Lasko Dzurovski

Работи како графички дизајнер и има преку 30 години работно искуство во областа на графичкиот дизајн и 20 – годишно искуство во типографијата. Бил активен и во полето на деветтата уметност (стрипот), член е на Макстрип форумот и имал учество во разновидни и интересни проекти. Препознатлив е како автор на најпопуларниот македонски кириличен фонт “Скола” и автор e на вкупно 320 авторски фонтови, а во последно време е актуелен со Типокујна. Ние ја погледнавме неговата работа и во најмала рака сме воодушевени!

BeFunky_wbv0d.jpg

Skola

1. ЛАСКО ЏУРОВСКИ Е..

Зависник од типографија, вљубеник во македонската кирилица. По професија сум дипломиран економист кој се занимава со типографија и графички дизајн. Сопственик на дизајн студиото ТОТЕМ од Скопје.

2. ОД КАДЕ ЉУБОВТА КОН ФОНТОВИТЕ И НИВНАТА ИЗРАБОТКА? 

Погледнете околу вас, во медиумите, на телевизиите, фирмите, натписите, насекаде се провлекува по некоја буква која не припаѓа на македонската кирилица. Тоа ме поттикна да се обидам на некој начин да се борам против ваквите недоследности. Адекватен начин за тоа беше да изработам сопствени, авторски фонтови кои ќе помогнат да се елиминира овој проблем. Радува фактот што сѐ повеќе стануваме свесни за тоа. Јас презентирав примери во кои луѓето пишуваат со сопствен ракопис – во нив немаше НИТУ ЕДНА погрешно напишана буква. Токму тоа дефинитивно го лоцира проблемот – компјутерите, поточно, фонтовите кои се користат на компјутерите. Во повеќето кирилични фонтови кои се достапни на интернет, македонските кирилични букви не се вклучени, ова посебно се однесува на косите (Italic) стилови. Корисниците доаѓаат во ситуација да немаат избор и според објаснувањето на повеќето од нив, принудени се да го користат она што го имаат и свесно прават грешка, користејќи го најчесто објаснувањето „немам што да правам, таков е фонтот!“. Тоа не е сосема точно, треба само да се има желба да се пишува правилно, конкретно, во системските фонтови кои имаат кирилична поддршка, вклучени се, покрај останатите, и македонските кирилични букви, само треба истите да се побараат и применат.

Ja ubivaat li

 3. ШТО Е ТИПОКУЈНА И КОЈ Е “КУМОТ НА ИМЕТО”?

ТИПОКУЈНА е 10-дневна работилница која ја организиравме во соработка со Creative Exchange, иницијатива за ширење и подобрување на креативните полиња во Македонија. Целта на Типокујна е да се едуцираат млади дизајнери, со мое менторство,  да изработуваат фонтови кои ќе содржат правилно конструирани македонски кирилични букви. Наидовме на одлично разбирање и соработка од страна на одговорните лица на Архитектонскиот факултет кои ни отстапија просторија во која работилницата се одржа. Со задоволство можам да констатирам дека од Типокујна произлегоа 12-тина нови фонтови изработени од македонски автори со што ќе ја збогати сиромашната македонска фонт сцена. Овие фонтови беа презентирани на јавноста по завршувањето на Типокујна на соодветна изложба на Архитектонскиот факултет кој го сметам како соодветно место за презентација на активностите од областа на типографијата. Во „тенџерчето“ на Типокујна свои зачини ставија 20 дизајнери од Македонија. Што се однесува до името, јас сум „кумот“, го смислив името и го изработив комплетниот визуелен идентитет на Типокујна.

tipokujna copy copy

 4. КАКО МОЖЕ А СЕ КОРИСТАТ ОВИЕ ФОНТОВИ?

Фонтовите од Типокујна  се слободни за преземање од страницата на Creative Exchange (http://www.cx.mk/tipokujna2013/ ) и можат слободно да се користат за некомерцијални проекти.

SkoridPro

Skorid 

5.  ПРОЕКТ СО КОЈ НАЈМНОГУ СЕ ГОРДЕЕТЕ?

Проектот „Македонски кирилични фонтови“ за Министерството за информатичко општество и администрација. Овој мој проект промовираше вкупно 81 фонт, 40 од нив се наменети за употреба исклучиво во Владата на РМ и нејзините институции (фамилијата StobiSans и StobiSerif која поддржува пишување на 80 светски јазици). Останатите фонтови, 2 фамилии со вкупно 40 фонтови (SkolaSans и SkolaSerif) и еден скрипт фонт (Alexa) се наменети за слободна употреба и достапни се за преземање на веб – страницата на МИОА. Со задоволство можам да кажам дека Skola е еден од најупотребуваните фонтови на македонските медиуми. Интересно е тоа што името Skola повеќето го поврзуваат со Школо,  значи школски фонт, а всушност името е комбинација од буквите на моето име – Ла-ско = Ско-ла. Македонската кирилица е прекрасно писмо, нашите кирилични букви многу лесно се пишуваат и уште полесно се читаат текстовите напишани со нив. Треба само да внимаваме на нивната доследна примена, да ги користиме можностите кои ни ги дава технологијата за да ја унапредиме и развиваме македонската кирилица. Таа опстоила и во потешки времиња од денешниве, опстојува денес и ќе опстои и во иднина. Кирилицата е бесмртна! Таа може само да еволуира и да се развива, се разбира со наша помош и залагање.

StobiSerif

 6. КОИ СЕ ВАШИТЕ ИДНИ ПРОЕКТИ?

Еден проект ме преокупира во моментов, а најверојатно така ќе биде и во текот на целата оваа година – добитник сум на првата награда на меѓународниот конкурс што го распиша Народната банка на РМ за дизајн на новите македонски банкноти од 200 и 2000 денари. Задоволен сум со она што го сработив и посветен сум на изработката на финалните цртежи за да се реализира овој проект. Тој во себе вклучува и типографски елементи, на мое големо задоволство.

Во првиот квартал на оваа година почнува интернационалната дистрибуција на една фонт фамилија која ја креирав за една од најпознатите светски компании која се занимава исклучиво со продукција на квалитетни мултијазични фонтови.  Тоа ми причинува задоволство, но истовремено ми создава и голема одговорност. Повеќе детали за ова ќе објавам наскоро.

Related Posts

Поддржете не' со клик на Like копчето ↓

Ни значи вашата поддршка 🙏🧐


This will close in 59 seconds