Академик Катица Ќулавкова, претседател на жири комисијата на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во интервју за МПФ зборува за квалитетот на пријавената поезија на конкурсот, за песните на наградените поети, за современата книжевна сцена во Македонија и други прашања врзани со поезијата, младите творци и критериумите на вреднување.
Академик Ќулавкова е автор на десетици поетски, прозни и есеистички дела, како и истражувачки трудови од областа на книжевната теорија.
Добитник е на највисоките книжевни признанија во земјава меѓу кои „ Браќа Миладиновци „ Ацо Шопов „ Димитар Митрев „ Млад борец „ Студентски збор „ и др.

МПФ:Кои се најзначајните обележја на естетички вредната поезија и до каде во нивното определување може да се препуштиме на субјективноста на критичарот?

Катица Ќулавкова: Прво, треба да се каже дека обележјата на поезијата во голема мера се менуваат од една до друга епоха и период. Тие не се некоја статична, фиксна палета хиерархиски и нумерички подредена. Па сепак, во секое време може да се препознае добрата поезија. Што се прави, при тоа? Уште при првото читање се забележува дали една песна е составена од изразни и стилски стереотипи, дали е монотона, банална, инвентивна или не, патетична или не, иронична или не… Така се прави првата селекција, се трга на страна она кое е банално и веќе видено, се остава во некој поширок, потем потесен круг она кое е особено, кое има некој личен белег/печат, нешто необично. Јас секогаш барам и склад/хармонија меѓу искажаното и обликот на песната, значи стилот или начинот на којшто е тоа кажано и напишано. Песната не смее да биде премногу прозаична, без ритам, без созвучност. Се разбира дека секое вреднување е субјективно во убавата смисла на зборот, оти критериумот за вредност е поврзан со образованието, увидот во книжевната и поетската ситуација, моќта за споредба и сл. Битно е да нема пристрасност која излегува од книжевните и естетски рамки, а естетска пристрасност или давање предност на одредени естетски постапки и вредности секогаш ќе има.

Katica-Kjulavkova-int84-1

МПФ: Имаше ли голема дискрепанца во квалитетот помеѓу наградената и останатата пристигната поезија на конкурсот?

Катица Ќулавкова: Општо земено, младите кои конкурираа на вашиот конкурс, покажуваа слични интереси. Преовладува интересот за љубовна поезија, отпаднаа оние песни кои беа нагласено патетични, иако чудно е како младите се насочуваат кон љубовниот исказ иако љубовта не е единствената слика и прилика на светот во којшто живееме. Тоа некогаш е бегство од суровата стварност, некогаш е потреба од искажување чувства, потреба да се биде личен, небаре во реалниот свет им се попречени каналите / патиштата за размена на емоции. Исто така, природно е што започнуваме да се препознаваме себеси преку нашиот љубовен однос спрема другите и спрема светот. Мене посебно ме заинтересираа песните со социјално политичка тематика, песни со ироничен призвук, затоа што тоа значи дека младите се сензитивни/чувствителни на опкружувањето и не ги затвораат очите, па нивниот асоцијативен свет станува побогат, мислата послоевита.
Не би зборувала за голема разлика или за некој голем вредносен јаз, и меѓу оние кои не влегоа во изборот има добри песни и надарени поети. Напросто избраните песни беа повпечатливи и со помалку ризик да се награди безвредното.

МПФ: Дали во земјава има доволно литературни конкурси и воопшто манифестации од ваков вид калибар?

Катица Ќулавкова: Не ги следам сите манифестации, не можам со сигурност да тврдам. Во начело секогаш сум за да им се дадат повеќе можности на младите и затоа ја поздравувам вашата иницијатива и манифестација. На младите им треба внимание, облици на книжевно и културно изразување и општење, дружење, запознавање со блиските соседи и култури. Ви честитам за тоа.

искри

МПФ: Во која насока сметате дека се движи современата книжевна сцена?

Катица Ќулавкова: Би сакала меѓу младите да видам подготвеност, знаење, свест и дарба за поголем исчекор во поетскиот израз, за нови изразни форми, за повеќе луцидност и ироничност, за повеќе упатеност во традицијата, оти само ако ја познавате традицијата ќе можете да и’ се спротивставите, односно да ја надминете, да внесете некоја иновација, нешто оригинално. Вака некогаш и несвесно минеме по патот на традиционалното, таква е еволуцијата на уметничкиот дух, општо земено. Исклучоци има секогаш.

МПФ: Како сметате дека би можел да се зголеми интересот кај младите за поезијата/книжевноста?

Катица Ќулавкова: Убаво е да има непосредни средби и разговори со водечките поети од Македонија и од регионот, таквите контакти се секогаш поттикнувачки, охрабруваат и мотивираат на пишување, на компетиција. Убаво е да се негува и практиката на постоење локални градски клубови, места и друштва кадешто ќе контактираат сродните личности и заедно ќе ги надминуваат пречките, ќе создаваат општествен амбиент за творештво.
МПФ:Дали и како интернетот и социјалните мрежи може да придонесат во овој контекст?

Катица Ќулавкова: Да, мислам дека се добра прилика за нови облици на комуникација, нови творечки стимуланси на личноста, на младите, нови ефикасни облици на објавување и информирање. Остава впечаток дека е голем творечкиот капацитет на младите во Македонија. Силно го охрабрувам.

МПФ: Коментар за наградените?

Катица Ќулавкова: Се радувам заедно со наградените и им честитам. Успеале да го пронајдат излезот од секојдневието и профаното и треба да продолжат да патуваат кон поголеми остварувања. Духот созрева со работа, посветеност, визија, учење, преиспитување во јавноста, пред другите… Има многу надарени и интересни песни, се надевам дека наградата ќе ги мотивира да вложуваат максимум од себе, не да се самовљубуваат. Нема место за нарцисоидност, има многу простор за љубов спрема книжевноста, уметноста, јазикот…

см

Comments

comments