На најголемата манифестација на книжевноста и културата во регионот, 62. Белградскиот меѓународен саем на книгата на кој годинава учествуваат 450 излагачи од Европа и светот, по повеќе години пауза се преставуваат и македонските издавачи.

„Култура“, „Арс Ламина публикации“, „КСЦ Полица“ Издавачкиот центар „ТРИ“,.., со македонски штанд во организација на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) се претставуваат со избор од над 400 репрезентативни дела од македонската издавачка сцена, преводи на истакнати книжевници и атрактивни комерцијални наслови од речиси сите жанрови од над 150 автори.

Бранка Бугариска од „Арс Ламина публикации“ во името на МАИ изјави дека е пријатно изненадена од големата посетеноста на македонскиот штанд.

- Има голем интерес за македонските книги, особено за детската литература. Она што се обидовме самите да донесеме оваа година е малку посвежиот пристап со понови и помодерни изданија и гледаме дека тоа има ефекти и предизвикува интерес. Македонските издавачи веќе преговараат со неколку реномирани српски издавачки куќи, кои се заинтересирани за дел од изложените наслови, да ги преведат и да ги пласираат на српскиот пазар, изјави Бугариска.

 

На најголемиот и најпосетениот Саем на книжевноста во регионот, македонските издавачи имаа повеќе промоции и средба на македонските автори чии дела се објавени на српски јазик. Особено значаен беше нивниот гест, кога на Македонскиот информативен издавачки центар од Панчево му ги подарија сите 400 книги донесени во Белград, од каде, како што изјави Виктор Шеќеровски, директор на Издавачкиот центар на македонското малцинство во Србија, ќе бидат дистрибуирани до сите 37 македонски здруженија и училишта во Србија,кои имаат формирано сопствени библиотеки.

- Тоа ќе значи многу во ширењето и афирмирањето на нашиот јазик и пишаниот збор кај македонците во Србија. И ние како Македонски издавачки и информативен центар само годинава издадовме над 20 дела од македонски и српски автори на двата јазика, со голема помош на двете мистерства за култура, рече Шеќеровски.

Македонскиот штанд на саемот кој се затвора утре, е сместен во интернационалната хала, на простор од 40 метри квадратни.

Текстот е преземен од: http://cooltura.mk/

Comments

comments