Вторник , Мај 23 2017
Колумни
You are here: Home / Ново / Добрите дела се паметат вечно (12)
Добрите дела се паметат вечно (12)

Добрите дела се паметат вечно (12)

После вкусната вечера со полни стомаци двајцата потонаа во длабок сон. Детето првпат спиеше во толку мека и топла постела, со покрив над глава и заштитен од секаква опасност која можеше да му се закани…Никогаш не спиел ниту послатко, ниту подолго. Ова му беше полнење на батериите до максимум и надополнување на сите половично проспиени зимски ноќи кога се виткаше од студ и тешко склопуваше очи зошто прстите на рацете и нозете му се вкочануваа и тоа му го отежнуваше заспивањето. Детето дефинитивно вака немаше спиено уште откако ја напушти матката. Само таму имаше сон сличен на овој кој го доживеа изминатава ноќ покрај човекот – Ветер кој му го спаси животот и целосно го промени засекогаш.

Ветерот се разбуди пред него зошто секогаш му беше потребен само неколкучасовен сон еквивалентно на сонот кој им требаше на старите луѓе на Земјата кои беа навикнати да спијат малку чиниш така ќе го искористат поголемиот дел од времето кој им беше преостанат. Тоа беше сон од некои пет до шест часа и тие беа спремни да го започнат денот, како да не сакаа да губат ни драгоцена секунда од времето што им преостануваше. Имаше нешто ранливо и кревко кај овие стари луѓе, не зборувам за оние кои се разболуваа и се врзуваа за постела заборавајќи на себеси и на сите околу нив. Зборувам за оние витални баби и дедовци кои имаа среќа што здравиот мозок иако намелен уште не ги имаше целосно напуштено, па уште во бели мугри трчаа да си го подготват и испијат чајот и да појдат во најблиската продавница за никој да не им го зеде пред нив најтоплиот и најголемиот леб. За нив храната можеби го немаше истиот вкус како и претходно, но продолжуваа да ѝ се радуваат. Бабите кои ги држеше здравиот, ведар и работлив дух уживаа во подготовките на храната со истата жар како кога им готвеа на родителите на нивните внуци кога беа на нивна возраст. Имаа потреба да ги хранат сите кои им беа драги, па немој случајно некој да им појде на гости, а да остане гладен и да не проба од колачињата со цимет и шеќер во прав! Има да настане војна и да ти се налутат многу ако одбиеш барем да пробаш од тоа што е припремено. А, ако пробаш, не смееш да ја оставиш чинијата недовршена зошто не чини и мора да се заврши тоа што е внатре, зошто е грев да се фрла!
Прелистувајќи во книгата со огромниот број на рецепти внатре во неа пронајде едно ливче на кое пишуваше: „Насока број 3. Додека сте во оваа куќа секое утро кога ќе се разбудиш проверувај во поштенското сандаче од кое ќе подигнеш писмо во кое се ставени потребната сума на пари за тековниот ден наменети за прехрана и за набавка на основните средства за хигиена. Никој нека не знае за ова. Ќе најдеш начин да објасниш како ги заработуваш. Ако воопшто треба некому да објасниш. Мора самиот да го смислиш начинот.“

На ливчето немаше ништо друго. Ни испраќач, ни адреса на испраќачот, ниту дали ќе треба да очекува некоја друга на некое друго место. Во претходните „насоки“ во вид на кратки ливчиња му стигнуваа податоци каде ќе може да ги најде парите зошто не беше постојано сместен во сегашната куќа, а во една од насоките му беше кажано дека ќе мора да направи нешто со кое ќе му го промени животот на некому, но не беше подетално објаснето ништо.
Сите претходни и следни настани се случија природно, налетувањето на случката со Детето, неговото спасување, и сите средби со другите луѓе беа дело на самиот Ветер кој мораше да постапува според правилата, но по сопствена волја. Мораше самиот да изнаоѓа начини да им приоѓа на луѓето и да се запознава со нив, дури и по цена да биде исмеан, понижен, избегнуван, или посрамотен.
Знаеше дека тоа е едната од цените која мораше да ја плати за време на неговиот престој на Земјата во овие негови патувања.
Во овој дел од Земјата беше само првиот дел од неговото патување, па наскоро кога ќе му пристигне следната „насока“, ќе мораше да се збогува со Детето, и да замине на вториот дел од неговото патување, кое исто така ќе биде непредвидливо и тешко, додека да се врати на својата планета во својот првобитен облик.

Излезе надвор да побара во поштенското сандаче и навистина пронајде еден бел плик. Го зеде и влезе внатре. Кога го отвори виде дека во него внатре имаше пари и ништо друго. Не беше познат испраќачот како што пишуваше и на ливчето. Се сети дека можно е да е некој од тимот со кој работеше напорно претходните години, но изгледа дека во правилата било дека нема да се открива нивниот идентитет, барем додека не дојде крајот на целиот експеримент.

Ги смести парите, направи план што треба да се купи со помош на книгата за рецепти, и почека да се разбуди Детето зошто не сакаше да го буди. Никогаш порано никого не будел од сон, а и сметаше дека не е фер да се буди дете кое толку слатко и невино си плови во сонот.

ветер

Му текна дека некаде прочита како се подготвува чај, за среќа, во кујната имаше доволно за да направи две шолји и ја стави водата да се зоврие. Кога ги полнеше шолјите на вратата од кујната се појави поспаната фаца на Детето кое уште не веруваше каде се наоѓа. Се прашуваше дали ова што му се случува е некоја игра, сон или нешто што не може да си го објасни и дека набрзо ќе заврши? Како можеше да му се случи таква неочекувана радост и подадена помош кога додека беше на улицата не ни можеше да си го замисли тоа? Можеше само да посакува подобар живот, но дека ќе му се случи ваков пресврт немаше сонувано ни во најлудите соништа. А, подобар живот можеше да посакува, и баш кога си се помири со судбината и помисли дека ќе заврши трагично некоја следна „сибирска“ зима од која нема да може да побегне. Но, животот си пронајде начин да му го исполни и она што никогаш не го посакал, ниту сонувал. Му направи таква предност и му даде таква шанса, што ни неговите родители не можеа да му ја дадат, освен да му поклонат живот, кој беше беден. Да не се најдеше Ветерот на тоа место и во тоа време, можеби неговите стравувања ќе се исполнеа. Сега место за тие стравови повеќе немаше. Мислите му беа преокупирани со новите случувања, со пресвртот, со последната случка откако беше нападнато, па одењето во болница и напуштање на истата, одењето на фризер и конечно вселување во најтоплата куќа во која бил, а и во единствената.
„Добро утро мило Дете“, му рече Ветерот. „Ајде да ги испиеме чаевите и да појдеме до продавница за да можеме да го спремаме појадокот“.

„А, каде најде пари за да можеме да пазариме?“ го праша детето зачудено кое до вчера мислеше дека и Ветерот е бездомник како него. На Ветерот не му беше јасно зошто мораше да изгледа како бездомник кога секогаш во него имаше пари кои му стигнуваа навреме за да можеше да преживее, но сепак да живее сиромашно. Сега сфати дека морал да го помине тој дел зошто шансите да помогне на некој бездомник така биле поголеми, иако можеби првичната замисла на експериментаторите научници не им била таа. Сепак ќе дознае, и кога ќе дознае, на патот за назад во својата планета, сѐ ќе заборави. Тој можеби ќе заборави, но неговиот поход никогаш нема да биде заборавен. Ако ништо друго,тој никогаш немаше да биде заборавен барем од едно човечко суштество – од Детето.

(продолжува)

Патувањата на големиот ветер

Comments

comments

About Наталија Наумовска

Студентка по психологија. Со оптимистично-реалистичен поглед на нештата, верува дека светот може да биде подобро место за живеење. Се труди со нејзината зеница да забележува убави работи. Автор е на книгата „Љубовни звуци и поетски шепотења“ (2014) и уште три други кои ги има во е-издание. На нејзиниот блог можете да се запознаете подобро со дел од нејзиниот „свет“. https://krajbrezjenadvasprotivnisveta.com

Comments are closed.

Please support the site
By clicking any of these buttons you help our site to get better