Борис Чулев – Чуле (Chooley) е дефинитивно еден од ликовите кои може да ги наречеме дел од „македонската рап-авангарда“, имајќи ја предвид тематиката/лириката и методологијата карактеристични за неговите песни.

Нашето присуство на промоцијата на неговиот деби-албум „Дали сте чуле?“ (во кој свое учество имаат и Горан Папаз, Јана Гигова, Дамир, Кока, Марко Илиевски и Дамјан Врбовски – Esse) е поводот за опуштениот, интелигентен и сестрано-филозофско-алегоричен муабет подолу.

чуле

1. Кога почна да рапуваш?

- Декември, 2004-та

2. Колку е добро да си рапер?  

- Многу е добро да си рапер. Тоа ти е проклетство, но и благослов. Како жена, ти ги јаде џигерите ама убаво ти е со неа.

3. Колку време работеше на албумот и беше ли тежок патот од идеја до реализација?

- Година и пол. Од идеја до реализација ќе беше готов шест месеци порано да бевме малку поодговорни и финансискиот статус да не ни беше „за греота“.

4. Што е она по што мислиш дека би останал запомнет кај публиката?

- Искреноста во моите стихови испреплетена со заебанциите на моја сметка. Дефинитивно и вокалот, 10 години работев на тоа да ги отстранам влијанијата  и боите од моите идоли како дете, за денес конечно да имам речиси автентичен вокал.

5. Дали денешниот рап сè уште има потенцијал да покрене социјални промени?

- Секако, рапот еволуира исто како и човечката вештина за негово презентирање, но и свеста воопшто. Рапот сè уште покренува социјални промени, но изменет е аспектот. Наместо директно плукање и со прст посочување кон проблемот, сега тоа се прави на малку поироничен начин. Со мала доза на хумор ги плескаме општествените лоши „газиња“.


6. Би издвоил ли некој од рап или воопшто, музичката сцена со кого би сакал да снимиш трака?  

- Многу луѓе. Од македонската рап сцена тоа се Блажеј, Пикисипи и Марко Слатки. Од балканската рап сцена – Бобо од Бугарија, Реми (Елементал) и Фил Тилен  од Хрватска,
Од светската сцена би сакал да снимам со Матр’ Ди Ор од Франција, Цес Кру од САД и Маршал Метерс.

7. Инспирацијата во своите песни ја црпиш од секојдневниот живот, политиката, естрадата… искрено, дали мислиш дека можеш да смениш нешто?

- Не мислам, сигурен сум дека менувам. Никогаш не се знае кој и на каков начин ги прима и доживува пораките кои ги пренесувам преку текстот. Ако не можам да влијаам на веќе изградените личности, сигурен сум дека новите генерации ќе ја разберат и ќе ја шеруваат пораката.

8. Веруваш ли во заговори (и дали тие веруваат во тебе)?

- Масоните се кул. Да ме биваше со бројки, ќе бев банкар т.е. владетел со светот. Не постојат заговори. Сè е вистина. И верувам дека веруваат во мене бидејки јас сум космички предодреден да го капирам срањето кое ни го пласираат и ради кое не можам да спијам навечер. И нема да се смирам дур не видам како колабира монетарниот систем  и враќањето на стоковна размена.

9. Постои ли живот надвор од Земјата?

- Нормално. Премногу би било досадно да сме сами у вселената. Башка мислам дека ги има и меѓу нас. Да не речам, чуден си ми малце. Кај рече дека си роден!?

чуле слика

10. Која е смислата на нашето овоземно антропоморфно битисување?

- На страна тоа што нашата ДНК кристализира и стреми кон усовршување а со тоа и расте квалитетот на животот, крајно бесмислено би било да ја најдеме смислата на постоењето. Бесмислено би било да има смисла. Кога би ја нашле, веќе би немало смисла. Не, колку што има смисла во еден грам амстердамски „Тутанкамон“ со 30% техаце.

11. Краток коментар за промените во светската геополитика од 2015-та до 2099-та?

2015-та – Ќе им покажеме среден прст на Меркел и компанија,

2018-та – стануваме руски протекторат на балканов,

2020-та – извоз на органски производи на највисоко ниво,

2025-та – целосна легализација и масовно производство на Сатива за љубители и Индика за тешко болните,

2029-та – ги враќаме Егеј и Пирин,

2030-та – Шеснаескракото сонце гордо се вее пак,

2038-ма – македонскиот станува интербалкански јазик и највлијателен во југоисточна Европа,

2050-та – ги одмрзнуваме Јонче Христовски и Тоше Проески,

2055-та – нашите културни амбасадори ја диктираат ритмиката на светскта културолошка дипломатија,

2075-та – ми снема вакво, не знам. Имаш комад?

12. Летово каде?

- На терасица. Пошто живеам карши петта полициска и работам „андеркавер“, а ние немаме одмор. Никогаш.

13. Нешто друго?

- Повеќе е друго нешто. А можеби едноставно нештото е само лош одраз на самото себе.

А можеби сепак Едното е единствено нешто, но страда од повеќекратна личност. А можда има и дублер, сè уште не е откриено.

Comments

comments