Фотографското око преку својот објектив најчесто го презервира моментот од животот во континуумот простор-време но, неретко преку него се изразува и револтот кон процесите кои доведуваат до изобличување на природниот тек на нештата. Во оваа наша измината деценија кога и модерната архитектура и брутализмот во градот беа окарактеризирани како некаков надминат шунд повторниот поглед кон тие историски зданија, всушност, во целост ја открива нивната импозантност.
Низ фотографиите на убавите урбани линии на брутализмот и модерноста е изразен и личниот револт што тие сега претставуваат дел од нашиот затемнет град. Овие градби нема воопшто да ги видите освен кога врз нив паѓаат сончевите зраци затоа што кон нив светлата на велеградот не се насочени. Овие уметнички правци во архитектурата од денешен аспект, всушност, во себе ја носат и историчноста и континуитетот на нацијата да биде секогаш во чекор со светскиот архитектонски светоглед.

Изложбата „Затемнетиот град“ е дел од поширок истражувачко-фотографски проект кој треба и понатаму да ја следи архитектонската скулптура на територијата на Р Македонија, а е започнат од страна на авторот во 2012 година. Изложбата е дел од „Нов културен бран 2017“ помогнато од Министерството за култура на Македонија.

Во овој дел на на проектот ќе бидат изложени фотографии од архитектонските скулптури на архитектите Јанко Константинов, Георги Константиновски, Славко Брезовски, Едвард Равникар, Марко Мушич и други.

Изложбата ќе биде одржна на 20.10.2017 во 20ч. во Музејот на Современа Уметност во Скопје

Comments

comments