Промоција на поетската книга „Треба да е лесно“ од Снежана Стојчевска, во издание на издавачката куќа „Антолог“, ќе се одржи утревечер во клуб-ресторанот МКЦ, со почеток во 20 часот. Книгата ќе ја промовираат: Ана Голејшка, Јосип Коцев и Славица П. Диневска.

treba-da-e-lesno-500x500

- Најновиот поетски ракопис на Снежана Стојчевска е силно сведоштво дека таа умее непосредно и неусилено да ги „(пре)сретне“ и да ги овековечи поетски вредните мигови, како, на пример, длабоко доживеаното екстатично сознание дека Светот е убав. / Убави сме и ние во него. Вредноста на оваа поезија, меѓу другото, е во тоа што во неа вешто се опеваат и се слават токму миговите за кои вреди да се живее. Та затоа воопшто не нѐ изненадува тоа што и оваа најнова стихозбирка изобилува со антологиски љубовни песни, чија непоматена аура се доловува со мотото: Се прелевам / како чаша од која претекува вода сум / полна љубов. Поетската интуиција на Снежана Стојчевска ја опева трансформативната моќ на љубовта: токму кога вистински и интензивно се љуби светот станува убаво место за живеење – вели за книгата рецензентот Владимир Мартиновски.

Промоцијата се одржува во рамки на европскиот фестивал за литература „Букстар“.

Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на „Или или“, како дел од едицијата „Русалки“ во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа „Темплум“.

Разлики

Секое утро со мајка ми

се сретнуваме со истите температурни разлики.

Таа упорно ги отвора сите врати и прозорци,

а јас викам по неа, сѐ затворам

и пуштам греалка.

Се прашувам

дали еден ден кога ќе ја нема

и јас ќе ги отворам сите врати и прозорци

за да си ја стоплам душата.

 

Comments

comments