skin

Седејќи покрај својот пријател додека чекаа да им ги донесат пијачките онака сосема неочекувано,
Винсент му рече на Семјуел: „Да не си ми во кожа“.
Семјуел: Што се случува?

Винсент: Да не си ми во кожа.

Семјуел: Добро Винсенте, те разбрав дека ти е лошо, но морам да знам што те измачува толку за да знам како да ти помогнам.

Винсент: Каков пријател си ти кога не можеш да погодиш за што станува збор? Да не си ми во кожа!

Семјуел: Добро, ќе кажеш веќе еднаш што е проблемот?

Винсент: Да не си ми во кожа, додека не погодиш нема!

Семјуел: Навистина си станал тврдоглаво магаре Винсенте!

Винсент: Да не си ми во кожа, Семјуел!

Семјуел: Знаеш, не ни посакувам да бидам во нечија кожа, и оваа мојава што ја имам ми е доволна.

Винсент: А, скапо ли ја плати?

Семјуел: Ќе ми платиш ти мене убаво ако не проговориш за што станува збор, ќе ми платиш Винсенте скапо ти се колнам како во старите добри времиња кога бевме

малечки и ти се колнев дека ќе те истепам ако не ми дадеш пола од чоколадото.

Винсент: Види го магарето се налути, а јас посериозен никогаш не сум бил.

Семјуел: Викаш сериозен си, ништо не кажуваш и не можам да те разберам. Играш некоја игра, ама ќе ми платиш за ова да знаеш!

Винсент: Море, да не си ми во кожа!

Семјуел: Ти нема да се опаметиш вечерва така?

Винсент: А, со пивата што ги порачавме следува гратис среќа?

Семјуел: Само ако знаеш да ја препознаеш!

Винсент: Ми беше убаво во своја кожа, сега веќе престана да ми биде, сам не можам да си се препознам.

Семјуел: Гледам дека нешто не е во ред, да ја оставиме шегата на страна, што се случило?

Винсент: Ти реков, да не си ми во кожа! Никому не го посакувам ова Семјуеле, дури ни на смртен непријател.

Семјуел: Добро поѓаволите, ќе ми кажеш што се случи и зошто вака зборуваш?

Винсент: Ме остави. Си замина, ги собра куферите и ме напушти засекогаш.

Семјуел: А, со себе ја понесе и твојата среќа така?

Винсент: Однесе цел еден живот, го спакува в куфер и не побара да ѝ помогнам.

Семјуел: Ти сакаше да ѝ помогнеш, веројатно таа не чувствувала потреба од помош.

Винсент: Ама само сакав! И да не си ми во кожа, пак ќе ти речам.

Семјуел: Ќе се врати, ќе видиш!

Винсент: Откако зеде сѐ со неа?

Семјуел: Откако ќе сфати дека згрешила!

Винсент: Нема да се врати истата, а ниту јас ќе бидам истиот.

Семјуел: А, знаеш дека не можеш да очекуваш од никого да биде исиот?

Винсент: Се плашам дека нема да ја препознам.

Семјуел: Мислиш таа за истото се плаши?

Винсент: Да се плашеше, немаше онака да замине…

Семјуел: Чудни се овие жени! Знаеш дека мене не ми оди со нив, а вам навистина ви се восхитував.

Винсент: Не помага восхитот брате, не барам помош само барам да ме разбереш и да не си ми во кожа никогаш!

Семјуел: Ќе видиш дека ќе се врати кога ќе увиди дека згрешила.

Винсент: Таа и сега е присутна, овде под кожава во која не сакам да бидам.

Семјуел: Знаев дека си вљубен, ама до овој степен дека си дошол не можам да поверувам.

Винсент: Не знаев ни јас пријателе, всушност ништо не знаеме за љубовта додека не нѐ здоболи, додека не здоболи доволно силно со ефект како да ти ја дерат кожата, е толку сме неуки!

Семјуел: Значи според ова јас сум неук, после се чудам зошто не ми одело со жени.

Винсент: Има време, ќе се појави еден ден некоја што ќе те научи, ама ако се научиш да не живееш без неа, готов си!

Семјуел: Место јас тебе, ти мене совет. Знаеш дека не сум добар во давањето совети.

Винсент: Доволно е што ме ислуша, брате. Нејзе ништо не ја вади од таму.

Семјуел: Од под кожа?

Винсент: И од таму, и од цело мое битие.

Семјуел: Ти нема спас тебе пријателе, љубовта ќе те дотолчи.

Винсент: Не е само љубов во прашање, и навика и уште триста ситници…

Семјуел: За сѐ има одвика, ама од љубов тешко дека може некој да те одвикне.

Винсент: Не би сакал никогаш од неа да се одвикнам!

Семјуел: Епа затоа после ќе викаш да не ти бидам во кожа. И не ни сакам да бидам во ничија кожа, ти кажав мојава ми е доволна.

Винсент: Сам себе си доволен ти, затоа така викаш.

Семјуел: Што ако така повеќе ми одговара?

Винсент: Ќе останеш цел живот неук.

Семјуел: Поарно неук ама да сакам да сум во своја кожа, и никој да не ми биде под неа…

Винсент: Тоа не е можно. Ќе се увериш во овие зборови еден ден, јас ниту планирам, ниту можам да те убедувам.

(Од „Приказни за добра ноќ“)

Н.Н

Comments

comments