N.N

Зборуваме преку ноти
што свират непозната мелодија,
досега ненапишана,
од човечки глас неиспеана
од уво нечуена.

Безвучната нота спие
на клавишите од пијаното
и чека да биде обоена,
во звучно руво облечена
од прсти создадена.

Свиреж од безгласни емоции
заспан на старата клупа,
кај што се чекаше невидливото
кај што се надеваше на идното,
а остана само нема музика.

Татнеж од зборови грмеше
речени – недоречени
кои што печеа и сушеа грло,
грутки постануваа
кои тешко се голтнуваа.

Зборуваме преку ноти
што не си го знаат изворот
што не го знаат својот почеток,
а крајот тивко го повикуваат
незнаејќи дека се и почеток и крај.

Безвучната нота не спие
ниту во првите мугри,
ниту во полноќта црна,
го демне пијанистот во сон
за да го разбуди пијаното.

Свиреж од безгласни лелеци
не смее повеќе да се слуша,
за да се роди музичка композиција
полна со весели и живи бои
зошто доста веќе беше мртвило.

На видеото подолу може да се слушне изведбата на погорните стихови.

Comments

comments