ветер

Дали ќе посака никогаш да не се врати таму од каде што дојде? И дали ќе постои нешто што би можело да го задржи тука засекогаш? Дали ќе може да ги прекрши сите правила и да остане во човечка форма засекогаш? Дали ќе вреди тоа на таа возраст? Беше речиси на околу шеесетина човечки години, и доволно стар за да преживува многу, доволно стар за да живее целосен живот преправајќи се човек кој отсекогаш бил роден како таков. Во правилата стоеше дека Ветерот што ќе се испрати како човек, не смее да биде помлад од 55 години. Тоа правило мораше да се почитува и не смееше да биде поинаку. Зошто доколку испраќаа многу помлад Ветер работите можеа да тргнат наопаку и целиот експеримент да пропадне и понатака да настанат непредвидени и непланирани компликации. Процесот беше долг, а патувањето уште подолго. Ветерот ни самиот не знаеше точно колку години патуваше, а годините беа изедначени со траење колку на земјата. Испадна дека патувал цели три човечки години, а за тоа време се „преобразувал“ со помош на тим од стручњаци кои работеле напорно на нивната мисија и досега невиден и никогаш ненаправен експеримент на Земјата. Се служеле со голем број на помагала кои биле специјално изработувани за потребите на самиот настан, но никој не ја знаеше тајната. Тоа беа специјално обучени научници кои долги години од животите ги имаа посветено на тој вид на наука кој на многумина не им беше познат. Допрва ќе слушаат за преобразбата на еден силен и јак Ветер во облик на човек кој научува да зборува, да оди и да чувствува. Да чувствува и доживува многу подлабоко од еден просечен човек кој е роден како таков… А, дали тоа беше предност за него или само една тешкотија која му го отежнуваше патувањето, сепак изгледа одлуката остануваше на времето. Времето кое некогаш не го разбираше, кое научниците мораше да му го објаснат на нив добро познат начин, кое беше дел од неговите први средби со луѓето кои му донесоа непријатности, но и многу поголемо разбирање за нив. Најважно е што Ветерот мораше да се согласи на целиот процес и доброволно да соработува, зошто во спротивно сите чекори ќе се косеа со правилата кои беа јасно зададени и одредени во нацртот на овој досега невиден експеримент, од огромни размери, со непознати исходи, без многу предвидување и контролирање на „сценарија“ зошто сепак беше спроведуван во природни околности…
Судејќи според почетокот можеме само да претпоставуваме каков ќе биде завршетокот на ова патување. Уште поважно од тоа што беше најважно беше тоа што ова патување на овој Ветер во човечки облик ќе биде историско. Несекојдневно и нешто необично, нешто што не се случува секоја година и нема да се случи во наредните десет додека истиот тим од научници проширен со засилување од помлади ентузијасти не одлучи да спроведе втор кога ќе се создадат комплетни услови како за првиот.

Патувањата на големиот ветер

Comments

comments