Беше доцна во ноќта кога Тагата посака да најде одговори на некои прашања кои ја измачуваа долго време. Тогаш одлучи дека ќе ѝ се обрати на Среќата и се надеваше дека ќе го дознае тоа што треба.

Тагата: Зошто си толку спротивна на мене?

Среќата не беше изненадена од ова прашање затоа што сите кои ја доживувале се запрашуваше зошто тагата им ја одзема. Тогаш одговори: „Затоа што мора така да биде“.

Тагата не беше задоволна од одговорот и ѝ рече: „А, како ќе беше да беше поинаку?“

Среќата: Доколку не постоеше ти, немаше да постојам ни јас. Многу е едноставно, но во исто време не можеме да бидеме присутни на едно место, тоа се ептен ретки ситуации.

Тагата: Зошто тебе повеќе те посакуваат од мене? Знам дека кога јас сум присутна многумина се на работ на плачење или веќе плачат и им е дојдено преку глава, но сум видела дека и кога ти си присутна знаат да се расплакаат.

Среќата: Затоа што постои разлика помеѓу солзите, моите се радосници, а твоите за жал носат негативни чувства. Но, за утеха и едните и другите се ослободувачки.

Тагата: Јас и ти сме два различни света. Тоа го заклучив одамна. Но, сакам да те прашам, што е она главното што е пресудно за да се случам јас или да се случиш ти?

Среќата: Ух, ова е многу тешко да се одговори. Постојат многу причини меѓу кои се оние кои потекнуваат и од внатрешноста на еден поединец, но големо влијание имаат и надворешни фактори.

Тагата: Сега баш се збунив. На што конкретно мислиш?

Среќата: И двете сме субјективни емоции, но постои разлика во начинот на кој сме доживувани и причините кои можат да доведат ние да се појавиме.

Тагата: Сега ми е малку појасно, но без надворешна причина може ли да постоиме?

Среќата: Зависи. Сепак, секогаш постои некоја причина, надворешна или внатрешна побуда било да е свесно или несвесно предизвикана.

Тагата: Ние сме едни од најстарите емоции, мора да се признае. Најосновни, а сепак толку комплексни и присутни помеѓу луѓето.

Среќата: Имаш право. Но, без нашето постоење животите на луѓето не би имале целосна смисла.

Тагата: Или со мои зборови кажано, по тебе постојано трагаат, се обидуваат да најдат начин да те доживеат и долго да те задржат односно стравуваат да те изгубат, а од мене се плашат и ме мразат.

Среќата: Запамети дека доколку не си ти, никогаш немаше да постојам јас. Ако ти е така полесно, и ти си некогаш потребна. Кога ќе сфатат дека и двете сме минливи, подеднакво нè ценат.

Тагата: Минливи, и повторливи. Тоа е нашата судбина.

Среќата: Два спротивни и различни света. Кога ти спиеш, јас сум со широко отворени очи, а кога јас мижам, ти си будна.

Тагата: И повторно наоѓаме начин да се сретнеме.

Среќата: Секако, само ајде да не стоиме на вратава, време е да се разминеме.

Н.Н.
2017

Comments

comments