images

Самиот наслов кажува што ме поттикна да седнам и да ја пишувам оваа колумна. Секој нормален и совесен граѓанин на оваа наша напатена мала земја нема да остане имун на овие случувања или новосоздадена состојба.

Дали е сигурно  новосоздадена? Секако дека не. Не можеме да се правиме глуви и слепи на сите изминати настани не само последниве неколку месеци туку години наназад. Не можеме да се правиме ниту незаинтересирани, недопрени, незасегнати, кога сме и треба да сме. Секој еден би се запрашал до каде стигнавме? Кој е крив? Зошто ова ни се случува? Како дозволивме ова да биде главна тема во денешните вести и во секојдневието? Како стигнавме до овој степен и зошто го дозволивме ова? Дали сме толку немоќни и слаби за да не можеме да постигнеме консензус внатре и зошто е тоа така? Дали постојат решенија кои намерно не сакаме да ги видиме?
Зошто стигнавме довде? Може некој да ми одговори на сите овие прашања?

Јас нема да дадам одговор на нив. Не сум дипломат, ниту политичар, сум припадник на ниедна партија, немам партиска книшка, имам право да ја остварувам мојата граѓанска должност веќе 6 години и тоа ми дава потполно право да го искажам своето мислење. Впрочем, секој има право да го искаже својот став нели живееме во време на право на слобода на говор.

Денешната сцена што ја видов на телевизорот ме згрози до степен да се запрашам дали тоа што го гледам на екранот се припадници на човечката раса како дел од стампедо или стампедо од животни затоа што не покажуваа знаци на цивилизрани луѓе…

d181d182d0b0d0bcd0bfd0b5d0b4d0be-520x346

Собранието во тој момент го доживеав како да е париски Лувр и како група на собрани туристи се туркаат за да го посетат како да нема да успеат сите да влезат доколку не се протнат во гужвата.
Дали е ова слика која еден граѓанин сака да ја гледа во ударен термин на вести од својата држава, а притоа да не се работи за никаков музеј, туку за единственото собрание во главниот град?
Дали насилството кое беше прикажано на снимките не ги гаѓа сите без разлика кон кого се наклонети? Не може никој да остане недопрен од ужасот кој беше презентиран на сите телевизиски куќи.
Да, тоа што денес го видов е еден вид на ужас во кој се случуваат насилни акти како тоа да е сосема нормална работа.
Кубење за коси и раскрвавени лица е дел од собраниска седница? Навистина воопшто не сум се разбирала од политика, срам да ми е.

409309-izmenite-na-zakonot-za-budzheti-pred-pratenicite
Да бидеш политичар во нашата земја не значи повеќе да знаеш да лажеш, многу поважно е да бидеш способен да издржиш физички напад и психичка тортура и да знаеш да спасиш жива глава од револтирани револуционери, бранители и „стампедо“! Без разлика дали станува збор за обичен граѓанин, политичар, работник, студент и сите останати категории луѓе или со еден збор секој обичен „смртник“ не смее да биде насилно нападнат. Кога се работи за насилство врз жени тука е уште поделикатно, ниту една жена не заслужува да биде кубена за коса, навредувана во најмала рака и сите останати замисли што ќе се појават кога ќе се спомене зборот насилство.

Акцентот го ставив на насилството во последните неколку редови, а тоа се случува секојдневно и не само во собранието!

За жал го има и зад затворени врати, и онаму каде што не снимаат новинари и онаму каде што не треба и не смее да го има. Тоа е веќе предмет за тема на друга дискусија.

За да се вратам на темата нема да ги редам настаните хронолошки зошто текстов ќе стане подолг од планираното, а и ви кажав дека не се разбирам во политика зошто не знаев дека треба со насилство да се одбира претседател на собрание и со триста други случувања изминатиов период.
Секако дека сите претходни случувања се поврзани со денешната состојба како што ја нарече нашиот претседател, навистина е новосоздадена, но била очекувана од многумина и си има корени во минатото (поблиско и подалечно).
Кој сака да има војна? Ако има еден таков во оваа земја јас предлагам да му се купи неповратна карта и да си замине на бојно поле под итно…

Немам време за осудување упатено кон никого во ова „обраќање“, како да мојава колумна ќе може да промени нешто, но го осудувам секое кршење на јавниот ред и мир, секое незаконско кршење на Уставот, секое насилство упатено кон луѓето, секое криминално дело и секој кривичен акт кој носи штета на другите. А, на крај останува дека најоштетени се луѓето, нормално од други луѓе.
И барањата на луѓето ќе треба да се послушаат.
А, одлуките што треба да се донесуваат треба да бидат разумни, за ова сум најсигурна.

Има место за разум после сѐ ова? Мора да има!

Џабе плукате едни кон други, ви ги читам статусите на сите и ви велам дека е непотребно, верувајте ми.
Потполно го разбирам секој револт, засегнатост и гнев, но тие нема да донесат ништо добро ако меѓусебно се „колеме“ преку фејсбук/твитер објави.
Не заборавајте дека иако е виртуелен свет, тоа што е надвор го отсликуваме тука, а тоа што го пишуваме овде може многу брзо да се пренесе надвор.
Затоа, ако сме доволно јаки да пишеме како би требало да биде според нас и ако сме храбри да посакуваме најлошо кон некого за жал слабееме како целина, се разнебитуваме како држава и си штетиме самите. Ми ја сфаќате поентата? Најлесно е да одвоиш 3 минути и да напишеш „говор на омраза“ со неколку пцости, критички хаштаг, а со тоа да не постигнеш ништо освен 103 допаѓања, 33 споделувања и 13 коментари одоздола.

Дефинитивно не ни требаат државни удари, пучови, вонредни состојби, говор на омраза, насилство со крвопролевање, кршење на закони и Устав, собрание претворено во музеј во најмала рака кое наликува и на некој вид на бојно поле или можеби пак некоја средношколска тепачка во која никој не се грижи за останатите. Не ни требаат ни разнебитувања ни повици за војна, не се посакувани!
Срамно и жално е ова што се случува од каде и како и да гледаш!

Да се пробудиме веќе еднаш од овој кошмарен сон, зошто не би сакала повеќе ОВА да биде дел од моето јаве.
Апел, кој не знам до каде ќе стигне…

Comments

comments