За какаото, за циметот и за другите бразилски вкусови

Кон романот „Габриела, каранфилче и цимет“ од Жорже Амадо, „Антолог“ 2014.

 

Латиноамериканските автори отсекогаш ги привлекувале читателите со егзотичниот свет што го прикажуваат во своите дела, со несекојдневните ликови, настани и приказни. Една таква приказна, бразилска, нè носи на плантажите за какао во средината на 1920-тите години, во малото гратче Илеус, кое се наоѓа во процес на видни општествени трансформации.

На овој простор ја следиме необичната романса што се одвива меѓу Насиб Саад, почитуван гостилничар со сириско потекло, и неговата нововработена готвачка Габриела, девојка од сиромашен крај, со мирис на каранфилче и со боја на цимет.

Паралелно со оваа приказна, љубовна, следиме една друга – приказната на Раимундо Фалкао, млад човек што во Илеус се доселува од Рио де Жанеиро со намера да ја преземе моќта, а преку тоа да ја смени општествената поставеност на работите, во која целата политичка и економска доминација ја имаат т.н. коронелисти, односно сопствениците на плантажите за какао.

книга антолог

Во заднината на сите овие настани, лични и политички, е убиството на дона Сињазиња Гедес Мендонса и на нејзиниот љубовник, заболекарот Осмундо Пиментел, од страна на големиот земјопоседник Жезуино Мендонса.

Сите овие случувања се испреплетени во овој романтичен и сензуален роман на големиот писател Жорже Амадо, притоа доловувајќи ни ја атмосферата на еден далечен простор во едно не толку далечно време: „Се менуваше ликот на градот, се отвораа нови улици, се увезуваа возила, се градеа палати, се пробиваа нови патишта, се печатеа весници, се основаа клубови, Илеус се менуваше. Меѓутоа, мошне бавно еволуираа обичаите и навиките кај луѓето. Тоа е така секогаш, во сите општества“.

Секое поглавје во романот започнува со песна посветена на една жена, што на романот му дава лирична, но и еротска црта. Самиот роман може да се чита и да се доживее на различни начини – како хроника на еден град, како историска читанка за почетокот на дваесеттиот век во Бразил, како социјална приказна за борбата против свирепоста на „големите“ врз „малите“, како егзотично патување до Бразил, како љубовна бразилска ТВ-серија, како химна за сензуалноста и за убавината на бразилските жени…

Исполнет со љубовни авантури и со свирепи убиства, со романтични воздишки и со одмазднички страсти, со приказните на богатите земјопоседници и на озлогласените жагунси, со силата на крутите закони и на политичките маневри, со вкусот на какаото и со мирисот на циметот, овој роман ќе ги задоволи и најпрефинетите читателски сетила. Впрочем, како што вели и една критика, со секоја негова страница, ќе ги почувствувате мирисите, звуците, боите и вкусовите на бразилското поднебје.

 

Автор: Кристина Велевска

Related Posts

Поддржете не' со клик на Like копчето ↓

Ни значи вашата поддршка 🙏🧐


This will close in 59 seconds