Сабота , Јуни 24 2017
Колумни
You are here: Home / Колумна / АВАНГАРДАТА КАКО ФОЛКЛОР
АВАНГАРДАТА КАКО ФОЛКЛОР

АВАНГАРДАТА КАКО ФОЛКЛОР

(по повод одличниот настан во градскиот парк во Скопје каде филхармонијата за прв пат изведуваше песни од Боуви)

Добрата авангарда станува добар фолклор. Секој фолклор своевремено бил авангарда. Ако да, тогаш дали на пример, рокенролот ќе стане фолклор? И да и не. Па, во секој случај тој станува историја. Седам пред некој ден во автобус и го слушам Боуви на радио. Боуви ќе остане запаметен како класик во целиот свет. Ќе се пеат неговите песни. Но, дали може терминот фолклор да се употреби за нешто кое е дело на индивидуален уметник? Ако фолклорот е колективната уметност на еден народ, тогаш кој прв почнал да го создава?

Некои ќе речат дека фолклорот е нешто кое не постои денес во својата оригинална форма. Усното предавање и надополнување на песните, танците или приказните се традиција која е единствено одржувана во културните друштва. Денес живееме индивидуално и ги почитуваме индивидуалните уметници. Затоа не го сметаме Моцарт за фолклор, туку за класик. Па сепак, повеќе од очигледно е дека постои модерен фолклор, односно култура на живеење. Па така, во модерната поп музика од 90тите, можат да се најдат цели рефрени и модели преземени од 60тите, модели кои како своевиден архетип го нашле своето место во колективната меморија и се реактуелизирани во современоста. Значи колективна меморија сепак постои, и ние сепак сме колектив, нели? Во ред, светот веќе одамна не се дели на народи и народности, а од неодамна, откако почна глобализацијата, веќе не се делиме ни на држави. Но, тоа што е сменето е дека денес не мора да чекате од својот локален фолклор за да добиете парче уметност или култура, туку можете да црпите од било кој извор. И тоа е одлично. Слободата да не бидете културолошки врзани за својот народ, племе или средина ви дава нови можности. Достапноста на информации значи и дека расте вашиот апетит. Луѓето на иднината, тоа ќе бидат се’ повеќе луѓе кои ќе имаат пробано толку многу нешта од различни култури и ќе сакаат уште. Со растењето на животниот стандард, расте и потребата од познавањето на културата: секој ќе знае многу нешта, многу фолклорни песни од разни места.

bowie

Но, да се вратиме на дебатата за авангардата и фолклорот. Можно ли е левичарскиот принцип на авангарда природно да се претопува во десниот принцип на фолклорот? Зошто да не, тоа исто така значи дека левичарскиот принцип на колектив и колективно бивање е нераздвојно поврзан со поимот на индивидуа. Не можеме да имаме добар колектив ако немаме изградени индивидуи. Светот е во процес на индивидуализација. Ако ја разгледаме историјата на културата, ќе видиме дека сите уметнички стилови се движеле кон индивидуализација. Така, денес немаме водечки стилови, како што биле ренесансата, барокот, рококото, туку секој уметник се обидува да биде свој. Исто така, поминати се времињата кога група на уметници се собирале за да формираат авангардно движење. Исто како што во минатото цели народи формирале одреден фолклор.

Си свири Rebel Rebel во автобусот. А значи бунтовник се бара? Па и фолклорот бил бунтовен. Верувам дека најубавите делови од фолклорот биле посветени на слободата. На пример, тоа биле песни за ослободување од ропството на кралот, или „мераклиски“ песни во кои селанецот кажува како ќе ја следи својата волја и ќе го прави тоа што му е по волја, во било која смисла. Слободата како инхерентен принцип кој ги надминува сите други принципи – слободата како откритие на индивидуата против колективот. Во таа смисла, беспредметни се десничарските вљубувања во „народната уметност“, бидејќи таа не е ниту левичарска, ниту десничарска – во најголемиот свој дел, народната уметност е слободарска. Беспредметна е и фасцинацијата на големите левичарски влади со „народниот гениј“, бидејќи во нивното обожување тие претпоставуваат дека фолклорот е апстрактно создаден од колективот, дека никој не почнал прв, туку песната ете спонтано се создала. Ваквата негација на индивидуата создава илузорна слика за фолклорот и тој станува апстрактен поим кој е сега ставен во функција на Лакановото имагинарно. Секако, тука постојат многу позитивни обиди за реставрација на фолклорната уметност која државите често ја прават: па сепак, буквалното собирање на носии и други артефакти, буквалното копирање на танците преку правење на танцови друштва, колку и да изгледа како автентично продолжување на традицијата, во најголемата мера е оддалечување од неа. Копирајќи ја традицијата ние се оддалечуваме од неа, правејќи музејски експонат.

Дали денес традицијата е музејски експонат? Да, и затоа тука во играта влегува авангардата која може да ги придвижи нештата. Авангардата како спротивност на фолклорот, на крајот ќе биде таа што ќе го спаси и продолжи неговото постоење. Како? Секако, на самиот почеток авангардата го исмева фолклорот и црпи од други извори, најчесто од технологијата. Но, на крајот, авангардата се врзува за фолклорот. Да го земеме за пример рокенролот. Рокенролот се јавува со технолошката измислица на електричната гитара. Можностите кои таа ги дава се неверојатни и даваат нови формули во музиката. Но, сепак на рокенролот му фали подлога, па тој се врзувал со блузот, (тој и почнал како дисторзиран блуз), за подоцна да се стопи во кантрито и со тоа не само да го трансформира кантрито, туку и да го продолжи неговото постоење. Кантрито живее и понатаму заради појавата на рокенролот, односно кантрито живее и понатаму само во друга форма. Технологијата не е доволна да ја придвижи авангардата, таа бара вредносен систем и бара да се надоврзе на старите стилови кои постојат во една култура како претконтекст. Мешањето на контекстите или реконтекстуализацијата на уметноста е неизбежен чин. Дури и во природата, со мешањето на гените се случуваат слични нешта: иако знаеме толку малку за генетиката, тоа што е сигурно е дека, барем во животот, постојат бесконечно варијанти за комбинирање и пресоздавање на уметноста. Дури и кај едноставните системи, на пример, кај византиските цркви кои стриктно ги следат своите канони како полукружна апсида, купола, полукружни прозорци, решение на впишан или опишан крст, ниедна од нив не е иста и секогаш е нова и различна.

Bowie 2

Секако, постојат и оние изведувачи кои сеуште ќе прават класични кантри албуми и ќе се држат до традицијата. Во постмодернизмот, и тоа е дозволено. Живееме во ерата на изборот, кајшто реставрацијата и реконструкцијата на монументите може да биде исто толкава сензација и откритие, како и авангардата. Па сепак,  тука мора да се додаде еден коментар. Реставрацијата и реконструкцијата во кои авторот не внел ништо инвентивно, ништо свое во приказната, остануваат банални и не ја оживуваат традицијата- напротив ја умртвуваат. За мене, целата поента на постмодернизмот е да се даде ново оригинално читање на истото дело, во спротивно, се работи за маниризам, плагијат или едноставно кич. Ако проблемот на авангардата е што често е плитка и само концептуално заокружена, необработена, тогаш проблемот на фолклорот е што е лажно длабок: маниристички комплексен, а всушност една стара навика. Уметноста како навика. Тука можеме веднаш да заклучиме дека вистински убавите дела не припаѓаат ни на фолклорот, ни на авангардата, колку што секогаш биле резултат на индивидуалноста на авторот, на оригиналниот текст во делото, на оригиналниот клуч кој од едно субјективно гледиште, авторот успешно го пренесува на објективната публика. Успешно напишан и прочитан текст. Интерсубјективизмот е интересна теорија која точно ја опишува медијацијата на делото меѓу авторот и публиката. Делото е токму медиумот меѓу авторот и публиката, субјективното и објективното, меѓу традицијата и новите форми, односно меѓу фолклорот и авангардата, меѓу славата и андерграундот, меѓу старото и новото. На пример, делото треба да биде одговор на меѓугенерацискиот дијалог во едно општество. Помирување на генерациите, но и ново решение за општествените проблеми.

Оттука, оригиналноста на Боуви е во тоа што тој допира до повеќе генерации, до многу уши. Боуви е свој, тој е меѓу стиловите, тој го има методот на избор: како од палета тој избира што и како ќе инкорпорира во својот идентитет и ни потврдува дека животот е избор, да играш е избор, а добриот избор дава добри резултати. Оригиналноста е највисокиот критериум по кој може да биде вреднувана уметноста и животот и нашиот најголем стремеж лежи токму во волјата за разноликост, волјата да оставиме личен печат на земјата. Воедно, овој стремеж е секогаш благороден и личи на детската игра, во која желбата за креативност е единствениот spiritus movens и за разлика од светот на возрасните, кајшто пустата ничеанска волја за моќ ги засенува нештата оддалечувајќи ги од својата суштина, тука компетитивноста токму ги зближува играчите: колку е пооригинално и поиндивидуално делото, толку повеќе тоа може да допре до колективот, и тоа е секогаш случај со големите дела: тие ја трансцендираат крајната индивидуалност на авторот и му ја подаруваат на светот, правејќи ја читлива за сите, претворајќи ја во архетип, идеограм, културна матрица која ќе живее во форма на модерен фолклор, модерно меме во креативната еволуција за која зборуваше Анри Бергсон: креативниот елан, elan vital, а не чистата егзистенција е причината заради која се случува чудото наречено живот.

Костадин Героски

 

 

 

Comments

comments

About Костадин Героски

Костадин Героски(1988) е автор на контроверзниот роман „Смртта на уметноста“ со кој ги исмеал македонизмот и етатизмот а ја предвидел орвеловската иднина на својот народ. Јавно говорел за холограмскиот култ на 21 век, се занимавал со гематрија, магика...Еднаш рекол дека треба да го сакаме универзумот повеќе одошто тој некогаш ќе не сака нас.

Comments are closed.

Please support the site
By clicking any of these buttons you help our site to get better