„Многу убава насмевка имаш“, еднаш ѝ  рече.
„А, јас убава ли сум ти?“, му рече. „И кога се мрштиш подеднакво си убава“, ѝ одговори. Секогаш знаеше да ѝ измами насмевка, можеби затоа што ја обожаваше кога се смее. И сега се насмевна и кај него предизвика восхит што ја насмевнал чиниш освоил трофеј на лига на шампиони.
„Зошто јас мислам дека има многу поубави од мене?“, му рече и тоа повеќе звучеше како заклучок отколку како прашање упатено до него.  „Има, ама ти си најубава затоа што ниедна нема очи како твоите, ете затоа!“, ѝ рече и ја притисна силно во себе како да ќе му избега ако не ја прегрне.
„Јас во твоите се изгубив првпат кога ги видов“, му рече и го стегна за рака. Овој пак се вивна во облаци, сега чиниш два трофеи освоил.
Му се допаѓаше кога и таа ќе поделеше комплимент неочекувано, но искрено. За да не биде покусо, и за да му ја зголеми самодовербата која му беше прилично на високо ниво секогаш ги наоѓаше вистинските зборови.
„Се изгуби или се пронајде?“, ја праша љубопитно.
„Се важи ако кажам дека прво се изгубив, па после тоа ми требаше малку време за да се пронајдам?“, го праша со тон на гласот кој звучеше така слатко, а несигурно.
„Ако ми ветиш дека никогаш нема да сакаш да погледнеш туѓи очи како што ги гледаш моите“, изусти задоволно и сигурно во себе и ја очекуваше нејзината реакција.
„Само ако ти никогаш не престанеш да ме смееш“, му возврати со иста мера.
„Моите очи сакаат да ти ја гледаат насмевката секогаш, што значи дека предизвикот е прифатен“, ѝ рече, се насмевна и ја бакна на чело.
„А, што правиме со солзите?“, сега веќе го предизвикуваше.
„И тие ти стојат како насмевката, но не би сакал да ги носиш нив, освен ако не се радосници“, тивко ѝ шепна на увце.
„Како успеваш секогаш да ги пронајдеш вистинските зборови?, го праша видно разнежнета.
„Кога ја имаш вистинската покрај тебе, секој збор е прав, искрен и вистински“, пак задоволно и самоуверено ѝ рече како од пушка.
Таа веќе ги потроши сите прашања и сакаше да уживаат во пријатната тишина. Му легна на рамо чувствувајќи спокој и ги затвори очите.

Comments

comments