На 16 март (понеделник) во Планетариумот при Младинскиот културен центар во 20 часот ќе се одржи промоција на поетската книга „Модри Фантазии“ од Снежана Стојчевска, во издание на издавачката куќа Темплум (2015). Во поетскиот перформансот ќе учествуваат: Николина Андова Шопова, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Елена Митреска, Даниел Карески, Владимир Мартиновски и Перо Сарџоски.

Нацрт на корица и илустрации: Јасмина Главинче,
Графичко уредување и дизајн: Кома
Уредник: Иван Шопов

Од Рецензија на Лидија Димковска:

Снежана Стојчевска е поетски глас кој и припаѓа на најновата македонска поетска генерација. Уште со својата прва поетска збирка „Шеќер по подот“ во 2012 год. се наметна како поетеса со автентичен и свеж поетски исказ. Во својата трета поетска збирка со луциден и неодминлив наслов „Модри фантазии (врз перничето за печати)“, Снежана Стојчевска јасно и гласно вели: „повеќе би сакала животот да ми е поезија/отколку поезијата живот“. И навистина, од поезијата таа не очекува егзистенцијална потпора, почести и признанија, но од животот очекува да биде чист, искрен и чесен, каква што би требало да биде секоја добра поезија.

Просто зачудувачки е колку се чисти, искрени и чесни нејзините песни, во време кога светот се тресе во потрошувачко лудило, кога кризата ги зафаќа не само материјалните туку и духовните предели на човечкиот живот, кога човек брзајќи од една точка до друга најчесто на патот се губи себеси, но и ближните, а љубовта станува табу или комерцијална тема. Реткост е во современата поезија поетот да заземе став кон најстарата тема, болка и радост на човештвото – љубовта, став кој напати се претвора и во социјален, политички, општествен, религиозен и севкупен, како што тоа го прави поетесата Снежана Стојчевска. Конструктивната и деструктивната моќ на љубовта во нејзината поезија е немоќта на современиот човек да се соочи со другиот, со себе, и со чувствата кои никогаш не се нови, туку се одново и одново примордијални и клучни за човековото постоење и опстојување.

Вина

Ме прашуваш како сум –
добра сум, ти велам,
освен во денови кога не сум
тогаш ја губам главата во неврат
и нема небо во кое би можела да ја нурнам.

Ме прашуваш како сум –
убава сум, ти велам,
освен во денови кога тоа не сум
тогаш молкот ми ги гризе усните
и нема река што не би можела
да ја протнам низ очиве ко низ игла.

Ме прашуваш како сум,
а всушност сакаш да го излекуваш
чувството на вина.

Театар

Кому му е потребен сиот тој театар?
Во овој свет со премалку искрени насмевки,
а толку многу лица.

Трчајќи по материјалното заборавaме на душите
закачени на жицата на животот
висат.

Ја вадам шминката
со години наталожена сол на образите
доволна да нахрани седум гладни мориња.

Ги соблекувам сите слоеви тага
останува само мирисот
доволен да ме врати назад во времето.
Нема што да барам таму
сѐ е овде во мене
и во можностите.

Се попарувам со врела вода
како вреќичка чај испуштам арома на грев…
Водата нема да ме измие.
Остануваат траги, под прстите на сеќавањето
допири,
годови под кожата
брчки,
онаму каде што минале солзите
и насмевките.

Додека се гледаме в очи
нашите погледи пропаѓаат некаде далеку зад нас
за да заборавиме колку сме плитки во суштина.

Трчајќи по духовноста забораваме на телата
закачени на жицата на животот
висат.

Во овој свет бесмислено двосмислен
зар некому му е дојдено до театар?
Заминувам босонога,
немам што да понесам со себе
куферот е само декор.

snezana

***

Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ-ИЛИ, како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели Мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата Кочо Рацин Скопје. „Модри фантазии“ е нејзина трета книга поезија.

Comments

comments