Божидар Бота Николиќ, овогодинешниот добитник на престижната „Златна камера 300“ за животно дело и „СЕЕ камера“ за особен придонес кон балканскиот филм на 36-то издание на „Манаки“ е човек кој со својот придонес кон кинематографијата на екс-ју просторите развил кариера пространа низ 5 децении, реализирана со пуштањето во етер на повеќе од 40 филмови, 50-тина ТВ драми и 15-тина ТВ серии. Доминантно кинематограф и режисер, а во еден случај и сценарист, Николиќ е добитник на импозантен број филмски награди и признанија.

IMG_3525

Како ти влијаат филмските награди и признанија?

- Можам да востановам дека сум среќен што сум добитник на значаен број филмски награди, меѓу кои особена чест ми е онаа за животно дело на „Манаки“. Имав среќа што за мојот прв филм добив награда и тоа „Златна арена“ во Пула. Тоа ми беше мотивација да опстанам на филмската сцена и да бидат редовно канет од режисерите.

Наградата на „Манаки“ во извесна смисла истовремено ме израдува и натажи. Ме израдува тоа што е едно навистина огромно признание, а ме натажи фактот што се доделува за животно дело. Кога ќе кажеш „животно дело“ како да предвестуваш некаков крај.

Што е она што може да издвои еден филм во балканскиот филмски видокруг до ранг на иконичност? Како до култен балкански филм?

- Само преку снимање на себеси, своето семејство и своите пријатели. Преку снимање на себеси наместо другите. Никој не би не снимал освен ние самите. Американците успеаја да го устоличат својот филм на ранг на култност токму на овој начин. Оној со смисла за хумор би можел да го направи тоа низ призма на хуморот, како би успеал на поинтересен начин да им го доближи своето секојдневие на гледачите.

Какви приказни сака екс-југословенската публика?

- Кога бев трета година на Академијата бевме на екскурзија низ Европа по разни академии, каде се среќававме со свои колеги и им пуштавме наши филмови, а тие нам нивни, а потоа расправавме. Кога стигнавме во Берлин, еден германски колега ме праша кој ги финансира нашите филмови, а јас му одговорив државата. Тој ме праша дали нашата држава има било какви проблеми освен љубовни. Сите наши филмови беа љубовни.

Преку моите филмови јас се обидувам да ги решам проблемите на средината во која живеам, а користејќи го хуморот мислам дека полесно може да се допре до човечките срца и да се мотивираат луѓето да вложат труд во таа насока.

IMG_3444

Како би ја споредил некогашната југословенска филмска продукција со пост-југословенската? Што би можеле да научат современите режисери и кинематографи од своите претходници?

- Следејќи ги најубавите филмски примери, би можеле да издвојат сопствен рецепт за филмска оригиналност, која пак, би можеле да ја реализираат преку соодветно образование. Во мое време, да завршиш филмска академија беше навистина значаен предуслов за филмски успех, што по себе говори за висината на критериумите на тогашниот образовен систем.

Како режисер на „Темната страна на Сонцето“ од 1988-ма, филм во американско-југословенска ко-продукција во која Бред Пит за прв пат на голема врата влезе во светот на филмот, што можеш да констатираш за сличностите и разликите помеѓу продукциите од просторите на некогашна Југославија и Холивуд? Што е она во што филмот од екс-ју просторите, како дел од европската филмска продукција е на некој начин подобар во однос на американскиот, а од што, пак, би можел да научи?

- Реално, не верувам дека Холивуд би можел многу да научи од екс-југословенската и воопшто, од балканската филмска продукција. Искуството ми вели дека онаму каде што се парите, образованието и умешноста, таму е и квалитетот. Холивуд е најбогатата филмска средина и академски центар на светската филмска индустрија.

Кое е твоето најубаво филмско искуство?

-Моите најубави филмски искуства се оние кои сум ги работел со најквалитетните режисери. Ако мора да издвојам едно, тоа е „Падот на Италија“ со режисерот Лордан Зафрановиќ. Тој е еден извонреден филмски уметник со кого имав чест да соработувам. Овој филм би го издвоил како најдобро снимен според моите стандарди, иако за истиот не добив ниту една награда. Можеби создавањето на тој филм влијае врз добивањето на наградата за животно дело на „Манаки“.

Имајќи ги предвид твоите вештини и искуство како снимател, што е она што воглавно би им го пренел како знаење и совет на почетниците во филмската уметност?

- Како снимател би им сугерирал детално да го прочитаат и разберат сценариото, врз чија основа би можеле да ја воспостават својата соработка со режисерот и соработниците. Филмот треба да се сними уште пред снимањето, пред првата клапа. Филмот се „снима“ во главата, а работата на снимателот е да го реализира она што го има во главата. Основа за ова е доброто разбирање на сценариото.

Се разбира, пожелно е да се има завршено филмска академија или соодветно образование за ова.

Некои конкретни планови и проекти?

- Немам конкретни планови, но отворен сум за соработка за сите кои сметаат дека е вредно да се вложи во она што сум го оставил зад мене. Јас повеќе не би можел самиот да ги „туркам“ проектите. Имам спремено мјузикл „Снежана и седумте џуџиња“, нешто што би било гледано од деца и возрасни, но ете, се’ уште чекам некој да се нафати посериозно за конечно да се реализира.
бота

Бота, во името на порталот „Зеница“ ти благодарам на разговорот и ти посакувам уште поголеми подеми и успеси во натамошната кариера.

Comments

comments