Денес друштво на Зеница ќе ни прави еден, без ни најмал сомнеж, несекојдневен поет и раскажувач –  Бобан Богатиновски, авантуристички дух, човек од медицината и ветеран на македонската книжевна сцена со веќе дваесетина години присуство на истата, автор на книгите поезија: „Луцидни халуцинации“, „Прекрасен ден за умирање“, „Светлината е посилна“,„Барајќи карпа за молитва“ и на романите „Соба за разговор“, „Коцкар“, „Монотонија“ и “Лет 555″.

богатиновскиЧлен е на Друштвото на писателите на Македонија.

Бобан, како вовед во ова интервју би те прашал за краток поетски опис на тебе и твојот живот (во неколку реченици или стихови, за штос).

Зад себе имам два безуспешни обида да станам профи писател. Првиот обид траеше 6 месеци, вториот – две години.
Попат запознав и други млади писатели кои не работеа ништо освен што пишуваа.

Ни самиот не знам како се навлеков на поетската заблуда, можеби тоа едноставно било дел од развојот на личноста, феномен кој допрва би сакал да си го објаснам на самиот себе. Замисли си: забава, роденден, пијалаци, нови лица, а Ти размислуваш во стихови.

Потрошив многу време на стихоклепството, ама не жалам.

Поезијата е како дрога; несфатливо е колку може да ја навлече жртвата.
Автор си на 4 поетски збирки и ист број романи. Поезијата го обележа воведниот дел од твоето книжевно творештво, прозата – моменталниот. Дали мислиш дека некогаш би му се вратил на стихотворењето?
Последен пат се радував на една песна што ја напишав во воз додека се враќав кон Куманово, но бев под дејство на голема количина алкохол, ја отслукуваше можеби мојата најголема заблуда: дека веќе сум бил во светот на мртвите и сум го научил нивниот јазик.
Моментот беше инспиран од времето на конфликтот во 2001, кога сличните ситуациии беа навистина блиску и човек најсигурно се чувствува ако си замисли дека веќе е мртов. Но договорот или објаснувањето е сосема поинакво: сите ние ловиме некакви фреквенции и најверојатно со текот на времето, подрачјето на радарот се проширува.

Инаку, околу пишувањето нови песни имам доволно искуство да направам поетска книга за месец дена доколку се присилам, но таквиот потфат не би ми значел ништо.

Сериозно сметаш дека поезија се пишува присилено?

Да. Техника е тоа. Неколку добро разработени трикови, скратени редови и имаш каква-таква поезија.
лет 555
И покрај ниската цена на книжевниот пазар, сепак, според многумина токму поезијата е врвот на емоционалната и уметничката експресија во книжевноста. Зарем функцијата како емоционален „филтер“ ја прави поезијата бесмислена?
Поезијата ја има својата сила само кога не учи на нешто, а кога ќе дојдеш до степен кога доста тоа веќе си научил, повеќе и не Ти е потребна.
Обично, ние доцниме зад моментот. Кога нешто веќе ќе се случи, отпосле сфаќаме дека имало вредност и би сакале да го повториме неповторливото, но тоа не е возможно.
Функцијата која поезијата ја има како емоционален филтер (во однос на твоето творештво) особено ја доживеав читајќи ја твојата збирка со моќен наслов – „Светлината е посилна“. Дали се уште веруваш во силата на Светлината?
Апсолутно.
Последната фаза од поетскиот развој е да се премине во Поезија во живо. Со други зборови, не да пишуваш поезија туку да живееш поетски. Таквата замка многумина поети ги има доведено до лудило и самоубиство, сакајќи да стигнат до крајните граници.
Или да бидат, Нај… Нај… најдобри, совршени.
Кога би можел да се вратам на тој пат, Јас би го направил тоа без размислување, ама проблемот е што не зависи само од мене, мора да постои група на истомисленици, меѓу кои ќе нема лицемерие или предавство што нема да може да се прости.
Мислам на Филозофијата за Светлината.
Проблемот е што Влогот за следното духовно ниво е секогаш Поголем; или паѓаш многу подолу што е многу полесно, или мачно се искачуваш.
Следејќи ја филозофијата која произлегува од твоите романи, животот може да се опише како палета од ризици кои еднакво лесно како што ја даваат, и ја одземаат среќата. Дали треба да си „коцкар“ за да барем се обидеш навистина да живееш?
Вистинското коцкање е Најголема Лудост. Секогаш сум бил против тие кобни влогови што носат несогледливи негативни последици. Сакам да потенцирам дека никогаш не сум бил Вистински Коцкар. Повеќе службено сум присуствувал на некои места за ја опишам магијата.
Пред два часа присутвував на грабеж на казино што траеше 10 секунди: неверојатно способен маскиран тип го ограби казиното.

Кога си писател, ја анализираш ситуацијата од милион невозможни агли, а и Грабежот можеш да го посматраш како еден вид Коцкање. Овој пат со животот на другите, и најпосле со својот.

Но темата Коцкање едноставно не ми е привлечна повеќе, таа за мене е затворена. Ако влезам во казино сум влегол да испијам бесплатно кафе, а не да направам пари.
бобан
Зошто пишуваш, Бобан? Што е тоа магично што го гледаш во пишувањето (ако го има)?

Работејќи на новиот роман, ми се случува да се разбудам во ниедно време и да пишувам неколку часа. Не полагам никакви надежи дека моите книги допрва ќе почнат да се читаат. Не му е на секого судено да успее. Публиката е истата, мала но одбрана. Но и понатаму пишувам од некоја глупава навика.

Надевајќи се на некаков успех, за жал во женската поезија се инфилтрираа многу скриени проститутки на кои стиховите им се само мамка. Слична е ситуацијата и со некои поети-хомосексуалци. Жално е сето тоа.

Со што се занимаваш освен со пишување?

Во последно најмногу скитав, истражував нови градови. Незамисливо е чувството кога ќе те стемни некаде, во некој град во кој си за прв пат и бараш хотел или хостел кој најмногу ќе Ти се допадне за истите пари.

Последен пат ме стемни во Зајечар. Кога влегов во градчето ми се виде сосем обично. Отпосле го најдов хостелот, широк кревет за 15 евра, топол туш, дремка од два часа, и волшебствата на градот ноќе беа мои.

Еднаш кога ќе ги поминам непознатите патишта, следното движење е со многу поголема брзина. Мислам на одењето и враќањето, каде брзината и познавањето на мапата се многу битни зашто возот може да Ти избега за 20 мин.

Друга активност ми беше распродавање на сите книги што сум ги купувал со години. Распродадов некаде околу 1 000 наслови од домашната библиотека. Ова изгледа парадоксално за некој кој се декларира како писател, но сега имам многу празни полици и нов простор за нови наслови.
Што би им порачал на младите литерати?
Покрај книжевност да пробаат уште многу работи и најмногу да се потпрат на своето искуство зашто факултетот продуцира добро смислени калапи и на сите генерации им пушта ист филм: Аристотел, Платон и слични воведни приказни.

Се уште се радувам кога ќе се појави млад, талентиран писател, многу подобар од она што го имаме во македонската книжевност.

Тогаш сите „ебачи на батерии“ паѓаат во сенка. Овде мислам на сите оние кои заоѓаат откако ќе им истече батеријата.

Ти благодарам за интервјуто и… експлицитните но искрени зборови, Бобан Smile
Ти благодарам на поканата.

Comments

comments