Кон делото „Бавната смрт на Лусијана Б.“ од Гилјермо Мартинес, Антолог 2015

 „Фикцијата се натпреварува со животот“ – Хенри Џејмс

Мартинес преку своето дело „Бавната смрт на Лусијана Б.“ лесно создава ефект на судница и со тоа нам, читателите, ни дава целосно право на вклучување во романот. Освен што ќе добиете желба за кафе затоа што Лусијана толку слатко го пие кафето со писателите, ќе добиете и желба да ја истерате правдата докрај. Токму затоа е успешна оваа мистерија, Лусијана ќе го бара кај нас разбирањето што не може да го добие од полицијата и од другите.

Лусијана Б. го обвинува писателот Клостер за низата несреќни случаи, но нема реални докази. Клостер, пак, загрижен и воодушевен во исто време, како доказ во своја самоодбрана ја приложува играта на случајност. Ако земеме предвид дека авторот, Гилјермо Мартинес, дипломирал математичка логика, не би нè чудела оваа коцка со среќата или, да се изразиме поточно, несреќата. Темата за „коцката“ се провлекува и во именувањето на насловите. Секоја глава е именувана со броевите од еден до дванаесет, со тоа што дванаесет би значело „две шестки“ .

„Ние писателите сме професионални озборувачи“. Особено ако се работи за друг писател. Интересни се разговорите и надмудрувањата на двајцата писатели, преку кои го гледаме односот исполнет со натпревар, но и со љубопитство. Двајцата ја откриваат поврзаноста помеѓу пишувањето за убиството и извршувањето на убиството. Замислете да ви се исполни сето она што сте го напишале. Дури тогаш она „внимавај што посакуваш“ ќе настапи на сцена. Каков ли свет би создале ако самите го пишуваме? Што ако фикцијата стане живот?

Додека го читав делото, постојано сакав да интервенира Тарантино со своето чувство за одмазда. Во негов филм, Лусијана би се појавила во брза кола, со чувство на црвено и жолто, тешко вооружена, и крваво би си ја барала својата правда. Но дали Клостер е навистина виновен, дали тој ја заслужува одмаздата? Пресудете сами откако ќе ги сослушате двете верзии, но внимавајте кога ќе навлезете во лавиринтите на нивната двострана опсесија и омраза. Кога ќе го прочитате романот, ќе може да разговараме и за тоа кога започнала смртта на Лусијана Б.

 

Кристина Атанасова

Comments

comments