Петок , Јули 21 2017
Колумни
You are here: Home / Книжевност / Кога недостигаат оние кои ги нема (13)
Кога недостигаат оние кои ги нема (13)

Кога недостигаат оние кои ги нема (13)

ветер

После појадокот Ветерот сакаше да одмори накратко, а Детето немаше идеја што би можело да прави, зошто не беше навикнато да има толку добар и топол појадок ова време најчесто беше на улица и чекаше некој да му фрли некој денар. Кога виде дека Ветерот задремал на удобната фотелја, седна на креветот од спротивната страна, си ги истегна нозете и почна да размислува како возрасен.
Бездомниците кои животот го поминуваат на улица искусиле многу тмурни денови, и веројатно тоа ги тераше на размислување колку и да изгледа дека тие се неуки и дека не би можеле да разберат многу работи, тие можеа многу подлабоко да ги доживеат работите затоа што беа повредени, што од животот, што од нивните мисли кои верувајте им беа најверни придружници во ладните ноќи кога рацете и нозете им измрзнуваа.

Некои од прашањата кои си ги поставуваа беа зошто баш тие да бидат осудени на таков живот, зошто животот си поиграл со нив на таков начин, дали ќе можат да преживеат до пролетта, дали ќе имаат доволно пари за да купат леб за да се заситат, дали ќе успеат да се тргнат од улица и на некој начин да престанат да бидат бездомници, дали ќе се појави некој милосрден кој ќе биде доволно љубезен за да им помогне, дали можеби во текот на ноќта ќе се појави некоја опасност од која нема да можат да се спасат, дали во тивката ноќ некој воопшто помислува на ваквите луѓе или сите мирно си спијат без грижа на совест што некој нема покрив над глава и уште илјадници прашања кои не можеа да бидат прашани зошто немаше кого, а одговорот малкумина го знаеја. Секој ден беше нов предизвик за нив, нов начин на преживување, нови шанси за да се надеваат дека конечно ќе се појави некој кој ќе им пружи рака…
И секој ден беше исполнет со поголемо или помало разочарување. Разочарувањето беше предизвикано како и од полупразниот стомак, така и однесувањето на крутите луѓе кои ем не им оставаа ни скршен денар во картоните ем ги бркаа од нивните места зошто сметале и го рушеле изгледот на градот.

Заземајќи удобна положба ги склопи очите како кога правеше во ноќите кога оддалеку ќе доаѓаше некој чуден звук кој не можеше да го препознае и преплашен се молеше да не биде некое чудовиште кое ќе го голтне или некој гладен волк кој се спуштил од планините и си го бара пленот. Почна да ги замислува татко му и мајка му потсетувајќи се на нивниот изглед, на нивните скинати парчиња облека, на нивната нечиста и несредена коса, на начинот на кој го топлеа со телата додека тој спиеше за да не замрзне, на начинот на кој татко му велеше дека ако се бездомници не значи дека се без срце и чувства, начинот на кој му велеше дека немаат друг избор освен да питаат, и дека се мрази самиот себе што мораше сопствените деца да ги учи на тој „занает“ и се проколнуваше што мораше така да живеат и што тоа беше нивниот единствен избор, но му ставаше до знаење дека како негов најмал син верува во него и дека знае дека ќе успее да стане човек и дека сите ќе ги извлече од бедниот живот.

Детето иако беше многу мало и сосема не ги разбираше зборовите на својот татко, сепак му останаа во сеќавање, и ќе ги памети цел живот. Сликата на неговите браќа исто така му беше во мислите, и така додека ги држеше очите затворени посакуваше за момент сите заедно да се најдат во истата соба, под ист покрив и да живеат нормален живот. Ова беше првпат откако ги изгуби толку многу да посакува да се покрај него и да бидат живи…Зошто иако толку мал, некогаш знаеше да си помисли дека тие со смртта се спасиле од мачниот живот и него го оставиле да се мачи сам на улица, но знаеше дека греши. Сега му стана јасно дека многу грешел кога така размислувал. Знаеше дека сѐ можеше да се реши и да се најде било каков излез од секоја безизлезна ситуација, но од смртта никој не побегнал. А, тој иако толку мал, некогаш посакуваше да ја запознае и да им се придружи на неговите. Се прекори кога му текна на ова. Како можел тоа да си го помисли, не би било фер сега животот да го награди со топол дом, а тој некогаш посакувал да не живее. Тоа е и повеќе од фер! Животот знае да ги награди оние кои помислиле да се откажат од него во баш најнеочекувани моменти, никогаш не смее ова да се заборави!

Наградите следуваат после казните, а за наградата да биде послатка некогаш мора прво да се искуси казната…
Беше запознаено со казната скоро во секоја нејзина форма, зошто да не би било фер сега да ја искуси наградата кога ја заслужува? Секој заслужува покрив над глава, топол кревет и вкусен скромен појадок, верувајте. Само што сите ја немаат среќа тоа да го добијат лесно, а некои никогаш го немаат тоа и заминуваат од овој свет поболно и потешко отколку што пристигнале. Суровоста на животот никого не поштедува. Но, баш поради тоа ние стануваме посилни од претходно. И се бориме со сите суровости, и победуваме, но и губиме…
Дали Детето ќе го добие тоа што го заслужува и ќе ја победи суровоста?

(продолжува)

Патувањата на големиот ветер

Comments

comments

About Наталија Наумовска

Студентка по психологија. Со оптимистично-реалистичен поглед на нештата, верува дека светот може да биде подобро место за живеење. Се труди со нејзината зеница да забележува убави работи. Автор е на книгата „Љубовни звуци и поетски шепотења“ (2014) и уште три други кои ги има во е-издание. На нејзиниот блог можете да се запознаете подобро со дел од нејзиниот „свет“. https://krajbrezjenadvasprotivnisveta.com

Comments are closed.

Please support the site
By clicking any of these buttons you help our site to get better