Септември отсекогаш ме асоцирало на завршување на распуст и почеток на школо. Први септември бил датум кој истовремено предизвикувал и возбуда, но и жал за летото што поминало и за слободните денови каде не го слушаш училишното ѕвонче.
Веќе подолго време не го слушам тоа ѕвонче што означуваше почеток и крај на школскиот час. Првате смена секогаш ми беше интересно доживување. Тешко ми беше да станувам рано, посебно во зимниот период уште кога не беше убаво разденето, а мораше да станеме во бели мугри и надвор беше смрзнувачка, но обожавав кога после часовите имав доволно време да си го организирам денот како што ми одговара. И секогаш имаше време, и за учење и за слободни активности. Додека, втората смена ја мразев многу повеќе од станувањето рано во зимен период. Ја мразев затоа што речиси целиот ден ми поминуваше во школска клупа (посебно кога ќе имавме по 8 часови во денот), и автоматски помалку време за извршување на обврските кои си чекаа на нас.

Знаете, додека си дете најглавната обврска ти е да слушаш и да учиш.
Останатите работи ги прават возрасните, а ти само треба да си ја гледаш својата работа. И под твоја работа е секако учењето. Не само учење поврзано со образование, туку и животно школо.
Викаат дека животот е најголем учител, и не згрешиле.
На многумина поголем учител им била улицата отколку училиштето, но и во двата случаи важно е да ги научиш најглавните и најважните лекции.
Учителите, наставниците и професорите се модели од кои учениците учат многу. Прво основците од своите учителки учат нови навики, начини на однесување во клупа и надвор од неа, ги учат најважните работи за нивно осамостојување, совладуваат читање и пишување, па потоа се спремни за потешки предизвици.

Учителите, наставниците и професорите подоцна  играат доста важна улога во животот на учениците. Не за џабе некогаш учителките се нарекуваат втори мајки. Првично, фактот што до 4то одделение децата поминуваат доста време со нивните одделенски раководители, а после тоа од причината што тие им даваат и животни лекции, покрај тие задолжителни односно училишни.
Сите ги паметиме нашите први учителки и влијанието кои го имале тие врз нас како деца.
Нема човек кој не се сеќава на училишното ѕвонче и чувствата кои тоа ги предизвикувало и на гласот на својата учитела наутро кога ќе праша дали има некој што е отсутен на часот. На училиште ги стекнуваме првите симпатии, првите разочарувања, си го прошируваме кругот на познаници, стекнуваме нови пријателства (од кои некои можат да траат цел живот), учиме нови податоци кои повеќе или помалку ќе ни користат во текот на целиот живот.
Дури откако човек ќе заврши со основно и ќе дојде во средно, сфаќа зошто некои работи биле важни да се знаат, а кои биле потполно непотребни. А, тие што биле непотребни или никогаш нема да ни притребаат или ќе се покаже дека сепак убаво било да се знаат. Потоа, откако ќе заврши средно, ако не го сфатил значењето на секој предмет посебно, подоцна сфаќа дека секој предмет не е залудно ставен во годината во која е наменет, колку и да изгледа некогаш непотребен.
Чиста вистина е дека во некои од нашите учебници (да не речам сега повеќето во новата наставна програма што се воведе последните годони) постојат многу податоци кои навистка се вишок  и децата за џабе се оптеретуваат, но уште поголема вистина е дека секое дете повеќе би сакало да игра на компјутер или таблет отколку да седне да учи. Постојат исклучоци во доволен број, но не смее ова вистина да остане занемарена. Образовниот систем треба да им овозможува на децата да развијат љубов кон учењето, а не само една неодложлива и досадна обврска која родителите и наставниците налагаат да се изврши.
За да биде добро дете, и за да биде добар ученик детето ќе почне да учи макар (не и по своја волја) само за да ги задоволи барањата на своите родители зошто му ветиле дека ќе му купат нова игра доколку донесе петка на тестовите, а наставниците ќе го пофалат за добриот успех.
Но, што е со внатрешната мотивација? Кога самоиницијативно ќе седне да разлистува, да се интересира за тоа што го слушало на часот и да се распраша дополнително? Па, после тоа и да разговара на таа тема со возрасен или со другарчињата за да се дообјаснат работите. Но, излегува дека денеска поинтересно е да се дискутира кој модел на телефон го имаат, отколку што ново научиле на часот.

И, што на(учи)вме досега од мојата колумна? Дека сум мразела прва смена, но повеќе сум ја сакала од втората?

Тоа е најмалку важно да се знае. Многу поважно е дека сакам да кажам дека учењето не завршува со завршување на средно образование или после дипломирање/магистрирање/докторирање на факултет.
Учењето трае до последниот здив. Многумина не се свени за тоа, но секој нов ден е учител.
Секој ден човек учи нови нешта.
Некои ги знаел и порано, но не бил свесен за нив, некои му се сосема нови и непознати, а од некои е воодушевен, некои му одземаат здив, а од некои можеби станува разочаран.
Затоа што животот во глобала е нашиот најголем учител, вреди да се наздравува во негова чест.
Треба да му се радуваме и нему и на сите можности кои ни ги дава. Да не биде прекасно, да не биде прерано, да не биде каење и жалење, да биде живеење во сегашниот момент. Зошто само сегашниот момент го имаме и тој е потполно наш.
Денес ќе стане вчера, а утре ќе стане денес, и вчера ќе биде веќе минато, а утре иако е иднината, многу брзо ќе биде вчера.

Така да, без многу филозофии, верувајте му на вашиот живот, грижете се за себе и ценете се доволно за да си ја одржувате љубовта кон вашиот живот, затоа што сепак тој е само ваш. Колку повеќе сте вљубени во животот, тој ви носи поголеми радости, колку поголеми радости си наоѓате, толку е поинтересен и возбудлив. Всушност, тоа и е целта нели? Патувањето да биде возбудливо, интересно, (некогаш) и напорно, но со една единствена цел: да нè научи.
Учењето е возбудлив процес кој ни овозможува да растеме како личности.
Личното знаење никој и никогаш не може да ни го одземе.
А, образованието е најголемото оружје кое еден човек може да го поседува.
Затоа, навооружете се со знаење за да бидете моќни.

Comments

comments