Еден гитарист

 

Беше гитарист веќе 20-тина години и дел од безброј фестивали насекаде низ стариот континент, но истовремено беше повеќе абнормален отколку успешен. Ептен ги ценеше „Пинк Флојд“ и Азис.

Особено го болеа срцето и левиот бубрег од десно, накај средина, кога некој аматер ќе почнеше да ја свирка „Милионерче“ со неправилен ритам.

„Живи бруки“ – си велеше сам на себе гласно додека пешачеше.

„Ме болат срцето и левиот бубрег од десно, накај средина, кога некој аматер ќе почне да ја свирка „Милионерче“ со неправилен ритам. По ѓаволите со вас, аматерите.“

Се мислеше кој му е поголемо музичко влијание.

И (мислам дека) се уште се мисли.

Го гонеше една мисла: „балансот е клуч на сите успеси и радости во животот“.

Кога ќе му се случеше нешто неубаво, ќе ја помислеше таа мисла и проблемите исчезнуваа како пареа.

Коцкањето го впрегна во апсурдистичката кочија на паралелното себепронаоѓање и себегубење. (Што тоа и да значи.)

Еднаш ми се пофали дека бил на неколку дена до Холандија на одмор.

„Со кои пари бе?“

Рече дека се занимавал со продажба на мебел, а од пред некој ден преминал и на бела техника. Си го продал фрижидерот.

Беше супер-популарна фаца за сите женски профили, а до некаде и анфаси.

„Каде за Нова?“ – го праша една кадрава плавуша со црвен фустан и потпетици со должина на врвот од нејзиниот нос.

„А бе, си се фарбала? Си направила пластична операција на носот? Зошто си ги облекла тие потпетици со должина на врвот од твојот нос? Откај бе ти тука?

А која си ти уствари? Од кога си кадрава? Откај црвениот фустан, ма? Ја знаеш ли сцената со жената со црвениот фустан од „Матрикс“? Ти текнува ли која беше пораката од тој момент? Знаеш ли да читаш филмски пораки и зошто не? Нели „Матрикс“ е најфилм? Нели?“

„А?“

„Не слушаш добро, а? Што ќе правиш за Нова?“

„Па, ќе гледам да гледам филм.“

„И јас. Леле какви коинциденции по светов.“

Guitar_Player

Comments

comments