Денес друштво на „Зеница“ ќе ни прават девојките од поп-рок бендот „The Chicks“ во состав: Наталија Мејанџиева (вокал и гитара), Сандра Јорданова (вокал и перкусии) и Моника Ѓорѓиева (вокал и гитара). Забавни, раздвижени, секогаш позитивни во своите многубројни настапи ширум земјава а од неодамна и во странство во период од една година, Наталија, Сандра и Моника ќе ни откријат детали за нивната заедничка музичка одисеја во пресрет на нивниот настап на втората фестивалска вечер од овогодинешното, 32-ро издание на „Макфест“.

The Chicks

Верувате ли дека музичарите кои се надградуваат постигнуваат повеќе одошто „родените со талент“, а кои работат помалку?

Несомнено е дека треба да постои талент за некое поле да предизвика интерес кај човек да се надоградува и да расте во тој правец. Учењето е несопирлив процес и никогаш не можеме да кажеме дека е доволно, така да треба да се стремиме да ги развиваме нашите вештини без разлика на нивото на талент. Секогаш можеш повеќе и подобро, ние по тоа се водиме.

Колку работат The Chicks на еволуција и себе-надградба?

Вложуваме навистина многу во себе во повеќе области во кои сме активни. Конкретно за музиката, бендот и нашите музички способности исто така. Покрај нашите постојани настапи низ Македонија кои на свој начин се постојано вежбање и надоградување, се школуваме. И би сакале да се заблагодариме на Маестро Горан Диновски кој на многу креативен и пристаплив начин не научи многу за правилна употреба на гласот и магијата на дишењето и воздухот.

14670616_10208829933959785_4376648001164377035_n

Какви се вашите очекувања од овогодинешното издание на „Макфест“ на кој би настапиле со синглот-првенче „Боите на љубовта“ и што би ѝ порачале на публиката што ќе го следи овој наш најголем фестивал на забавна музика?

Ние сме премногу среќни за нашето првенче и го дочекавме со многу радување. Заедно со нашиот тим Дино Зукиќ (музика и аранжман) и Стефан Марковски (текст), направивме една бајка која бар нас ни ги стоплува душичките кога ја слушаме. Очекувања немаме, имаме само желба публиката да ужива во боите на љубовта.

Потенцијалите на The Chicks ветуваат безмалку блескава иднина. По многуте настапи на повеќе места низ земјава, неодамна го забележавте и првиот во Фленсбург, Германија. Како сте задоволни од тамошната рецепција и кои се вашите планови за идните остварувања во земјава и странство?

Настапот во Флензбург, Германија помина извонредно. Уште од почеток циркулираше многу убава енергија која ние успеавме да ја мултиплицираме и крајниот производ да биде обострано уживање. Имаме и други понуди во странство , но се уште е рано да објавиме. А, за Македонија секако дека после Макфест продолжуваме со турнејата, а нашите настапи ќе ги објавиме на Fb страната на The Chicks.

21032519_10211591693282042_3265162121543920053_n

Колку уживате за време на своите настапи и што ви е најважно околу нив?

Уживаме премногу, тоа секој го приметува кога ќе дојде на наш настап. Уживањето во музиката е порив кој не може да се сокрие, те носи во друга димензија, се отвараш и го даваш сето она што го имаш во себе. Најважно е преку пријатната енергија што ќе ја пренесеш на луѓето, да го разбудиш хедонистот во нив.

Кои се вашите планови во врска со создавањето авторска музика? Сте размислувале ли за албум?

Па еве ќе го скршиме мразот со нашата прва песна. За понатаму останува да ја отвориме нашата креативност и да создаваме. Па ќе си следат сите настани како што ќе им дојде ред .

Што би промениле со цел македонската музика и музичка сцена да стане поатрактивна во светот?

Во секое творештво меѓу кое е и музиката е важно да бидеш искрен и да бидеш тоа што си навистина. Ако си оригинален, креативен и искрен нема граници, секаде ќе можеш да успееш и да бидеш добар репрезент на твојот народ.

14225578_10208528946435285_1308010529906778898_n

Во една прилика Боуви истакнал дека мора да си признае дека не е премногу способен за артикулација на емоциите кои ги има за нештата, но тоа го прави неговата музика, будејќи му ги духовите, но не и демоните. Колку музиката за вас ги артикулира емоциите, будејќи ги духовите?

Епа Боуви бил многу паметен човек и очигледно е дека ја доживеал музиката вистински. Музиката е фасцинантна самата по себе поради тоа што е возвишен начин на експресија таму каде што кажаниот збор можеби не е доволен. Таа е духовна дисциплина доколку допреш до нејзината суштина.

Со што професионално се занимава секоја од вас и дали музиката ви надополнува за некои од нештата кои ви недостигаат во професионалните обврски?

Сите сме со дијаметрално различни професии. Наталија е економист, Сандра правник, а Моника лекар. Но, ете уметничкиот порив е наша заедничка страна. Преку музиката се балансираме, ја будиме нашата десна хемисфера, ко што би рекла докторката Laughing

21077492_1931114123802993_5310151780077368547_n

И за крај уште едно, можеби по малку клишѐ, но прашање со сопствен сензибилитет и тежина: дали и ако да, со кои пејачи/музичари од македонската и светската музичка сцена сте замислиле како создавате заедничка песна?

Секако дека имаме желба да соработуваме со многу музички ликови. Од македонската музичка сцена има неколку музичари со кои се надеваме дека ќе се сретнеме како колеги во творењето заедничка музика. Што се однесува до светската сцена, Joss Stone ни е одличен пример за тоа како би требало еден музичар да изгледа на сцена и колку енергија да се дава на публиката, Кристина Агилера ни ја покажува техниката која треба да ја усовршуваме за да оставиме впечаток и квалитет, но сите три би рекле дека сакаме да направиме заедничко дело со… Pearl Jam, како една од омилените наши групи :)

Благодарност од тимот на Зеница за интервјуто и ви посакуваме успешен настап на втората фестивалска вечер (петок, 06.10.2017) на 32. издание на „Макфест“ и уште поголем пробив на домашната и регионална музичка сцена. Гласањето на Макфест може да се изведе преку праќање СМС на бројот 141 730 со редниот број на песната.

Comments

comments