ИФФК „Браќа Манаки“ и партнерот Вип оператор вечерва ги соопштија наградите на 36.издание на фестивалот. „Златната камера 300“ ја доби кинематограферот Маќаш Ердели за филмот „Синот на Саул“. „Овој филм нуди нов начин на раскажување приказна: од една страна се соочуваме со психата на главниот лик, додека од друга страна, сведочевме за ужасите на Холокаустот“ – со овие зборови жирито на Официјалната програма ја избра најдобрата филмска фотографија, а соопшти на вечерашното доделување на наградите во Центарот за култура во Битола.

„Сребрената камера 300“ ја доби Адам Аркапо за филмот „Магбет“, за исклучителната вештина што ги става новите технологии во служба на класичната Шекспирова драма. „Бронзената камера“ ја доби Матео Гусман, за филмот „Земја и сенка“, за претставувањето на руралната Америка со поетски и магичен реализам на начин ретко виден на филм.

Жирито во состав: Ришард Ленчевски, претседател, Божидар-Бота Николиќ, Хајет Бенкара, Ерџан Кесал и Митко Панов. Жирито додели и Специјално признание за Мортеза Геиди за филмот „Нахид“. Жирито го истакна и кинематограферскиот талент на Владан Радовиќ, за филмот „Црни души“.

Најдобар филм во програмата „Нов европски филм“ е „Овни“ во режија на Гримур Хаконарсон. Овој проект ќе добие и 10.000 евра што ги доделува „Унгарската филмска лабораторија“ за постпродукција за следен филмски проект. Директорот на фестивалот, Димитар Николов изрази жалење што претставникот што требаше да ја додели оваа награда, Желу Желев од Бугарија, почина пред само неколку дена.

zatvoranje manaki

Наградата за најдобра кинематографија ја доби Вашко Виана за португалскиот „Планина“ на Жоао Салавиза.  Виана се заблагодари на жирито за наградата преку видео бим нагласувајќи дека особено му значи затоа што е прв долгометражен филм и за него и за режисерот Жоао Салавиза.

 

Во новата програма „СЕЕ Камера“, наградата „Златен Манаки“ ја доби турскиот филм „Сивас“ во режија на Каан Мујдеџи. Најдобар кинематографер во оваа програма е прогласен Милош Срдиќ, за филмот „Шумите се се уште зелени“. Во жирито членуваа: Маја Богојевиќ, филмски критичар, Диомидес Никитас, продуцент и Мирослав Момчиловиќ, режисер.

Кинематограферот на филмот „Долу од рајот“, Горан Наумовски, ја доби наградата „Мала Златна камера 300“. Наградата му ја врачи Фросина Бошкова, одговорна за спонзорство во Вип оператор.

Публиката сведочеше и за неколку кратки филмови што деца ги создадоа за време на фестивалот, во рамките на Вип – детската програма и „Џифони патува“.

 

На присутните им се обрати директорот на фестивалот, Димитар Николов  кој им се заблагодари на сите присутни, на партнерот Вип, на спонзорите, на сите луѓе од тимот, волонтери, хостеси кои дале максимум од себе да има 10 дена убав фестивал во Битола.

-Малку ќе ми недостасува да бидам без фестивалот во наредните 360 дена, иако сигурно ќе бидам вклучен на друг начин. Ви благодарам за поддршката, за се што направивте овој фестивал да го задржи реномето и да оди само напред со големи чекори, да се претвори во нешто уште поголемо и нешто со што ќе се гордееме – рече Николов.

На лауреатот Божидар-Бота Николиќ му беше врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело. Тој рече дека 47 години работи на филм и дека во светот не постои место како Битола, каде на улица ги застануваат кинематограферите за да се фотографираат со нив.

- Не сакам да звучам патетично, ама многу се израдував кога директорот на фестивалот ми соопшти дека ја добивам оваа награда. Но, малку и се растажив, бидејќи сепак, ова е награда за животно дело. Филмот е колективна уметност. Многу луѓе околу мене помогнаа да ја добијам оваа награда и затоа сакам да им се заблагодарам на сите нив. Најпрво на моето семејство за трпението, на режисерите за довербата која ми ја укажаа и би бил неправеден ако не им се заблагодарам на моите двајца асистенти на кои сакам да им порачам: -„Добивме награда“ – рече Бота Николиќ.

Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Тој му ги честита наградите на Николиќ.

-Како што секој филм зборува за болката, за страста, за радоста, за љубовта, за стравот, за анксиозноста, така и овој наш фестивал знае за болката, за љубовта, за страста и за радоста. Ви се заблагодарувам  на сите вас затоа што со вашето присуство изминатите десет дена на овој фестивал покажавте и докажавте  и сите заедно видовме и доживеавме една голема вистина, а тоа е дека Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е најзначајното случување во сферата на културата во Република Македонија – рече Талески.

Најџел Вотерс, претседателот на Светската федерација на кинематографери ИМАГО, му ја врачи наградата на лауреатот Јаромир Шофр. Тој го нагласи значењето на фестивалот за кинематограферите како најстар во светот посветен токму ним.

Шофр се заблагодари за признанието и рече:

-Вие сте навистина многу пријателска публика и се надевам дека ќе гледате филмови и после мене и дека ќе успеете да ги видиме сите тие квалитетни филмови на моите колеги и пријатели правилно дигитализирани затоа што тоа е еден начин тие да се зачуваат. Всушност, со самата дигитализација се менува инструментот меѓутоа не се менува уметноста на снимателите и на кинематограферите и заради тоа верувам дека и во иднина тие ќе ја продолжат нашата традиција, ќе ги искористат новите технологии, но ќе продолжат да бидат исто толку добри кинематографери и ќе гледаме исто толку добри филмови.

На церемонијата настапи музичарот Гоце Наумов, со музичко-визуелниот проект „Мил-тон“, во кој низ видеа на браќата Манаки и низ негова авторска музика, не врати пред еден век, кога твореле патроните на фестивалот.

Во чест на наградените беше прикажан кинеско-тајванскиот филм „Убиец“.

Comments

comments