Томислав Каранфиловски (1987, Скопје) е современ македонски поет, дипломец на Катедрата за македонски јазик. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Културолошки  студии. Работел на меѓународни проекти поврзани со академското пишување.

Негова прва стихозбирка е „Од небото до земјата“, која ја објавил на свои 18 години.

Најголеми влијанија врз неговото творештво оствариле Ацо Шопов, Радован Павловски, Блаже Конески, Матеја Матески,  Бодлер, По, Лорка, Казанѕакис, Кавафис, Гинзберг.

Томислав, поминаа шест години откако ја објави твојата последна поетска книга На Кибела Ма, со љубов. Што се случува со твојот поетски свет од тогаш?

-          Да, последната книга ја објавив некаде кон крајот на студентските денови, кога на некој начин заокружив една фаза полна со идеали и соништа  кои се негуваат во тој период. Тоа беше и период на интензивно пишување – учење и пишување… Кај мене тие работи одеа и одат заедно. Бев фасциниран од богатството на јазикот, посебно од создавањето современа поезија врз основа на фолклорната традиција. Експериментирав, играв со таа традиција и се обидував да изразам богати интимни светови низ мноштвото облици што таа ги нуди. Песната Преведи го македонски на македонски е можеби клучната песна што го илустрира тој свет тогаш. Потоа настапи малку подолг период на прекин во пишувањето. Мислам на она пишување на хартија. Веројатно требаше да се испишат некои други страници во животот за да се преточат потоа во поезија. Истражував, бев заведен од литературите и културите на Медитеранот, комплетно се посветив на магистрирањето, откривањето нови интереси во науката за книжевност и културолошките студии. Тоа ми помогна на некој начин одново да го обмислувам светот во кој живеам, да откривам нови задоволства, интереси, погледи на живеење.

11705190_956921111024790_3581837670967769650_n

Имаш творечка енергија во овој период од животот?

-          Па од пред извесно време решив да посветам малку повеќе време на себе и на пишувањето. Всушност тоа не е некое решавање, одлука која ја носиш од утре. Едноставно, се случува. Пишувам.  Еве, мислам дека веќе имам собрано песни за една книга.  Задоволен сум од самиот себе, колку и да звучи самоуверено. Песните се „тазе”, па можеби тоа прави да бидам поголем ентузијаст отколку што треба.

 Во каква творечка фаза си сега, што се’ го конституира твојот поетски свет периодов?

-          Пишувањето е заведување. Сѐ она што има потенцијал да ме привлече, заведе (во бодријаровска смисла) може да го обземе мојот поетски свет и да стане предмет на поетско мапирање. Поезијата е исто така заведување. И тоа со огромна моќ. Ме обземаат убави мигови, мигови кои ја победуваат баналноста и рутината на секојдневното живеење. Мигови кои те прават човек и те тераат да го живееш животот со полни гради. Од читање убава поезија,  јадење вкусна храна, водење љубов, размислување на тема Медитеран, море и сонување среде ден полн со обврски…

Го спомна Медитеранот. Дали се сметаш за медитерански поет и колку ти е блиска поезијата од овој книжевен простор?

-          Да. Поезиите на Медитеранот ги обожавам. Тоа се прозрачни поезии во кои се чувствува морето, поезии на многу мириси и  вкусови. Поезии на хедонизам и силни страсти, на Ерос и Танатос, но и на духовност, византиска строгост, пребогати со маркери на различните култури – вистински палимпсести.  Медитеранските поети се веројатно моите најдобри инспиратори и мотиватори за пишување. Тие се мојата поетска школа.

 Освен поетското творење, што друго те интересира, кои се твоите преокупации?

-          Сакам да пливам, да гледам добри психо-трилери, да медитирам колку што можам, ме интересираат одредени спиритуални практики преку кои се постигнува смирување, контрола над мислите, ме интересира библиотерапијата како ново поле за истражување…

томислав каранфиловски

 

Море

Наместо крв телово е море,
по него сонцата зајдуваат,
блесокот во брановите го пијат осамените жедно.
Море, по кое галебите на тагата самеат
штом дојде есен пожолтена од изгор.

Празно е, само топлините на заборавот останале.
Во него милиони удавени сништа има,
пораки, непрочитани и смешни.

Солта веќе зачнала дете со живот на пустиник
во беспат, беден.

Море, сведок на промени скришни, времиња митски,
маршути, богови и борби,
судир што полека мовта на духот ја крева.
Над секоја потоната душа тука по еден камен никне,
никне ко крв што се пробива со бунт
во секој мускул на болката од бес скршен.

Бесен е бикот што крие стампедо страст
во вените гледајќи ја оваа шир,
се заканува, рине, блешти
и гркланот на Посејдон со рог од умор стар го сече.
Крв и море.
Црвено и сино.
Обоена земја во која брановите дишат страст и смрт.

 

Се смеат стариците тромо.
Повикуваат дуси. Млади.
Под свирежот на морските птици заспани
кои веќе никој не ги чека.

Телово е фрлено во пристаниште со број од век
и натпис „секогаш на истото место”.
Освен молитви од далеку,
загушени од врелината на источниот молк,
освен неколку случајни докази дека минувал караван
со карневалска навика да остави трага на победа и пир…
освен тоа,
друго не се гледа.
Хоризонтот проголтал сѐ.

Само мирисите некаде се доближиле до статиката
на суровата ноќ во која децата се жртвувани,
жените силувани,
мажите испратени во неповрат,
а вљубените прераскажани во друг ден.

Море, синило во крв,
тело во јуриш залетано при секоја плима.
Освен него, на ова место друго ништо нема.
Телото е море.
Море.
Твое и мое.

Comments

comments