Фредерик Бегбеде (Париз, 1965), автор на 11 романи, е еден од најпознатите француски и европски романсиери, книжевен критичар, филмски работник и новинар, добитник на наградата Interalliè во 2003 за романот „Прозорци на Светот“ и наградата Prix Renaudot во 2009 за „Француски роман“.

Бегбеде е извршен уредник на популарниот магазин за возрасни Lui и е колумнист во популарниот магазин Figaro од 2010-та.

Неговите романи се објавени во милионски тиражи, а преведени се на над 80 јазици.

Издавач на неговите книги во Македонија е издавачката куќа „Три“.

Бегбеде денес во 19:30 часот во „Јавна соба“ Скопје ќе ги дружи своите читатели, гостувајќи за прв пат во Македонија.

Во интервју за Зеница, со Бегбеде зборувавме на многубројни теми, вклучувајќи ги причините кои го натерале да стане писател, моќта и успешноста на книжевноста да го промени и обликува светот, Бог, политичкиот ангажман на писателот, алкохолот…

frederic-beigbeder

Зошто бевте избркан од работа за романот „399“?

-          Причината беше фактот што критикував клиент, фирмата „Данон“, која е една од водечките компании за млеко и јогурт во Франција. И тоа е всушност една од главните причини зад успехот на книгата.

Па, гледаме дека доста често книгите и уметноста воопшто доживуваат најголеми успеси токму кога се забранети, потиснати или врзани за некаква контраверза.

-          Токму така. Во Франција станав познат како „отпуштениот писател“ и одеднаш секој посака да ја прочита книгата на „отпуштениот писател“. Луѓето погрешно веруваат дека ако те избркаат од работа, ја кажуваш вистината. Иако кај мене токму тоа беше случај.

Постоеше ли клучен момент во кој дозна дека сакаш да бидеш писател?

-          Кога имав 8 години почнав со пишување дневник. Не можев да објаснам зошто, но имав желба и потреба за евидентирање на секојдневието. Денес, 42 години подоцна, знам дека причината за тоа лежи во фактот што татко ми ја напушти мајка ми. Мислам дека страста да пишуваш одненадеж ти „паѓа врз глава“ како вирус, како болест, разболувајќи те. Додека пишувам ја користам побуда одвнатре да се гледам себеси однадвор. Исто така, отпосле сфатив дека една од реалните причини за пишувањето ми е желбата да ги запомнам нештата. Не го гледав татко ми често, па откако ќе го видев ги запишував сите нешта што сме ги виделе и искусиле заедно.

Писатели кои ги сакаш наспроти писатели кои ти се допаѓаат?

-          Ги обожувам Ф. Скот Фицџералд, Тургењев, Шекспир и класиците, а ми се допаѓаат Џејмс Елрој, Брет Истон Елис, воглавно американски автори. Душата, со исклучок на Фицџералд заради неговата меланхолија и поезија, ми е дефинитивно во европската книжевност.

Би се опишал ли себеси како романтичар?

-          Се разбира. Руски или германски тип романтичар.

Кој од твоите романи ти е лично омилен?

-          „Француски роман“, затоа што се однесува на моето вистинско детство. Во сите други книги се преправам дека сум друг, но во „Француски роман“ сум она што сум, иако во извесна смисла сите романи ми се автобиографии со преувеличени елементи. Мислам дека извонредноста на пишувањето фикција е во „лажењето на масите“, право кое политичарите мислат дека им припаѓа ексклузивно ним. Сакам да ја кажувам вистината, но да ја преоблечам во живот.

A-French-Novel-by-Frédéric-Beigbeder

Еден од зачетниците на постмодерната филозофија, Мишел Фуко, ја поврзува вистината со моќта, односно кажувањето на вистината со оние што ја имаат моќта, истовремено велејќи дека самата моќ е создадена преку употребата на прифатените облици на знаење и „вистина“. Дали книгите во денешно време имаат реална моќ да влијаат врз формите на знаење, вистината и моќта и на тој начин да го променат општеството?

-          Мислам дека книгите денес располагаат со слобода затоа што никој не ги чита. Никој не помислува на книги повеќе, а кога никој не помислува на книги, постои одлична шанса да кажеш сè што сакаш. На ТВ не можеш да го направиш тоа. Книжевноста има поголема слобода од секој друг медиум. Писателот ја има моќта и слободата да каже сè што сака во насока да го промени општеството. Во книгите нема реклами. Никој не плаќа за да се рекламира преку книга. Додека читаш, го слушаш гласот на некој кутар тип, додека осамен во својата соба издвоил време на видоизменет начин да зборува за својот живот.

Ја има ли книжевноста моќта да го смени светот?

-          Фасбендер рекол: ако не можеш да го смениш светот, опиши го. Ете тоа го мислам за уметноста. Не знам дали уметноста може да го смени светот, но ако гледаме во светот и раскажуваме приказни за она што случува на начин кој би можел да го смени гледиштето на луѓето за тој свет. Ова е несомнено мисија на книжевноста и уметноста. Го обожувам О. Вајлд. Тој рекол: природата ја имитира уметноста. Тоа е многу точно затоа што кога ја гледаш природата, забележуваш дрвја, облаци и тн., но кога ја гледаш природата прикажана во некоја слика, ги забележуваш Тарнер, Гејнсборо и други. и одеднаш природата станува уметност.

Треба ли писателот да се ангажира политички?

-          Се разбира. Тоа е во разумот на секоја одговорна индивидуа. На пример, не можам да дозволам тоталитарист да стане Претседател на Франција и тоа јавно го изразувам. Воедно, ако не ја браниме демократијата, нема да ја уживаме ниту слободата за да се изразиме слободно како уметници. Од друга страна, и кога не зборува експлицитно, писателот на еден или друг начин може и треба да зборува за политика. На пример, кога во моите романи станува збор за мојот развод, рекламирањето, манекенството и Светскиот трговски центар, иако на прв поглед изгледа дека се работи за игривост и фикција, позадината е политичка алудирајќи на тоа дека сме глупави и имаме никакви животи, слушајќи ги наредбите на другите, бидувајќи принудени да стапуваме во брак со луѓе од ист социјален статус без оглед што немаме чувства, уклопувајќи го нашиот физички изглед со „она што се бара“…

99 francs

Кои ти се искуствата со други медиуми и жанрови?

-          Сум се обидел во филмската уметност, зад себе имам 2 филма. Многу е поинакво од пишувањето роман. Додека пишуваш роман се заклучуваш во соба со години. Додека правиш филм, околу тебе има сто луѓе кои ти помагаат. Правењето филмови е топла и интересна работа. Што се однесува до другите жанрови, имам објавено збирка кратки раскази – Nouvelles sous ecstasy, која ја пишував додека се дрогирав и во која, на експериментален начин ги искажував моите искуства со екстази. Така, во една од приказните нема никаква интерпункција, во друга – постојано прашалници.

Каков совет би можел да дадеш на младите автори од Балканот за успех на меѓународната книжевна сцена?

-          Мислам дека треба да пишуваат за својот живот, своите проблеми, но на начин кој би станал универзален. Тоа е тешко да се планира и организира. Тоа е чудо, магија. Секогаш кога одреден балкански автор од типот на Данило Киш, Иво Андриќ или Исмаил Кадаре ќе допре до светската публика, тоа се должи на одредена чудесија или магичност. Свесен сум дека овој одговор можеби не изгледа корисен, но сум убеден дека е така. Има уште една работа: писателот треба да пишува проста приказна затоа што само простата приказна може да го допре светот. Сите луѓе ги имаат истите проблеми: не сакаме да умреме, сакаме да сме вљубени, сакаме да имаме пари за да им дадеме на луѓето кои ни значат, да останеме или барем изгледаме млади… длабоко во нас сите сме истите глупави копилиња. Ако напишеш кратка, многу проста и многу искрена приказна за човештвото, сите ќе те читаат.

Кои се концептот и значењето на наградата Prix de Flore која самиот ја доделуваш на млади автори секој ноември уште од 1994-та година?

-          Во Париз постојат многубројни книжевни награди. Кога бев млад, никој не даваше награди на авторите кои јас ги сакав – Уелбек, Депент, Бертранд, Равалек… и тоа ме фрустрираше, како што е случај со повеќе млади писатели и одлучив да ја основам оваа награда, доделувајќи ја на писатели од мојата возраст. Сега оваа награда е значајна и релевантна во Франција затоа што сите овие писатели – Уелбек, Депент и тн. се водечки во современата француска книжевност. Не очекувај никој да ти даде награда – биди авангарден и направи своја.

frederic beigbeder stefan markovski

Кој ти е омилен алкохол?

-          Постојано си го менувам мислењето, но моментов сум на становиштето дека текилата има магична моќ да те направи посреќен. Не знам зошто. Секогаш кога сум тажен и меланхоличен пијам текила за да се разбудам. Текилата е еден вид ликвиден кокаин. Разликата е во тоа што со кокаинот можеш да станеш зборлест, постојано да се повторуваш и да станеш параноичен.

Кое е твоето размислување за Бог?

-          Верувам во сила што го организира и оддржува универзумот во некаква рамнотежна состојба која скратено ја нарекуваат Бог. Блез Паскал и огромен број генијални умови верувале во Бог. Ова е една од мислите што ме одвраќаат од атеизмот кога и да ми се јават во глава.

 

Стефан Марковски

 

Comments

comments