04f99485d35dca77025462e09ed24a89310fe07c

Стануваме во рани мугри и пред одразот во огледалото, решаваме која маска денес би ја носеле. Мора да пронајдеме златна средина и да ја зачуваме едноличноста пред опкружувањето, зашто експресиите на бес, тага и рамнодушност често нè етикетираат како дво-лични.

Впрочем што е дволичноста? И дали таа е еднаква на лицемерието? Да ја објасниме попросто оваа разлика. Човечкиот механизам=персона е создаден за низ своето битие, лик, душевно да изразува спектар на емоции. Често срамејќи се да ја покажеме Ахиловата тетива, длабоко ги потиснуваме деструктивните чувства и пред пријателите, колегите, соработниците и случајните минувачи/познаници ние сме крајно позитивни луѓе со тенденција да се социјализираме до максималното ниво. Обратно пак, претерано ги хиперболизираме и метафоризираме одредени одрамбени механизми, дисимулирајќи, што сета таа слика која светот ја гледа,а ние ја одразуваме претставува претерана вештачка верзија на самите себе. И не лажете се, сè што е претерано од далеку се познава. Обично, семејството како примарна заедница, ги трпи овие нагли промени кои ни се случуваат и се сосема нормални, зашто секое утро не се будиме “на иста нога” , како што и секоја ноќ не нè дочекуваат мирни сни.

                Токму затоа константно потиснатото некогаш испливува ненадејно и  без предупредување; крајно смирениот човек во одредена ситуација несвесно попушта под стегите на егото и се решава за импулсивноста, пламнува и непријатно ги изненадува останатите. Но пред сè, пред ваквиот човек да го ставиме на сопствениот кантар, на сопствениот суд и да го окарактеризираме како нам ни е мило ( најчесто со погрешни и мешајќи ги поимите биполарност, хипокризија, глума), треба да знаеме дека и ние не сме создадени од челик и да се запрашаме колку пати истото ни се случило нам.

Woman-taking-off-a-mask

                Дволичноста и лицемерието не се синоними. Секој, според Јунг, има една сенка што демне над него и чека да ги добие своите пет минути. Лицемерен човек е тој што СВЕСНО пред вас ја глуми едната, манипулирајќи ве, за да извлече информации, кои подоцна ќе ги искористи за свое добро, а ваша штета.

Затоа секој човек снимајте го со рентген очила, обидувајќи се да продрeте до неговата душа, без притоа витално да оштетите некој дел од неговата личност. Преиспитајте се, и  ендоскопски навлезете во себе преку површна интроспрекција, запрашувајќи се која примарна маска ја носите Вие, а која ревносно и упорно чека, залепена под таа, да биде заменета и прикажана. Немаме способности да бидеме повеќекратни личности, а и кога би било така сигурно нема да се заврши далеку од масата на психијатар, но слободно дозволете на емоциите да течат: како брза, слатководна река, без страв дека нивната демонстрација ќе ви наштети. Не се огледувајте наоколу. Барајќи ги многумината кои би сакале да бидете Вие.

bloggers-voice-300x225

Вие сте уникат, како вашиот отпечаток од прстот и трудете се таа предност и предиспозиција да ја задржите, дури и кога на луѓето би им покажале дека среќата Ви ја прикрива тагата или бессоните лумпувања се параван за меланхоличната страна на вашата личност. Оној кој длабоко и вистински ве сака, ќе ве прифати и покрај овие епизодични менувања на расположението и темпераментот и без маската што толку убаво сте ја извајале на лице. Колку порано, толку подобро. А тие што ќе избегаат? Тие никогаш не би биле со Вас и до Вас кога ќе се накотат тешки периоди. Сфатете го тоа потрошено време како бонус лекција за тоа Како претпазливо да ги одбирате луѓето околу Вас. А дотогаш : “Маска повелете?”

“Не благодарам. Моето лице е убаво и сјајно и вака голо, сè додека душата ми светка како јас ќе ја подесам.”

-Јована Матевска-

Comments

comments