Стефан Марковски (Гевгелија, 1990) е едно од челните имиња на најновата генерација македонски поети. Завршил компаративна книжевност, а исто така е и апсолвент на Институтот за Филозофија при истоимениот факултет во Скопје. Самото тоа дава на показ дека станува збор за една интелектуална и љубопитна природа, која ја бара синтезата меѓу поезијата и филозофијата.

Извонредно плоден за своите години. Автор е на романот Еднонасочно (2009), со кој ја започнува својата литерарна авантура. Автор е и на 3 книги со тема од филозофијата и психологијата, како и на една книга раскази – Продавачот на ветар и магла и други приказни.

In Nomine е неговата трета поетска книга, по стихозбирките Апеирон и За некои спомени од онаа некогашност.

И премногу импресивен опус за еден така млад автор. Насловот на неговата прва стихозбирка Апеирон (старогрчки: бескрај) како да е императивен за неговиот амбициозен поход кон (во) бескрајниот простор на литературата. И според изборот на мотивите и според карактерот на неговиот поетски ракопис, Стефан Марковски е поет и филозоф истовремено, или поарно поет-филозоф кој се обидува да ги доведе во рамнотежа интуицијата и логосот, да ја сотвори ткаенката на своите стихови од нивните префинети и невидливи нишки. Се разбира, зацрпувајќи од најдлабоката внатрешност на чувствата и свеста, со слегување во потсвеста и со искачување во натсвеста.

Во таа смисла за Стефан Марковски слободно можеме да кажеме дека важи дефиницијата на Хајдегер за поезијата како говор на битието. Дали во таа смисла можеме него да го дефинираме како еден вид поетски предсократовец кој се обидува поетски да го толкува битието? Веројатно. Тој од него на рафиниран лирски начин ги извлекува скриените содржини и им дава плоден имагинациски тек.

Во In Nomine Стефан Марковски не ја следи главната поетичка структура на неговата генерација во која доминира иронијата како основна стилска фигура и светоглед на реалноста. Напротив, тој е склоп кон чисто лирскиот асоцијативен тип поезија. Нему пред сѐ му е битен, како што би рекол Карлајл, метафизичкиот квалитет на песната, на кого во европската модерна посебно инсистираа симболистите. Но дали е тој симболист? Тој вистина инклинира кон еден препознатлив симболистички тип на израз, но не класичен кристализиран поетички начин. Впрочем како што е тоа, на пример случај со еден врвен симболист каков што е Стефан Маларме до чија поетика на сугестијата (нештата да се сугерираат а да не се именуваат) е многу блиска и поетиката на Стефан Марковски. Тоа, пак, значи да се создава поезија на еден вид онтолошка атмосфера на затемнетост и мистерија во која поетските слики се исто така затемнети и се раствораат во емотивни и музикални ефекти. Такви, тие се езотерични, лизгави и одвај дофатливи.

Оттука не е чудо што во поезијата на Стефан доминираат семантичките и симболички топоси како што се: воздух, ветар, песок, пареа, тишина, сенка. Тие се, како што би рекол Г. Башлар, хормон на поетовата имагинација, повеќе топоси на неговата онтолошка состојба, отколку конкретен поетички предмет во кој знакот и означеното стојат во цврста врска.

Во In Nomine на Стефан Марковски како да го гледаме не цврстото, туку раствореното лице на Нарцис сведнат над водата, но тоа водено огледало е реката на Хераклит во која не се влегува двапати, бидејќи со секој миг е друга, носејќи ги со својот тек трошното време, минутите и спомените во невратка. Има доста примери во неговите стихови за да се илустрира таа филозофска слика. Ние, пак, се задржуваме на одличната песна Милион слики за тишината на стиховите од завршната строфа:

„Изделканата карпа
од речното корито на сувомората
заликува на ликот твој
в одблесок од течението.“

Одблесокот, а не цврстиот реален лик одразен во него е примарната состојба, метафизичката ситуација на лирскиот субјект во In Nomine.

Таа ситуација коинцидира со филозофијата на Шопенхауер за животот како илузија, како вид сон кој нѐ сонува нас, а не ние него.

Нашиот поет тоа го поткрепува цитирајќи го сјајниот парадокс на Жан Кокто: „Поетот е лажго кој секогаш ја зборува вистината.“ Вистината или илузијата за вистината како лага, или поарно како прелага во контекстот на нашата опсервација на поезијата на Стефан. Покрај Шопенхауер и Кокто, тука е и О. Вајлд кој на Андре Жид му соопштува дека „уметноста е лага“, а не вистина. Тоа пак значи дека (пре)лагата како илузија ја проецира вистината. Барем во поезијата која што ја преферира Стефан Марковски, која ја интересира пред сѐ онтолошката, а не егзистенцијалната реалност од било кој вид. Тоа во неа е повеќе од очигледно. Сѐ во неа е заклучено со метафизички клуч кој го актуелизира во секој нов стих одново и и го отклучува толку таинствениот и тешко спознатлив говор на битието. На тој начин и лирскиот субјект во неа е амбивалентен, замаглен и езотеричен.

In-Nomine

Тоа не е демијуршкото Јас цврсто закотвено во нејзиниот епицентар, туку е ту некој сезнаен, ту некој сепостоечки секој или непостоечки никој.

Поетските слики во In Nomine на Марковски се намерно асоцијативно лабави, семантички растворени во еден општ филозофски тек, кој е во основа хераклитовски, во кој времето протечува сосе миговите и спомените како река – симбол на илузијата на човековиот живот.

Како Хераклит, и овој поет ни кажува дека нашиот живот е само кусовечен одблесок од тој тек, кој Пруст сакаше да го врати со неговиот познат литерарен метод – потрага по спомените, а кој на еден експресивен лирски начин е присутен и во стиховите од новата книга на Марковски.

На крајот од овие куси размисли останува да заклучиме.

In Nomine е поезија за респект.

Тоа е поезија на млад автор кој е цврсто закотвен во својот идентитет. Поетски. Но и филозофски.

Поетот во неа неретко се јавува во функција на метафизички спекулант (во песната Стихови испишани на куцкамен).

Сепак, тој спекулант за среќа тука е од аргонаутски карактер. Поетот е аргонаут кој пребарува низ своето битие и во неговите длабочини го бара златното руно на своето јаство. Тоа се неговите сугестивни стихови, кои ни откриваат еден навистина оригинален и драгоцен поет во современата македонска поезија.

Ефтим Клетников

Comments

comments