Во пеколно жешките летни денови, после интензивно зелената преслека на пролетта, природата добива доминантно жолта боја. Сонцето ја разлева својата боја врз земјата и растенијата, импресионирајќи не со секакви нијанси на жолто-зелени и бледникави бои. Сепак, тоа не важи и за зелениото срце на нашата убава Македонија, демирхисарскиот крај кој буквално дише и пулсира со жестоко зеленило во овие горештни денови.Само оној кој го посетил овој прекрасен предел од централниот дел на Македонија знае што значи среде лето да се искусат благодетите на бескрајните зелени шумски предели кои го красат и го облагородуваат со неповторлива и пријатна клима ова парче зелен рај.
Поглед кон демирхисарскиот крај од Бушова Планина, под Крушево

Изборот на местата кои би ги посетиле со цел да изуживате дел од природните благодети и наповторливата убавина кои ги нуди овој крај е навистина неважен. Секое место, секое селце, секоја шума и поле имаат своја уникатна убавина и со себе носат единствени приказни. Сепак, за разлика од веќе конвенционално востановениот избор на места при посета на овој волшебен предел (Бабино, Слепче, Слоештица и други попознати села), нашата off road тура ја насочивме кон оние помалку експонирани и афирмирани села и места кои некако неправедно се подзаборавени и запоставени.

Рамнински импресии покрај с.Сладуево

Село Доленци – природниот дом на мирот, спокојот и зелената тишина

Демирхисарското село Доленци се наоѓа во средишниот дел на етнографскиот регион Железник (Демир Хисар). Сместено е во дол, меѓу ридовите: Задел, Кула и Осон на надморска височина од 720 м. На само половина километар од главниот асфалтен пат кој сообраќа низ демирхисарскиот регион, еднакво асфалтиран пат од десната страна на главниот кога се движите кон кичевскиот крај ќе ве однесе во ова прекрасно местенце.

Мотив од демирхисарско Доленци

Во пазувите на бујното зеленило кое се простира над селото, жителите на ова место ќе ве пречекаат со разигран и возбуден дух, објаснувајќи ги и раскажувајќи ги легендите, приказните и настаните кои го обележале и го значајно ова место (а од кои оваа репортажа ќе биде намерно лишена, со цел да ве поттикне да го посетите и во живо да ги чуете истите). Прекрасната природна околина го има посвоено ова селце чии куќи буквално се сраснати со зеленилото кое ги опкружува.

Уште еден мотив од демирхисарско Доленци

Железнец – изворот на природниот крвоток на Македонија

Иако најпрепознатливо како место од каде што извира една од најголемите македонски реки, Црна Река, ова убаво селце е исто така познато и по својот одличен и квалитетен мед. Сместено на двата брега од почетниот тек на Црна, иако со мал број на жители, селото трепери од немирните звуци на речната вода.

Мотив од Железнец – дрвеното мовче над Црна Река

Куќите се наоѓаат на самите брегови од реката, така што, кај дел од нив чардаците се буквално надвиснати над жуборливата вода. Иако со стара архитектура и прилично мал број на реновирани или поодржани куќи, селцето го има својот автентичен дух кој го прави симпатично и допадливо местенце во очите на посетителите.

Стара куќа во Железнец

Изворот на Црна Река што се наоѓа во ова село е приказна за себе. Импресивен со својата избувливост на водата буквално од под карпа, неговата ладна вода не ве остава повеќе од десет секунди да ги ладите вашите раце или нозе во неа. Бистрината на истата ве мами да вкусите некоја голтка директно од самиот извор. За жал, оваа река која е една од оние со најубаво течени кај нас, чистотата на водата денес ја има само во близина на изворот. Дури и во малку подолниот тек во селото веќе се забележува негрижата и невнимателноста на човечката несовесност.

Изворот на Црна Река во Железнец

Спојот на двата тека кај изворот

Под закрила на густата шума која го освежува воздухот и го разбиструва погледот со своето зеленило, Железнец е гостопримливо место кое ќе го израдува секој еден кој ќе го посети, како со природната убавина, така и со својата архитектура.

Мотив од Железнец

Село Велмевци – завиено катче од кое пулсира непокорниот дух и убавина на македонскиот народ и земја

Сместено на падините од Илинска Планина, Велмвевци се наоѓа не нешто помалку од 1.000 метри надморска висина (поточно, околу 950 м.н.в.). Една од поимпресивните знаменитости кои ќе ги сретнете на сретсело е селската чешма со своите три легендарни шопурки кои со еднаков интензитет нудат мерак ладна вода за освежување од која нема да можете да се наситите пиејќи.

Селската чешма во Велмевци

Селото и неговата околина изобилуваат со извори (и воопшто, целиот демирхисарски крај е пребогат со вода, од што извира и неговата зелена раскош), дабова, букова и зимзелена шума. Прошетките по падините на Илинска Планина ќе остават длабок впечаток кај посетителите. Природата освојува со својот свеж воздух кој го нудат природните планински сенки, благиот мирис на флората и силниот мирис на шумата и посебно зимзелените убавци.

Шумски убавини над Велмевци кон месноста каде што се наоѓаат остатоците од прастарата црква Марина Марена

На ридот Черешна (наречен по старата цреша што се наоѓа на рамнината од неговиот навјвисок дел) се наоѓа и гробот на еден од легендарните борци за ослободување од османлиското ропство, војводата Јордан Пиперката, како и гробовите на дел од неговата дружина. Иако ова место пулсира со митска аура и е поврзано со една од позначајните лич ности од македонската историја, за жал, патот до самиот комплекс на споменикот не е означен ниту маркиран со ниту една ознака или патоказ.

Патот кон споменикот на војводата Јордан Пиперката

Комплексот со споменикот посветен на Пиперката и гробовите на Јорадан Пиперката и дружината на ридот Черешна

Велмевци е место кое ужива и дише во спокојниот пулс на бујното природно опкружување во кое лежат неговите куќи. Импресиите кои ќе ги добиете и со кои ќе ве испрати ова легендарно место ќе ви го наполнат срцето со спокој и погледот со природна живост. Враќањето овде, на повторна посета е неминовно.

Поглед на Велмевци

Село Цер и Церско Поле – уникатен спој на историја и природа

Село Цер се наоѓа во горниот дел од демирхисарскиот крај, близу до Кичево и Крушево. Сместено е на надморска височина од 990 m до 1050 m, во подножјето на планината Баба Сач (1695 m) од север и Лубен (1764 m) од југ. Цер и неговото поле се место со двојна уникатност.

Церското Поле претставува најголемо карстно поле во Македонија (површина 9,5 км2, должина од 7,5 км, широчина 3,7 км). Сместено е на надморска височина од 990 m до 1050 m, во подножјето на планината Баба Сач (1695 m) од север и Лубен (1764 m) од југ. Низ селото минува Церска Река која низводно од селото понира и се движи во подземјето на Церското Поле. Заедно со неколку околни реки, Церска Река излегува на површина кај селото Железнец и го образува врелото на Црна Река.

Дел од Церско Поле

Исто

Од друга страна, во историски контекст, село Цер е најпознато како место во чија близина се одиграла една од најлегендарните битки во периодот на османлиско ропство под кое била Македонија, а во која загинува еден од најголемите борци за слободна Македонија и една од најмаркантните личности во нашата борбена историја – војводата Христо Узунов.

Спомен обележјето и гробовите на Христо Узунов и неговата чета

Цер е село кое, заградено од две страни со две прекрасни планини, и со отворен поглед на југо-запад, нуди автентичен и неповторлив спој на низински и планински убавини.

Дел од зелените убавини на падините од Лубен

Поглед кон Церско Поле од горниот крај на селото

Село Белица – зелен сјај на крајот од демирхисарскиот рај

Ова мало и по површина и по населеност село, иако изобилува со раскош и природен сјај, е домаќин и на тагата што со себе ја носи иселеноста на луѓето. Иако земјишната површина е прилично обработена, сепак, малиот број на жители во селото ќе ви кажат дека нивниот број е сериозно во опаѓање.

Поглед кон Церско Поле од горниот крај на селото

Сепак, ова е село кое се наоѓа на границата помеѓу кичевскиот и демирхисарскиот крај кое во полн сјај ја пие убавината на неговата природна средина, независно од бројот на жители. Токму поради тоа и вреди почесто да се посетува.

Природен карпест тунел кај Белица

Поголем дел од реката која тече низ селото е искористена за наводнување на селските бавчи со што тие имаат неповторлив раскошен изглед, бујност и живост.

Попатно, на враќање кон последното одморалиште во оваа off road турнеа, селото Журче и манастирот Св. Атанасиј, ја посетивме и неоправдано запоставената и неафирмирана пештера Гоља Пеш. Иако се наоѓа на педесетина метри од главниот асфалтен пат (од лева или од десна страна, во зависност во која насока се движите), сепак, оваа пештера не е означена со никаква патоказна или обележувачка маркација на самиот пат, а ниту пристапот до истата воопшто не е пријатен и згоден од бујноста на флората и каменестиот и шумски предел.

Влезот на пештерата Гоља Пеш

Иако мала по површина и пространост, Гоља Пеш е пештера која вреди да се посети од чиста љубопитност, а и од искуствен аспект, да се види интересната внатрешност на истата во целост поради тоа што воопшто не е нешто посебно голема. Се наоѓа близу до свртувањето за село Велмевци од главниот пат, десно доколку се движите кон Демир Хисар, лево доколку се движите во правец на Цер и кичевскиот регион.

Горниот излез (отвор) на Гоља Пеш

Манастирот Свети Атанасиј Александриски, село Журче – место на духовен и земски баланс

Сместен во предел кој вришти од зеленило и шума, над демирхисарското село Журче, овој манастир, верувајте, ќе ве плени со својата местоположба, опкружување, како и со неговата одлична уреденост и организираност.

Манастирската црква, посветена на Свети Атанасиј Александриски е изградена, а воедно и зографисана во првите децении на XVII век. Кон крајот на XIX век, конаците на манастирот се урнале во целост, па набргу потоа овој сакрален објект изгубил секаково значење за тамошните жители. Во поново време (поточно во 1998 година) храмот е обновен и биле подигнати ново конаци, така што повторно бил воспоставен монашкиот ред во Журче, овој пат како женски манастир.

Поглед кон манастирскиот комплекс од кај Журче

Станува збор за трикорабна црква со правоаголна основа. Отворениот трем пред влезот во нартексот е засводен со калота на која се наоѓаат најинтересните фрески на коишто се илустрирани портретите на словенските светители Јован Рилски и Јован Осоговски, како и илустрациите на календарските месеци со прикази на најкарактеристичните дејства во секој од месеците. Станува збор за оригинално прикази од овој тип, што претставуваат отстапување од вообичаената тематика во средновековното црковно фрескосликарство.

Манастирската црква

Сестринството од овој манастир се занимава со повеќе дејност, во зависност од годишниот период. Земјоделие, мало сточарство, пчеларство – тоа се главните преокупации на сестрите од Свети Атанасиј Александриски. Покрај тоа, во зимскиот период се занимаваат со преведување на духовна литература која потоа им е достапна на посетителите доколку сакаат да ја набават. Манастирот си има своја вистинска мала сестрана економија, па таму можете да купите од медот кој се произведува, литературата, црковни предмети и други сувенири кои ќе ве потсетуваат на ова прекрасно парче духовен рај во кој духовното и световното се спојуваат на најубав можен начин.

Манастирските конаци и дел од манастирската бавча

Тука некаде завршува и оваа импресивна и возбудлива on and off the road авантура. Физички изморени, но духовно и искуствено незаменливо богати и исполнети, си одиме дома. До следната прилика, нека ве инспирираат нашите скромни зборови и фото евидентирани искуства за и вие да се впуштите во некоја слична авантура и да ги запознаете поубаво убавините на Македонија.

Зајдисонцен панорамски поглед на демирхисарскиот крај                                                                                  

Автор: Александар Војнески
(написот е првично објавен на http://www.taratur.com)

Comments

comments