По 39 години од првото доаѓање во Македонија, за Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, д-р Кристина Крамер, редовен професор на Универзитетот во Торонто, денеска стана почесен доктор на науки од областа на филологијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Високото признание го доби за над тридецениското залагање за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Канада и Северна Америка преку нејзината научна, педагошка и преведувачка работа. Таа е заслужна за опстојувањето на Лекторатот во Торонто, а настава кај неа досега посетувале повеќе од двесте студенти.  Оваа година има повеќе од 30 студенти на возраст од 17 до 70 години. Крамер (1954) е автор на првиот учебник по македонски јазик објавен на англиски јазик и наменет за англискоговорни слушатели. Била организатор и на голем број конференции на кои се презентираат македонски теми.

Во 2007 година Кристина Крамер беше првиот добитник на Медал „Блаже Конески“ на МАНУ, а две години подоцна стана и надворешен член на Академијата.

Титулата Doctor Honoris Causa денеска и ја врачи ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски откако Универзитетскиот сенат ја донесе одлуката во јуни годинава, на предлог на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Во својот говор Крамер истакна дека најголемо влијание врз нејзиниот академски живот имал професорот Виктор Фридман кој и предавал славистика и балканистика на постдипломските студии.

- Неговото менторство почна во 1976 година кога дозна колку сакам, колку сум мераклија за македонска музика и фолклор. Тој ме убеди да не продолжам со студирање на руската литература, туку да студирам балканска лингвистика… Во 1978 првпат дојдов во Македонија за да учествувам на Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Знаете како е – првиот поглед на Охридското Езеро, првото шетање низ старите улички, првите разговори со гостопримливите луѓе во Охрид, првите ѓевреци, првата голтка домашна ракија и пастрмката. Немав избор. Морав да се вратам. И се вратив пак на Семинарот во 1980 година. Тогаш останав една недела во Скопје каде што се сретнав со луѓе од разни институции, а Матеја Матевски, кој тогаш беше претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, ми ги даде првите макеодонски книги кои го формираат јадрото на мојата македонска библиотека, книги од кои со години им давам материјал на моите студенти, се потсети Крамер на првата средба со Македонија.

Таа им се заблагодари на професори од Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, на колегите од МАНУ, на нејзиниот ментор, проф. Лилјана Минова-Ѓуркова која, рече, со години имала трпение за нејзините прашања. Им се заблагодари и на студентите колеги кои и помагале во совладувањето на македонскиот јазик и со кои се дружела во студентскиот дом „Гоце Делчев“, како и на македонските автори чии творби ги превела на англиски јазик, меѓу кои се Луан Старова, Гоце Смилевски, Лидија Димковска…

Ректорот на УКИМ Јанкуловски и професорката од Филолошкиот факултет Емилија Црвенковска, која имаше промотивна реч, нагласија дека со доделувањето на титулата на Крамер големото аакадемско семејство на Скопскиот универзитет ќе се збогати со афирмиран научник.

- Имаме чест и привилегија да оддадеме должно внимание на еден голем пријател на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и на Република Македонија. Во нашите редови денес вклучуваме уште еден докажан и врвен стручњак, афирмиран научник, искусен едукатор од областа на филолошките науки, кој има несомнен придонес во развојот на македонскиот јазик, македонската литература и култура на глобално ниво и во зајакнувањето на канадско-македонските односи, истакна ректорот Јанкуловски.

Текстот е преземен од:
http://cooltura.mk/

Comments

comments