„Овие страници раскажуваат веројатна приказна, која сепак никогаш не би можела да се случи во реалноста. Всушност, раскажуваат за два лика што се среќаваат трипати, но секој пат е единствениот, прв и последен“.

 

Луѓето се брзаат и затоа чувствуваат потреба да читаат концизни романи, по можност добронапишани. Токму таков е овој на Барико, лесен, прецизен, видлив, брз, конзистентен и интересен. Роман низ чии страници е испишана светлината на зората. Поврзани животи, поврзани приказни, а заедно – книга на средби меѓусебно преплетени со големите празнини на времето. Приказни што се случуваат во една темнина пред мугри, ни ноќ, ни утро, а судбините на ликовите се испишани во ноќи кога огнот зел сè. Приказна за една девојка без куќа, која решила да започне сè одново. Приказна за еден човек што, за време на годините поминати во затвор, ја изгубил својата куќа. Приказна за една дрвена куќа, која се претворила во купче пепел и се изгубила во ноќната темнина. Меѓу нив се чувствува таинствената постојаност на љубовта сред незапирливиот тек на животот затоа што, ако навистина сакаш некого, тоа не подразбира дека најдоброто нешто што можеш да го направиш е да живееш со него.

Книгата се чита во три одделни епизоди, меѓусебно поврзани, во секој дел има случајна средба меѓу машка и женска фигура и секоја од нив се одвива во раните утрински часови. Секоја наредна епизода нè носи на место многу години подоцна и започнува со слична приказна, неколку часа порано од завршувањето на претходната. Во сите епизоди, еден од ликовите му должи приказна на другиот, еден е секогаш во бегство, но зошто? Симпатични и реалистични епизоди, но со неочекувани заклучоци. Дали ликовите се потполно спротивни од првичниот впечаток за нив?

Нешто ги води овие ликови на местото каде што се среќаваат и тоа ги прави да бидат такви какви што се. Не се работи за времето кога се враќаат дома, туку за тоа која е вистинската светлина за враќање дома. Која е таа светлина во која се чувствуваат чисти? Прозрачна светлина што го придвижува времето. Светлина што се вика Зора.

Барико напомнува дека мора да бидеме многу внимателни кога сме млади зашто светлината во која престојуваме како млади ќе биде светлина во која ќе живееме засекогаш. Или во полумрак, а полумракот ќе нè следи целиот живот, токму како и неговите ликови.

 

Ирина Тумбовска

Comments

comments