На планетава постојат суштества кои имаат не 1, не 2, туку 3 мозоци. Се работи за некои чудни животни или вонземјани? Ниту за едното ниту за другото. Тоа сме ние, луѓето.

троен мозок

Во шеесеттите години од минатиот век, неврнаучникот Пол Меклејн го формулирал својот модел за еволуцијата на мозокот и однесувањето, нарекувајќи го „троен мозок“. Голема популарност оваа теорија добива со книгата објавена во 1977 година,Змејовите на Рајот на Карл Саган, за која тој ја добил Пулицеровата награда.
За што всушност се работи?

Пол Меклејн

Прикаската е еволутивна. Имено, според Меклејн, во текот на еволуцијата, се развиле три еволутивни стратуми од кои секој се градел врз постариот слој пред него, слично како она што може да се пронајде на археолошките наоѓалишта. Тој ова го нарекол „троен мозок“. Триве мозоци, функционираат како три „мрежно поврзани“ биолошки компјутери, секој со своја посебна интелигенција, свој субјективитет, со своја меморија и свое чувство за простор и време. Првиот „слој“ е, како што Меклејн го нарекол, Р-комплексот или рептилскиот мозок, составен главно од мозочното стебло и церебелумот. Вториот е лимбичкиот или палео-цицачкиот систем, а третиот е нео-цицачкиот систем или неокортексот. Секој од овие три мозоци е поврзан преку нервни патишта со другите два, но изгледа дека секој од нив функционира како посебен мозочен систем со свои различни капацитети.

троен мозок

Од своето појавување па натаму, хипотезата на Меклејн се разви во доста влијателна парадигма која ги принуди невронаучниците да го ревидираат своето знаење за тоа како функционира мозокот. Претходно, постоеше уверување дека највисокото ниво на мозокот, неокортексот според оваа терминологија, доминира со другите пониски нивоа. Меклејн покажа дека тоа баш и не е така, илустрирајќи дека физички и еволутивно понискиот систем, лимбичкиот, кој управува со емоциите, може многу лесно да ги „киднапира“ повисоките ментални функции, речиси по желба.

троен мозок

Интересно е во овој контекст да се спомене и повлече паралела со голем број езотерични и спиритуални традиции кои учат за слична идеја, на три полиња на свеста, па дури и за три мозоци. Гурџиев на пример сметал дека човекот е тримозочно суштество. По еден мозок постои за духот, еден за душата и еден за телото. Слични идеи може да се пронајдат во Кабалата, Платонизмот но и на многу други места каде што постои јасна асоцијација на духот со главата (каде што реално е и сместен мозокот), душата со срцето и телото со стомакот. Тука неизоставно мора да ја споменеме и парадигмата на чакрите, односно идејата дека постојат одредени точки или центри (жаришта) низ телото и рбетот кои кореспондираат со јазлите на свеста, поставени во растечки редослед, секоја посуптилна од претходната, метафизички коресподенти на ендокрините жлезди.

езотерични емоции во мозокот

Најконтроверзен и најзагадочен е т.н. Рептилски мозок, па ќе започнеме со него.

Рептилски Мозок

Првиот, најстар комплекс гледано од еволутивна перспектива е т.н. Рептилски Мозок. Него Меклејн го нарекол Р-комплекс, се нарекува уште и архипалиум, често се користи терминот базален мозок, а се состои од мозочното стебло – медулата, понсот, церебелумот, мезенцефалонот, најстарите базални ганглии и олфакторните булбуси.

мозок

Кај животни како што се рептилите доминираат мозочното стебло и церебелумот. Ова е и причината заради која бил наречен Рептилски мозок (можеби поклониците на Дејвид Ајк ќе бидат разочарани, но што е тука е). Во него се вградени истите типови на архаични типови на однесување како што на пример се среќаваат кај змиите и гуштерите. Тој е ригиден, опсесивен, компулсивен, ритуалистички, параноиден и полн со „наследна меморија“. Може да ги повторува истите однесувања повторно и повторно, без да научи од грешките што ги прави (нешто што се нарекува механички мозок). Овој мозок ги контролира мускулите, рамнотежата и автономните функции како што се дишењето, отчукувањето на срцето и е активен дури и во најдлабок сон.

рептилски мозок

Рептилскиот мозок е себичен и егоцентричен, емпатијата му е непозната работа како и трпението. Се што нема врска со неговиот опстанок или непосредна добросостојба не го интересира. Знае да биде избувлив заради тоа што сака да носи брзи одлуки. За тоа да се случи сака да има јасна состојба пред себе, сака да го гледа светот во црно и бело, затоа што контрастот е база за сигурни одлуки. Доколку не е така, запаѓа во состојба на мачна конфузија, во која е како укочен и не знае што му се случува. Нема дополнителни механизми за акција освен оние вградените, креативноста е измислен поим за овој мозок.

рептилски мозок

Рептилскиот мозок е агресивен, територијален и исклучителен акцент става на доминацијата. Сака брзо препознатливи работи, веднаш опипливи и материјални. Нешта кои му изгледаат пријателски, пријатно и по можност фиксно, непроменливо. Работи како „флексибилни решенија“, „интегрален пристап“, „скалабилна архитектура“, „идејна комплексност и креативност“, едноставно не може да ги процесира и не ги разбира. Има краткотрајно внимание, се одликува со нестабилност и обично го памети почетокот и крајот, она што е во средината речиси комплетно го заборава. Рептилниот мозок е нагласено визуелен и ги процесира ваквите стимули многу побрзо од другите невростратуми, па ако на пример забележи опасност, да речеме нешто што му личи на змија, тој веднаш носи одлука и реагира, пред неокортексот воопшто да ја препознае. Силно реагира и е поттикнат од емоции. Постојат многу докази во кои јасно се покажува дека „емоционалните коктели” директно влијаат врз тоа како се процесираат и меморираат информациите во рептилскиот мозок.

рептилски мозок 

Лимбички систем

Во 1952 година, Меклејн за прв пат ја лансира кованицата „лимбички систем“ за средниот дел на мозокот. Тој е исто така познат и под термините палеопалиум, палеоцицачки (стар цицачки) или среден мозок. Кореспондира со мозоците на повеќето цицачи, а особено раните цицачи. Лимбичкиот систем најмногу се бави со емоциите и инстинктите, исхраната, борбите, бегствата и сексуалното однесување. Според Меклејн, се во овој емоционален систем е или „пријатно или непријатно“. Лимбичкиот систем гледа на опстанокот како на избегнување на болката и повторување на задоволството. Би се рекло, има „хедонистички став“ кон животот.

лимбички систем

Ако овој дел од мозокот го стимулираме со слаба електрична струја, се појавуваат разноразни емоции (страв, радост, бес, задоволство, болка, тага итн.). Не е пронајдена единствена локација на која одредена емоција е резидуална, но Лимбичкиот систем како целина јасно е дека е примарното седиште на емоциите, вниманието и афективната(емоционално набиена) меморија.

бесно маче

Во физиолошка смисла тој ги опфаќа хипоталамусот, хипокампусот и амигдалата. Ни помага во одредувањето на валенцијата (дали кон нешто имаме позитивен или негативен став, во Будизмот познато како ведена – „чувство“), и значајноста (што ни го преокупира вниманието). Знае да биде непредвидлив и да манифестира креативно однесување. Карактеристична е огромната поврзаност преку нервни врски со неокортексот со што се отвара патот мозочните функции обично да не се ниту чисто лимбични ниту чисто кортикални туку обично некаква пропорционална мешавина од двата системи. Неретко не можеме да ги препознаеме и одвоиме кога сакаме да сме „објективни“.

лимбички систем

Меклејн тврди дека открил физичка основа во Лимбичкиот систем за догматските и параноидните тенденции, биолошка основа за тенденцијата да се рационализираат желбите и субординираат чувствата. Според него, моќта на Лимбичкиот систем е голема и тој е опасна творевина. Многу често тој е „главниот“ мозок од трите, а ниту е рационален, ниту пак се грижи строго за чистиот опстанок и репродукција. Неможе да му се залепи и етикетата на ирационалност, но како што Меклејн гледа на работите, овој палео цицачки мозок е седиште на нашите ставови, вредности, судови за другите, предрасуди и слични творби а не понапредниот неокортекс кој далеку подобро би се снашол во таа улога. Лимбичкиот систем е тој што решава дали да му се дозволи на нашиот понапреден мозок, неокортексот да одлучува за работите и уште повеќе, „му ги проценува“ идеите, дали се добри или лоши, дали му се чинат, односно дали ги „чувствува“ како добри или лоши. Ако имате „чувство“ за нешто, некаква интуитивна помисла, а не рационално изграден став кон некого или нешто, бидете сигурни дека тука замешал прсти Лимбичкиот систем кој сака да го искоординира однесувањето а сепак има недоволна детерминантност тоа да го направи како што на пример веднаш би го направил Рептилниот мозок.

 клуч до мозокот

Неокортекс

Неокортексот е исто така познат под повеќе имиња, меѓу кои церебрум, кортекс, неопалиум, неоцицачки мозок и други. Тој сочинува пет шестини од човечкиот мозок, две третини од вкупната мозочна маса и е најновиот еволутивно гледано мозочен стратум кој го поседуваат во поголем степен само приматите и човекот. Тој е оној дел кој не дефинира како разумни луѓе, задолжен предимно за интелектуалните процеси, но и со капацитет за контрола врз сите други процеси во централниот нервен систем. Според Меклејн, кортексот е „мајка на пронајдокот и татко на апстрактната мисла“. Заради неговите капацитети ние можеме многу повеќе во однос на целиот останат жив свет.

мозок

Процентуално во однос на другите цицачи, го имаме најмногу и тој претставува последно „чудо“ на еволуцијата, нејзин најнапреден изданок. Она што не разликува од другите животни главно е сместено во кортексот а не во другите два дела. Присутен е кај најголемиот број на животни, но е релативно помал, со многу помалку набори кои укажуваат и на помала комплексност и степен на развој. Интересен факт е тоа што ако на еден глушец му се екстрахира кортексот, тој ќе продолжи да се однесува релативно нормално (барем гледано отстрана), додека човекот без кортекс практично само вегетира.

мозочни бранови

Структурно гледано, Неокортексот е поделен на две половини, фамозните лева и десна хемисфера. Левата ја контролира десната страна на телото а десната левата страна. Во однос на повисоките интелектуални капацитети, левата хемисфера е одговорна за аналитичкото и апстрактното размислување, организацијата и деталите, примањето на информации, следење на инструкции, вербалната и пишана комуникација, логиката, расудувањето, математиката и научната мисла. Додека десната е подобра во просторното снаоѓање, апстрактното изразување, поседува холистички аспект на работите, подобра е во решавање на проблеми, креативното размислување, интуицијата, емоционалната комуникација, уметноста и музиката.

мозочни хемисфери

Кортексот е одговорен за комплексна анализа на дразбите, без оглед од каде доаѓаат, научената моторна контрола, ги носи учењето и меморијата на едно високо ниво каде што се достапни за процесите на апстрактно и рационално размислување. Овој мозок е одговорен за свесното планирање, интроспекцијата и самосвеста. Тој размислува, планира, се грижи и пронаоѓа истовремено. Во моментов не познаваме поинтелигентна творба било како форма на живот или вештачка креација и токму овој сегмент од тројната мозочна трансферзала е оној кој ја прави реска границата меѓу нас и останатите животни на планетава, а не другите два.

троен мозок

Доколку се случи пад во комуникациите меѓу деловите на тројниот мозок обично се појавува патолошко однесување. На пример расцепот меѓу рационалното и емоционалното кој се среќава кај шизофренијата. Уште повообичаено, сите ние сме искусиле состојба на привремен пад на нервните комуникации меѓу овие сегменти кога имаме ненадеен излив на емоции, а за тоа време нашиот рационален ум е свесен за тоа што се случува но не може да воспостави контрола врз однесувањето. Всушност, во таква ситуација може да се почувствуваме како да сме две индивидуи во едно. Едната која го манифестира однесувањето, под влијание на палеоцицачкиот и рептилскиот мозок, и друга која е пасивен набљудувач, под влијание на неокортексот. Сосема е можно во ваков случај префронталната врска меѓу неокортексот и лимбичкиот систем (главната невро-врска помеѓу овие два дела) привремено да се блокира заради хиперактивноста на лимбичкиот систем кој во дадена ситуација премногу емоционално се возбудил. Како резултат на ваквата ситуација рационалниот мозок неможе да го регулира нашето емоционално, инстинктивно однесување.

рептили

Според Меклејн, иако можеби постои уверување дека рационалниот, неомамалски мозок, кортексот, е „главен“, тоа не е точно, туку таа улога му припаѓа на палеомамалскиот мозок, кој е седиштето на емоциите и е одговорен за перцепцијата на вистината, односно реалноста. Уште повеќе, овој дел е одговорен за чувството за единство со универзумот кое се асоцира со мистичните, религиозните, екстатичните и слични состојби кои се постигнуваат со употреба на некои дроги. Меклејн смета дека најзначајната психо-филозофска импликација која е од фундаментално значење и која произлегува од неговата теорија е дека нашите т.н. рационални перцепции на вистината не се ништо друго туку само неокортикални рационализации на чувствата кои се изливаат од лимбичкиот систем – центарот на емоциите. Ова неминовно го поставува прашањето, како тогаш да имаме доверба во нашите идеи, ставови и верувања за себе и за светот околу нас?

троен мозок

(статијата е оригинално објавена на порталот www.psiha.com)

Comments

comments