Десет награди ќе бидат доделени на затворањето на 36.издание на фестивалот „Браќа Манаки“  вечерва со почеток во 19.30 часот во Големата сала на Центарот за култура.

goce naumov

На кинематограферите Јаромир Шофр и на Божидар-Бота Николиќ ќе им бидат врачени наградите за животно дело „Златна камера 300“, ќе бидат соопштени најдобрите во Официјалната програма кои ќе се закитат со наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300. Награди за најдобри филм и кинематографер ќе бидат доделени за програмите „Нов европски филм“ (награда „Бона Деа“) и за „СЕЕ камера“ (награда „Златен Манаки“. Ќе се обрати директорот на фестивалот Димитар Николов.

Во чест на наградените ќе биде прикажан тајванско-кинескиот филм „Убиец“ на режисерот Ху Хсиао-Хсиен и кинематограферот Ли Пинг Бинг.

Водител ќе биде актерот Огнен Дранговски.

Во рамките на затворањето, ќе биде изведен проектот „Мил-тон“ на музичарот Гоце Наумов.

„Мил-тон“ е аудио-визуелно дело во кое се прикажува друга перспектива на филмските материјали и на времето кога браќата Милтон и Јанаки Манаки твореле. Преку селекцијата на одредени кадри од овие снимки и нивно вмрежување во нов наративен сооднос се сугерира поинакво видување на случувањата во почетокот на XX век. Звуците и музиката што го следат овој визуелен колаж се примарното изразно средство преку кое се интензивираат драматиката и иронијата на одредени политички и религиски настани во Пелагонија, пред почетокот на Првата светска војна. „Мил-тон“ е и ликовно и музичко дело во кое е намерно направена интерференција помеѓу етимологијата на двата збора во насловот и името на еден од браќата Манаки, а со цел да се истакне единството на спротивности меѓу аудио-визуелните асоцијации и карактерот на времето во кое живеел Милтон.

Музика и аудио-видеоконцепт: Гоце Наумов

Тон-мајстор и аудиопроцесирање: Ивица Јанкуловски

Видеомонтажа: Раша Петровиќ

Comments

comments