Словото на Блаже Петрески (Охрид, 1987), врзувајќи стих со стих во нераскинлива нишка налик јаже од темјанов дим, уште во првата песна, манифестно, низ ритуално пиење вино на Бахус кое зборува преку устата на Исус прогласува нова епоха преку сопственото поетско откровение, кое не може да постои на друг начин освен во вид на свеченост чујна единствено за оние кои имаат уши.

Пешачејќи држејќи се за оваа нишка, слушајќи одеци од различни периоди од човечката историја, реална колку и митска, стигајќи во времето на поетот, во капут од стихови смртни, пеш го минеме и небото.

abstract-contemporary-art--beyond-the-visible--working-of-metaphysics-chuan-hock-ng

Одејќи, постојано потскокнуваме, играме и пееме следејќи ја променливата ритмика на стиховите од типот: проклетие молат од празниот декор / немоста ја слушна само еден шепот; капка во океанот заборав што бара / откината ѕвезда што небото го пара; Светот е одаја тесна во песна

Впивајќи го повеќедимензионалното патување на овој „брат на жарта и пепелта“ од сите три дела на неговото поетско деби – „Долу над небото“, континуирано го слушаме иманентниот одѕвон на музиката, извонредната песна на трепетот насликана на платното од тишина меѓу неговите стихови сочинета од  лирски и епски мелос – грандиозно распетие на поетовото слово во стихови со длабок допир:  …о вие вечни во вечноста кратки / доаѓам со перја и два лебеди млади / не љубам снага што ветрот ја рони / ни нежна песна на небо што ѕвони…, во чија позадина, додека ги читаме, како да слушаме одек од секоја солза скриена во плачот на далечна виолина.

Втората песна од оваа збирка носејќи го насловот „Напор“, почнува со стиховите: Притаена надеж распослала мечти / над ситоста која сака да запре / во врвниот очај на сенката мала / од пламнати мисли во смрзнати води. Уште од почеток, изнурнуваат безброј прашања врзани за полиасоцијативниот, комплексен поетски вовед од типот: за каква притаена надеж и за какви нејзини мечти станува збор, на што се должи и чија е ситоста што сака да запре во врвниот очај на малата сенка од пламнати мисли во смрзнати води? Внесувајќи нѐ во сопствената полисемична и транссемична магија, поетот нѐ внесува во пламнатите мисли кои како експлозија во лицето на оној што ја доживува ја нафрлаат сета вистина и откровение за објективниот (и објектен) свет, неговиот почеток и крај, но и субјективниот (и субјектен) доживувач со сопствената ситост од несовршенствата и границите.

Изострувајќи го умот на читателот, Петрески значењата на зборовите не ги сведува на едноставни игри, ами на бури од стилски фигури, идентификувајќи го читателот на овие стихови како доживувач на доживеаното, изнесувајќи го и послужувајќи го сопствениот свет како епохѐ кое изискува изнурнување во поетовиот креативен ум наместо гледање низ каква било вообичаена поетско-толкувачка призма.

Изострувајќи и будејќи го умот на читателот и доживувач, Петрески самиот бидува разбуден од бунтот на сопствените осамени сништа, станувајќи скептик кон разумското созерцание онолку колку што посакува да си подигрува со сетилно здобиеното светопоимање, велејќи: зениците мои се само остаток / од згаснати сонца при првиот обид.

Секој обид за (зад)заумниот трагач по единствената Вистина е залуден како бескрајно лутање низ пустина и затоа единствениот пат до неа е преку (себе)откровение. Затоа експлозивната моќ на поетското (себе)откровение е најсилно изразена во песната „Пустина“: Овие пустини ги нареков свети / не тече миро по коските трошни / крвта болот на правта го мие / причесна спремам во напуштен предел / во мантија кална од дождови лански / гости чекам во одајата на плачот / треперлив скроен од тишина мрачна.

Пустината на вознесениот од трансцедентна Љубов поет има „очи на светица грешна“ со „крвави трепки“ кои ѝ помогаат да го испише крајот на мраморна плоча со камени слова како неговата сенка. Неговото возвишено патење може да повлече паралела со стиховите од познатата кратка песна „Во пустината“ на еден од најиновативните американски поети и писатели од доцниот 19-ти век Стивен Крејн (1871-1900): Во пустината / видов сушстество, голо, ѕверско / кое, клечејќи наземи / си го држеше срцето и го изеде. / Го прашав: „Добро ли е, пријателе?“ / „Горчи… горчи“ – рече; / „Но го сакам / Зашто горчи / и затоа што ми е срце; или пак, на едно метафизичко, фукоовски фрагментирано хетеротописко ниво со смртоносната за човековата надеж пустина на Абаџиев, завршувајќи со ослободувачка, возвишена и возвишувачка смрт на поетот-пророк кој по долго лунѕање со својот народ од мисли низ пустината на празниот лист хартија успева да ја пронајде својата ветена земја – доживувањето на сопствениот бескрај.

Ваквата „смрт“ за којашто жалта е запретана во стара кула од енормни мечти на растопен хаос е само предзнак за ново во бескрајниот циклус предводен од времето кое пристига во свечена наметка, раѓање на поетот-пророк преку возобнова на неговиот народ од мисли, претходно догорени во својата форма во обидот да ја отсликаат вечноста на боите. Во „Легии на свеста со штитови од мисли“, поетот порачува дека исконската Сила е претесна надеж / за животот кој живее во мисла, порачувајќи уште еднаш на неопходноста од трансцендирање на секаква овоземност при дофатот кон оваа и сите други вечности.

11875464_545194712299267_1129659582_n

Поезијата на Петрески е поезија богата со описи и ритам, поезија на длабока потрага по егзистенцијалните вистини и нејзино пронаоѓање во мудроста на искусеното. Тој е човек кој верува во експресивната Слобода, проколната од робовите и робинките, воедно изразувајќи ја како импресија на еден дух, несоздаден, кој тече во тишината. Дух што ја слави Слободата со оној на цутовите кои ја шират утробата на вселената, подигрувајќи со контрасти, чести оксиморони каде е вклучен и насловот на збирката, и постојани рефлексивни патувања низ пештерите кои ги кријат богатствата од кои се плашиме, кои кај Петрески се игри со (не)помирливоста со судбината и нејзината (не)постојаност. Во песната „Слика“ наидуваме на прашањето: Кој ќе подигне камен / Поголем од човечка мисла / Потежок од човечка слобода  / Која смртта ја убива со саможртва / За да им вдахне капка живот / На вековите оковани во  свеста / Во рајските предели  / На проколнатите места?

Немирниот дух на пророкот кој станува поет, исполнет животворна инспирација, јасно нѝ го одговара ова и бројните прашања за есенцијално-егзистенцијалната авантура наречена живот преку метафизиката на оваа проникнувачка и во вистинска смисла манифестна стихозбирка на која поетски-вдахновениот читател постојано би ѝ се навраќал, секогаш идентификувајќи и ставајќи во паралела со сопствените перцепции различни значенски и книжевно-експресивни нивоа.

Стефан Марковски

 

Comments

comments