(Читај-Слабокарактерни)

Пред да се префрлиме на темата од задглавието да проследиме една слика на хиерархија

20150219_122050

*За да се приспособиме во некои “клубови ” на луѓе, сликовито минуваме вака (од врв до дно)*

Како ќе ги препознаете?

Обично се тивки за секоја дискусија која навлегува во размер на кавга, избегнуваат одговорност и бурно реагираат кога треба да се соочат со нешто (најобичен пример- да вратат продукт со поминат рок кај продавачот). Најголем страв им е спротивставувањето. За себе имаат изградено висока слика, се прикажуваат како мирољубиви, друштвено посакувани личности, што всушност е вистина, бидејќи нивниот млак табиет ги привлекува во секоја дружина, иако распонот на тие орди на припаѓање се разликува како првата и последната буква од азбуката. Не им е тешко да склопуваат пријателства, но исто така не им траат долго, зашто слабокарактерците по природа се самци. Дури и тогаш кога ќе оформат фамилија. Многу контрадикторни. Едно кажуваат, друго прават. Не се биполарни, но менуваат расположение како ветрот ќе дувне. Поискусните манипулатори може да ги издресираат до таков степен што слабокарактерниот ќе му послужи како табула раса. Често страдаат од некој јак неразрешен комплекс кој ги прави уште помлитави.

Ниска самодоверба=високи аспирации

Она што навидум наликува на невина и вообичаена дружба, за некои со послабо его завршува фатално. Фасцинирани се со можноста да се пробијат низ општествените слоеви и за да заработат поени започнуваат со злоупотреба на се што ќе им биде наложено( не станува збор само за пороци), најчесто злоупотреба  на самата маска/персона (според Јунг). Ваквите лица се сретнуваат и под лаичкиот поим слабокарактерни. Имаат тенденција да идолизираат и да се клонираат. Никогаш јасно нема да ви признаат дека сте им ја откриле Ахиловата пета(идолопоклонството) зашто исто така имаат стремеж кон нарцисоидност, суетност, тврдоглавост (исто прекопирани од некој поран модел на истоветување/идентификација). Високо котиран мотив за самоактуелизација,моќ и постигнување, но ниско себевреднување кое во корист на другите ќе го згазат под нозе без никакво премислување. Не би било на одмет овие личности да се споредат и со срамежливи мегаломани. Велиме срамежливи, зашто потајно сакаат да дофатат нешто огромно, но не во секоја прилика ќе го признаат и покажат тоа. Ваквите лица сиот живот ќе тежнеат кон погрешни избори на “божества”, зашто својата ниска самодоверба и ранлива природа мислат дека ќе ја анулираат ако станат социјално, посакувана класа. Дури и кога во тоа ќе успеат, ќе ги преусисаат одрамбените механизми, зашто нели, ниту едно супер лепило нема да ја додржи маската на лице постојано. А без неа тие би биле унакажани.

Билдање на егото!

ЕГОТО е силен нуклеус на личноста. Околу него орбитираат нашите стравови, емоции и затоа знае да биде капричиозно, предизвикувачко. Toa e нашиот ангел-чувар, од нас го бара она што сами не можеме  да го помислиме, ниту дозволиме, но наоѓа безбеден начин да ни го достави.

Поради овие личносни ампутации, бледокарактерните сиот живот ќе се користат со регресија(назадување,плачење,повлекување на безбедно место од детските дни), имитација и идентификација(папагалско повторување и вклопување на разни колажирани психо-компоненти во својата подлога). Овие типа на личности се лесно манипулативни. Поради незавземање на цврст, личен став и аргументирана одбрана, се секогаш спремни за “ДА” по поставеното прашање,заборавајќи дека постои одречна форма по што често подлегнуваат на измами, малверзации( на секаков план).

Што да се превземе?

Пред во глава да му го всадувате поимот “слабич и други погрдни имиња, потребно е смирено да седнете и да поразговарате со ваквата личност без разлика дали средбата ќе биде спонзорирана од кофеин, мултивитамин или голтка алкохол. Наивноста во денешно време се наплаќа скапо. Многумина ги кошта живот. Затоа бидете внимателни со чувствата и како се изразувате пред овие луѓе. Ним пред се им е потребна советодавна терапија, со помош на која ќе успеат да си ја повратат самодовербата и да научат дека за дружба понекогаш е потребен само еден-самиот себе. Дека имиџот е минлива работа, но она што е битно е никогаш да не заборавиме кои сме, од каде доаѓаме и во тоа персонално потекло да се вљубиме, без да се обидуваме да станеме куклени копии на некои(често помалку вредни) од нас!

Пишува-Јована Матевска-

Comments

comments