝ се на гравитацијата.

Полека започнете да ги виткате вашата глава и врат кон земјата. Движењето нека биде природно, спонтано и во насока каде ја чувствувате силата на гравитацијата. Нека вашиот ‘рбет се витка надолу како што целото ваше тело полека се движи кон центарот на гравитацијата.

Рамениците нека бидат опуштени и полека спуштајте ги заедно со целото тело, сѐ додека вашите прсти не стигнат најблиску што можете до земјата, без да го напнете грбот. Немојте да се грижите ако не можете да ја допрете земјата со прстите. За оваа вежба не е битно колку сте наведнати, туку колку можете да се наведнете без да се чусвтвувате непријатно или да чусвтвувате голема болка.

Кога ќе завршите со наведнувањето, вашата глава треба лесно да виси на вашиот врат, слично на јаболкото кое виси на гранката од дрвото. Вашите раце и раменици треба да се опуштени и лесно надвиснати.

Како што одмарате во оваа позиција, насочете го вашето внимание на телесните осети. Особено обрнете внимание на вашите нозе и стапала. Почувствувајте ги вашите потколеници, зглобовите, стапалата и петиците на вашите нозе.

Останете во оваа позиција 30 секунди до една минута. Потоа, бавно почнете да се одвиткувате нагоре, почнувајќи со лесно движење на ‘рбетот во исправена позиција започнувајќи од половината. Вашата глава и врат треба последни да се исправат. На крај земете еден длабок здив, или два, и почувствувајте ја разликата.

Под текстот следува видео од истата вежба, која е предложена како вежба за загревање/отпуштање од Здржението за Мултиплекс Склероза.

Без разлика на кој начин ќе изберете да се заземјите преку физичка активност, еден принцип е заеднички за сите техники за заземјување:Нека вашето внимание биде само во вашето тело, а светот искусете го целосно преку сите ваши сетила.

 

 

за zenica.mkЖивко Јузевски, таротолог чиј интерес е поврзување на спиритуалноста, Таротот и психолошките механизми на духовноста во секојдневното живеење, како и унапредување на личниот развој на луѓето преку истражување на духовноста и психата со помош на различните нерелигиозни езотерични системи, како што се Таротот, алхемијата и други системи кои се карактеристични за Западниот систем на окултни гранки. Дел од нив се карактеристични за Швајцарскиот психоаналитичар К. Г. Јунг, кој подетално ги применувал како извор на симболи и контекст за несвесното во неговата аналитичка школа. Денеска, дел од нив се применуваат во трансперсоналната психотерапија, а дел во психосинтезата на Асаџиоли.

Живко веќе 10 години професионално се занимава со примена на Тарот методите за советување на клиенти од спиритуален аспект, додека со изучување на различните Тарот системи скоро 15 години. Тој и понатаму ги изучува суптилните длабочини на Таротот во склоп на Интернет школата за езотерија и тарот со седиште во Тоскана, Италија (Magicka School) и е член на Интернационалното Здружение на Таротолози (Tarot Professionals).

Comments

comments