Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2017

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ по дванаесетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.

Ракописите кои се испраќаат по електронска пошта треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски…

Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2017 година.

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.

Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.

 

 

Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. 90.000 компјутерски знаци.

Ракописите можете да ни ги испраќате до 8 декември 2017 година на следнава електронска адреса: [email protected]

Ракописите можат да се остават и во ГЕМ клубот (над кафеаната Менада) во Стара чаршија (улица Караорманска ББ, Скопје).

За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад ЈолдескиИван ШоповХигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан МирческиДраган ГеоргиевскиМихајло СвидерскиСања Михајловиќ Костадиновска и Ѕвездан Георгиевски.

Во продолжение, претставуваме извадок од романот „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“, минатогодишниот победник на конкурсот.

 

 

20 МИНУТИ
Петок е ден за кафеана. Секој петок, точно напладне, тој, Изет и Бошко се во кафеаната „Кај Коле“ (таканаречен „Колевден“). Ритуалот е ваков: оди до трафиката на Ѓош, го купува својот омилен неделник „Време“, потоа пешачи до „Кај Коле“ (20 минути), нарачува џигери и ракија, а потоа поминува на пиво и – што донесе денот. И така едно седум-осум години, откога остана без работа, односно откога е фриленсер, како што денес сакаат да ги именуваат новинарите без постојан ангажман.
„’Време’ не стигна?“, прашува Гроздан.
„Стигна, како не стигна.“
„Па, кај ти е?“
„Го зеде.“
„Не го зедов.“
„Го зеде пред 20 минути.“
„Не го зедов, не ме прави будала.“
„Добивам четири броја. Едниот го зеде оној комшијата со шеширот, другиот госпоѓа Анѓа, третиот јас и четвртиот ти. Не ме прави ти будала.“
Гроздан без збор заминува од трафиката и еве го веќе како седи на неговата маса кај Коле. Сам е. Изет и Бошко уште ги нема. Пред него се редовната петочна порција џигери, салатата и ракијата. Не може да се сети дека ги нарача, но тоа и не го изненадува многу. Секој петок е истата рутина, па често Коле ќе ги подготви џигерите за Гроздан, шарската за Бошко и ќебапите за Изет уште однапред.

На масата нема соларник.
„Коле, дај ми сол.“
„Аман со таа солта. Ти ја дадов уште пред 20 минути“, довикува Коле од шанкот.
„Не си ми дал ништо“.
Коле мрзоволно доаѓа до масата на Гроздан. „Еве ти ја солта“ и покажува кон аголот на масата каде што вообичаено стои целиот каранфиндл. И еве го, навистина, тука: оцет, зејтин, бибер и сол.
„Извини, не видов“, пропелтечува Гроздан. Коле внимателно го набљудува.
„Добар ли си? Нешто си ми блед. Да ти донесам кафе, лимонада…“
„Не треба, само сум уморен“, речиси шепоти Гроздан. „Бошко и Изет уште ги нема“?
„Заминаа.“
„Како заминаа“?
„Заминаа пред 20 минути“.

 

 

Гроздан пцуе во себе и го вади мобилниот телефон.
„Во овој подрумот твој никогаш нема мрежа. Ќе излезам надвор да се јавам, а масата нека остане ваква.“
Му ѕвони на Изет. Телефонот упорно и здодевно го дава оној сигнал дека бара, бара, бара… сѐ до исклучување. Гроздан се обидува вторпат, третпат, и уште еднаш, и уште еднаш… И ништо. Се обидува кај Бошко. Овојпат телефонот веднаш му дава порака дека „корисникот што го барате го исклучил својот телефон или е надвор од досегот на мрежата“. Ебате кретените, и после јас сум пцуел многу.

Денес ништо не е како што треба, му поминува на Гроздан низ глава додека се приближува кон својата маса во кафеаната. Таа е празна, белиот прекривач е речиси совршено чист (се разбира, онолку совршено, колку што тоа може да биде во кафеаната кај Коле), само на аголот стои каранфиндл. Комплетен: оцет, зејтин, бибер и сол. Коле му ги тргнал џигерите, ама Гроздан решава да не се лути. Знае дека Коле има некои семејни проблеми и веројатно е расеан.
„Коле, кај ми се џигерите“?
„Кажи прво ‘здраво’ да те ебам.“, довикува Коле од шанкот. „Еве, сега ќе бидат.“
„Само ти дај ми ги.“
„Сега, сега…“, се губи гласот на Коле зад шанкот.
Коле, со својот неверојатно бавен чекор, првин му ја носи чашката домашна ракија (Само келнери можат да извежбаат толку совршен бавен чекор. Да се направи Светско првенство за најбавни келнери ќе има најголема конкуренција), па исто толку бавно се враќа зад шанкот. По долги, одвратно долги пет минути, доаѓа и салатата.
„Каде се џигерите“? „Аман, бре. Еве ги, за 15-20 минути“, довикува Коле од зад грб, бавно оддалечувајќи се од масата.

 

 

Гроздан сфаќа дека Коле допрва ќе ги подготвува џигерите. Длабоко вдишува и издишува. Денес ништо не е во ред, повторува во себе. За да му помине времето, решава да се поигра малку со каранфиндлот, поточно со солта и со биберот, да ги истури (за инает на Коле) на овој најбел прекривач во историјата на кафеаната и да прави кругови од нив. Но, каранфиндлот, сосема неочекувано, се наоѓа предалеку. Или масата е поголема од претставата на Гроздан за неа. Ја пружа раката колку што му е долга. Бадијала.

Му недостасуваат уште неколку сантиметри до соларникот. Се поткрева, ама каранфиндлот како да бега. Ја превиткува половината преку масата, ја испружува раката, а каранфиндлот и натаму се оддалечува. Се качува на масата и трча кон каранфиндлот. Мора да ги земе солта и биберот. Чувствува дека нозете му се тешки и дека ја губи трката со каранфиндлот, но не се откажува. Многу сум уморенМногу сум уморенДенес ништо не е како што треба. Белиот прекривач се претвора во непрегледна снежна долина. Стапалата му се влажни. Морав да ги обујам зимските чизми. Нозете му пропаѓаат до колена во снегот, а каранфиндлот е сѐ подалеку и сѐ подалеку. И сѐ поголем. Сега го гледа како една голема планина, до која мора да стаса. И, еве ги, токму кога треба, тука зад аголот, хаските и санките. Токму како што замислуваше кога беше дете. Токму како во романите на Џек Лондон. Се качува на санката. Го зема камшикот и ги камшикува хаските со сета сила, а тие со огромна брзина итаат напред кон планината.

https://okno.mk/

Comments

comments