Давор Крстевски е роден во Куманово каде што живее и твори. Твори на македонски, српски, англиски, руски и кумановски јазик.

Досега има објавувано песни во збирките „Поезија за душа“, каде и го освојува првото место за најубава песна за 2014, како и во збирката „Вознес“ каде исто го освојува првото место за најдобра песна за 2014.

На конкурсот на Дата Песнопој со збирката „Празни ѕвезди“ го освојува првото место и истата е во печат.

На годинешниов меѓународен поетски фестивал во Гостивар „Литературни Искри“, оддржан во чест на Св.Кирил и Методиј, го освојува првото место.

Учествува во првиот број на „Звездани Колодвор“ во Србија, збирката поезија „Галерија од Стиха“ (Србија), објавува свои творби во фанзинот „Арсеник“ (Србија), а има објавено дела и во лондонскиот магазин Poetry Digest и во американскиот магазин за поезија Off the coast, со кој е во припрема на издавање на збирка на англиски јазик.

Неговите дела се исто така застапени и на македонски и странски интернет портали

Стиховите на Давор оддаваат впечаток на искусен и префинет мајстор на пишаната реч со стил кој во многу нешта потсетува на доцните романтичари, доловувајќи вечност во врежаноста на мигот. 

Уживајте во нив.

 

Невестинско сино…

 

1

Ене го, невестинското сонце,

води во него се гасат,

жарој раѓа на града гола,

млеко сребрено што неспокој дои,

а беше само сон, на дождовите мои.

 

Сети мир во блажен камен крш,

каде змија над светецот бдее,

булка во молитва молк сее,

вкочанет лик со неколку бои,

а беше само алка, на рацете мои.

 

Појди невидлив низ илјада брези,

лисје сенка, мрамор биди,

поитај низ клучалка види,

распит таен на круг што стои,

а беше само јад, на огновите мои.

 

Невестинско сино на разбој сплети,

удри по нишките модри клети,

биј со чекан крило што лети,

капка чемер клај на очите твои,

а беа, беа некогаш, само мои.

 

 

Се има…

И во соколовото око има небо

без патокази и улици,

просто, модро, небо со

слобода и малку крв, за

живеачка и живородност.

 

И во окото на рибата има вода,

без реки и езера,

проста, бистра, вода со

солзи и малку јад, за

радости и радувања.

2

И во коренот на лилјанот има црв,

без гадост и месо,

прост, малецок, црв со

време и малку гордост, за

човека и човечност.

 

И во огнот на свеќата има молитва,

без коленичење и наклон,

проста, искрена, молитва со

почеток и малку крај, за

горниот и долниот.

 

А ене големиот човек умре желен, за

слобода и малку крв ,

солзи и малку јад ,

време и малку гордост,

почеток и малку крај …

 

 

Летај желбо, не ти требам јас,

ти требав кога ми беше прекрасна,

во куси панталонки, за кои,

некој мораше да верува,

дека тоа е мода.

 

Вивни се високо искро, не ти требам јас,

ти требав кога, од обичен трендафил,

миро во мислите точевме,

давајќи му име на непостојното,

а ти, мирисаше боженствено.

 

Одекни со смеа во синилото, не ти требам јас,

ти требав кога се смеевме на француски,

кога зборот мораше да биде збор,

завиткан во прекрасна насмевка и

неколку скриени бакнежи.

 

Оди сега, сокриј се во филмот, без мене,

ти требав само за тажни краеви,

кога кловнот мораше да биде таму,

да те насмее и подигне завеса,

зад која секогаш, имаше љубов.

3

Полетај птицо не ти требам јас,

ти требав само додека крилјата заздрават,

изгорени од суровоста на ветрот,

сега летај, ветровите се мои судбини,

полетај, не ти требам јас.

 

 

 

Болка…

 

Не боли повеќе, престана,

во мигот, кога изгуби смисла,

кога мирисите станаа воздух,

зборовите само муабет,

милувките обични допири,

погледите празна слика,

кога бесмртноста дојде,

носејќи смрт како подарок.

 

Не драга, не престанав да љубам,

само отрнав на болката,

кога на мастило ставав крв,

не знаев дека пак ќе е црно,

како и болката на која ставив љубов,

не знаев, дека и онака ,е само болка,

која престана да боли ,бесмислено,

оставјќи само тап траг на усните.

4

Не сум јас од совршените,

завршена сум приказна без крај,

патетична будала со зарѓавено срце,

подсмев на усните твои,

болка сум која не знае за бол,

заборавен сум сон на едни очи,

затворени пред мене засекогаш,

не боли веќе, престана, нема смисла.

Comments

comments