Почитувани,

Здружението на граѓани за мотивација и посреќен, поисполнет и попродуктивен живот на сите луѓе, особено на лицата со физичка и ментална попреченост НОВА ИСКРА Скопје, кое како примарна цел има презентирање, промовирање и заштита на животот и делото на ИСКРА ДОНЕВА како мотивирачка успешна приказна и други активности за успешно завршување на хуманитарната акција за собирање средства за нејзин медицински третман со матични клетки и подобрување на егзистенцијалните услови, има чест да ве покани на промоција на најновите дела на Искра Донева, која ќе се одржи на 10-ти јуни во 20:00 часот во киното „Фросина“.

Искра

Книгите „Скакулче игра плочка“, „Татко“ и „Лазарополски хаикуа„ се од жанрот хаику поезија.

Промотори на книгите ќе бидат реномираните автори и професори Александар Прокопиев и Владимир Мартиновски, како и Жарко Кујунџиски, додека поезијата ќе ја интерпретира докажан актерски тим предводен од шармантната актерка Арна Шијак.

Со своја музичка програма настанот ќе го збогати интернационално познатиот етно состав Љубојна.

Ви претставуваме неколку хаикуа на Искра преземени од новиот и единствен сајт за хаику во Македонија – www.haiku.mk:

 

Леб без сирење…
Штрбни мала трошка од
месечината.

***

Истурен сок.
Мравка мисли плови по
Жолтата Река.

***

Дрва за огрев
сечат… а кој ќе ги
згрее птиците?

***

Врапче се сели
во напуштено гнездо
од ластовица.

***

Средина на март,
стреата обеззабена -
падна мразулец.

***

Напукнат мраз.
Низ него никне нежно
бело кокиче.

***

Неподарен шал
стинее во стар плакар -
изѕемнет гол врат.

 

Ви ветуваме доживување што не смее да се пропушти!

Поканата е отворена за сите добронамерници.

Во тој контекст, парите од продажбата на книгите ќе бидат искористени за лекувањето-третманите кои Искра би требало да ги добие во Русија.

Да бидеме таму, заедно за Искра!

 

*новостите врзани за официјалниот настан објавен на „Фејсбук“ може да ги следите овде.

Comments

comments