Со години чекореше во мртва темнина. Исплашен и збунет, ги слушаше гласовите и го чувствуваше присуството на некои непознати луѓе околу тебе, но и покрај тоа што силно се напрегаше неможеше да ги видиш нивните вистински лица и распознаеш кои се..

walking-in-darkness

                Секој ден се прашуваше што бараш овде, се прашуваше која е причината за твоето постоење, се до тој ден кога реши да се предадеш и кога пред тебе ширум се отвори порта низ која продираа зраци чиста бела светлина кои ја растеруваа темнината која себично те опкружуваше. Твоите очи беа навикнале на темнината и сега беше поисплашен од претходно. Сепак смогна храброст и се приближи до отворената порта и низ неа ги виде белите скалила кои водеа некаде нагоре. Стоејќи на само неколку чекори од скалилата, се прашуваше дали да тргнеш по нив..и каде ли ќе те одведат?! Не размислувајќи повеќе, направи чекор напред и твоето десно стапало се најде на првото скалило. За последен пат се вртиш кон темнината и таму здогледуваш илјадници исплашени, бледи ликови кои покривајќи си ги очите со рацете, панично врескаат, обидувајќи се да те премислат во твојата, за нив, луда намера..

walking-in-light

               Врескањата и лелеците стануваат далечни, а ти и покрај стотиците искачени скалила не чувствуваш замор. Напротив, се чувствуваш пријатно, задоволно и безбедно. Но одеднаш скалилата го менуваат својот правец и наместо угоре, почнуваат да те водат удолу. Светлината е заменета со темнина, а твојот страв повторно е тука. -Дали да продолжам?! – се прашуваш..за да, по кратко, сфатиш дека си потполно сам и никој друг освен ти неможе да ти даде одговор на прашањето. Погледнуваш назад и сфаќаш дека ова е точка од која враќање нема. –Мора да продолжам! – се убедуваш и правиш несигурни чекори, придржувајќи се по правливите и лепливи ѕидови. Одеднаш те удира тешка реа, а под своите нозе чувствуваш некаква леплива, лигава течност..

going-in-darkness-again

              Со уште понесигурен од продолжуваш да чекориш низ непознатото. Туѓите брзи чекори кои ги слушаш позади себе те смрзнуваат во место. Стоиш и чувствуваш некакво туѓо, непријателско присуство.. Чувствуваш пар очи кои крвожедно те демнат и го чекаат совршениот момент за да ја одвојат душата од твоето тело. Се вртиш и исплашено ја подаваш напред растреперената рака..

           Колку и да си исплашен, продолжуваш да чекориш напред со забрзан чекор. Најпосле скалилата го менуваат својот правец и повторно почнуваат да те водат нагоре. Темнината почнува да се повлекува пред светлината. Но и покрај се, сеуште го чувствуваш студеното непознато и непријателско присуство позади себе. Продолжуваш да се искачуваш и по десетина скалила ги снемува туѓите чекори. Се вртиш и неможеш да си поверуваш на сопствените очи. Целосно си запрепастен од глетката пред тебе: на десетина скалила подолу од тебе стоиш ти, но со избледнето лице, со вдлабнати, испиени очи, со распаднато тело на кое висат неколку парчиња распарталена облека.. Брзо одмавнуваш со главата и продолжуваш да се движиш нагоре..

              Беспрекорно чистите бели скалила те водат пред врата. Бела и отворена. Влегуваш низ неа и се наоѓаш во соба со бел мермерен под, наредена со бел мебел. Удобно се сместуваш во една од белите фотељи, веднаш наспроти..се трудиш да распознаеш што е тоа што седи спроти тебе, но залудно. Единствено што гледаш е светлина. Погледнуваш подобро и сфаќаш дека ова не е ништо друго, туку изворот на светлината..

heavens-door

       -Која е смислата на моето постоење?! – прашуваш, а светлината пред тебе станува застрашувачки заслепувачка. Исплашен, ги затвораш очите и ги покриваш со рацете, но залудно. Светлината пробива низ рацете, очните капаци и навлегува во тебе низ секоја твоја пора. Колку повеќе се противиш да ја увидиш и прифатиш, толку поголеми се притисокот и болката кои ги чувствуваш. Најпосле полека ги тргаш рацете и уште пополека ги отвораш очите.. Пријатно, блажено чувство те исполнува сиот. Пред твоите очи гледаш знаци, букви и симболи никогаш и никаде видени, а низ твоите уши продираат ноти никогаш и никаде слушнати. –Сега е се појасно. Ти благодарам. –шепотиш скоро нечујно и понизно..

            P.S. “-Тоа што лежи длабоко во тебе, тоа што го потиснуваше и негираше, тоа од што се срамеше, плашеше и го криеше со години, тоа е мојот благослов..”

Comments

comments