1902, Ноември.

Гоце се буди од кошмар и решава да не се оптоварува со идеи за слобода, народ, нација и држава.

Јане, Даме и Питу го викаат на рапорт, но тој не одговара.

Решил да стане манекен и гастербајтер, влегол во хипички филм, сменил имиџ.

Заштитен знак му станала фразата „Слобода е у мода“, а на англиски често на крај на реченица знаел да каже „Peace or cease“, покажувајќи два прста.

Еден ден отишол дома, ги изгланцал чевлите и почнал да се бричи.

Занесен во некоја нова композиција од Густав Малер, не сакајќи си го потскратил десниот брк повеќе одошто требало.

„Ебате малер ебате“ – рекол и заклучил дека заради симетрија мора да го потскрати и левиот.

Потоа спонтано почнала да му одекнува една постара од Ричард Штраус, па не сакајќи си го потскратил левиот брк повеќе одошто требало. Заради симетрија морал да го потскрати и десниот.

Во тој миг се погледнал во огледало и видел дека од брковите му останала една вертикална линија која делувала доста футуристички, отприлика вака:

футу

Не му се допаднал новиот експериментален брковен облик на г. Г. Делчев, што го навело споменатиот да го доизбричи и преостанатиот брковиден сегмент од влакната кои му ја покривале брадата, спонтано отпевајќи некоја непозната балада на лаута, мандолина и/или тамбура, која делувала слично на сиртаки; секако, не грчко.

Всушност, според значаен број независни истражувања и статии публикувани на релевантни интернет портали[1], сиртакито т.е. сиртото доаѓа од глаголот σύρω – „тегнам“ (грч.) и е обновена форма на старогрчкиот танец познат како ормос, што во превод значи жица. Значи, сиртаки = тегнење жица = свирење жичен инструмент. Следствено, сиртакито претставува значаен аспект на старогрчката културна матрица на некој начин поврзан со свирењето жичани инструменти.

Потоа си стокмил една убава, карирана вратоврска, погледнал во кристалниот часовник на левата рака, ги изгланцал чевлите уште еднаш, погледнал во кристалниот часовник на десната рака, си направил неколку селфија на кои му коментирале познати револуционери од странство и излегол од дома.

Кога стигнал во Солун, се качил во возот и тргнал накај Западна Европа, попрецизно Лондон.

Г. Г. Делчев бил поканет од британската редакција на списанието за часовници – Revolution да позира со својот часовник, отворајќи му можност да започне со реализација на својот сон: да стане светски познат манекен кој би направил вистинска револуција на модните писти.

Во возот наишол на млад човек со чудесна фризура и тотално демоде бркови.

Здогледувајќи го во левиот, заклучил дека десниот брк му е сосем ист, со ист број на влакна, иста должина, боја, нијанси, текстура, насоченост и волумен, а лицето му одговарало совршено за тој тип бркови, баш како за реклама.

- Брат, ти треба да дојдеш со мене и да станеш манекен. Треба да рекламираш пена за бричење…

Човекот отспротива одеднаш широко ја отворил устата и престанал да молчи до крајот на патувањето, во континуитет изговарајќи ја буквата „м“, длабоко во себе.

- Ти дали знаеш дека Исак Њутн… – се обидел да каже.

- Не, не знам кој е Исак Њутн. Глуп сум и… – го прекинал Гоце, пред и самиот да биде прекинат.

- Ок – го прекинал човекот со чудни мустаќи. Моето име е Ајнштајн. Алберт Ајнштајн. Исак Њутн создаде теорија со која сакаше да објасни што е просторот со помош на три закони. Во текот на вековите се открија многу пропусти во неговата теорија и тука на сцена стапувам јас.

Во тој миг во купето влегуваат двајца носачи. Сцената е поставена, а Ајнштајн се качува.

- Според моите пресметки… – извадил од џебовите 19 книги поезија и се фокусирал на една, од која извадил лист со равенства, според моите пресметки, просторот не е празен како што тврдел г-динот Њутн. Кога Господ ја создал вселената…

- „Не гледам никаков Господ во вселенава“ – Јуриј Гагарин, 1961-ва – го прекинал Гоце.

- Добро, не ми беше тоа поентата…

- А btw…

- Шо е btw? – прашал Ајнштајн.

- „Патем кажано“.

- Ааааа, ок.

- „Ок“? Мислиш „океј“?

- Тотално.

- Кул. Патем кажано, твоите пресметки не се твои туку на Милева.

- Која е Милева?

- Небитно, ќе ја запознаеш.

goce delcev

- Еј, како знаеш дека ќе ја запознаам? Ти да не…

- Не знам ни јас баш како, но… – додаде Гоце замислено.

Во тој миг, обајцата се погледнаа.

- Јас го трансцендирам простор-времето! – рече на сиот глас Гоце.

- Молам?

- Ајнштајн! Слушај ме добро!

Ајнштајн извади чепкалки за уши и по детално чешање ги извади.

- Види. Во 1905-та и 1915-та ќе излезат нови теории за просторот и времето. Ти ќе бидеш човекот кому светот ќе му ги припише.

- Јас?

- Да, иако се прастари.

- Ок, и?

- Првата ќе се вика „Специјална релативност“, втората – „Општа релативност“. Во првата ќе констатираш инваријантност на физичките закони во сите референтни системи и дека брзината на светлината во вакуум е иста за сите набљудувачи без разлика на самото движење на светлосниот извор. Во втората, пак…

- Извини што ќе те прекинам. Што планираш со манекенската кариера?

- Заеби ја манекенската кариера.

- Ок. Чекај да земам лист и пенкало.

Ајнштајн земал лист и пенкало и почнал да пишува.

- Во втората – додал возбудено Гоце, ќе се фокусираш на геометриски опис на гравитацијата, при што ќе ја генерализираш претходната теорија заедно со њутновската универзална гравитација.

- Што значи „генерализира“?

- Ќе ја прошириш. И тоа на начин кој ќе ги обедини просторот и времето, создавајќи простор-време. Ќе заклучиш дека енергијата и материјата се две страни на иста паричка, при што простор-времето е закривено секаде кајшто има енергија или материја.

- Значи ќе создадам некакви равенки на поле.

- Да, равенки кои ќе се наречат Ајнштајнови диференцијални равенки на поле. Ќе го разбереш светот како поле за константен натпревар меѓу времето и просторот, од една, и материјата, односно енергијата, од друга страна. Резултат на оваа борба е и моето трансцендирање низ историјата, кое штотуку го сфатив.

Тогаш Гоце доживеал ненадеен момент на еурека, денес популарно наречен почеток на предизборен молк.

- Како мислиш? – прашал Ајнштајн.

- Па еве, некако сум успеал да отпатувам низ времето и назад штом ги знам сите овие работи. Оваа мистерија мораме заедно да ја истражиме: ти – најреволуционерниот научник во историјата, и јас – најреволуционерната фигура во поновата македонска историја.

- А откај знаеш дека знаеш?

- Хммм… навистина! – промрморил замислено Гоце.

По 15-тина минути тишина, тишината била прекината од неговиот глас:

- Навистина! Откај знаеме дека нешто знаеме?

По 28 минути тишина прекината само од громогласното брмчење на забрзаната локомотива и кавгањето на 4 жени и травестит во соседното купе, прекината била тишината:

- Сега знам дека она што го знам не знам ни дали го знам, а камоли да знам што сѐ не знам додека мислам дека сѐ знам!

Гоце во тој миг станал, а ситуацијата станала вонредно сериозна.

Набргу група вонземјани се симнале директно во купето и објасниле дека знаењето, како и дел од технологијата со која бил снабден Гоце биле резултат на минорна космичка грешка произлезена од нивното патување низ времето 50 милијарди години во иднината, при што вселената била спасена од некоја глупост.

Ситуацијата се смирила.

Сите биле среќни и пиеле безалкохолно пиво со вкус на јаболка.



[1] συρτός Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, on Perseus

Rickey Holden, Mary Vouras (1965) “Greek Folk Dances”, страница. 84

Rennell Rodd (1892) “The Customs and Lore of Modern Greece”, страница.88

 

Comments

comments