Овој пат се сретнуваме со книгата „Смртта долетува насмевната“ на познатиот писател Стефан Марковски. Пред објавувањето на оваа книга, Марковски ги има објавено книгите: „Еднонасочно“ (роман, 2009), „Апеирон“ (поезија, 2010), „За некои спомени на онаа некогашност“ (поезија, 2010),  „Хиерархиска еволуција на свеста“ (психологија и филозофија, 2012), „Мета(де)конструкција и општа филозофија“ (филозофија, 2012), „Среќата е глагол“ (психологија и филозофија, 2012)“, „Продавачот на ветер и магла и други приказни“ (раскази и драмски текст, 2015), „Ин Номине“ (поезија, 2016) и „Сиво сјаат вселените“ (поезија, 2016). Исто така треба да се одбележи дека писателот и поет Стефан Марковски е автор и на повеќе сценарија за краткометражни, сериски филмови и едно сценарио за долгометражен филм.

смртта долетува насмевната

При разгледбата на расказите што ги содржи книгата „Смртта долетува насмевната“ на Стефан Марковски, ќе забележиме дека во темите што се застапени се проткаени малите луѓе, обичните, секојдневните луѓе. Во расказите е распослан еден мал дел, еден сегмент од нивниот живот, исполнет со љубов и омраза, победи и порази, доблести и интриги, живот исполнет  понекогаш со мудрост и лудост. Видливо е оти авторот е раскажувач на детали, на ситни нешта, дребни случувања, за многумина на незабележителни нешта поврзани со обичниот човек. Тоа се кратки моменти, состојби и ситуации, од многумина отфрлени, но за други мошне значајни и притоа авторот на некој за него својствен начин ги расветлува и коментира. Најчесто истите ги става во некаква рамка што не е својствена за нив, но со тоа се постигнува позитивен ефект, односно притоа се откриваат куп нешта што дотогаш речиси не биле забележителни. Всушност, тоа е современ пристап на раскажувачот. Како и самите раскази, така и многу нивни заглавја се интересни, и тие соодветствуваат со содржината. Како пример ќе наведеме неколку: Мајмуните повторно изгреваат, Лудиот Џо во Земјата на играчките, Филозофот и летачката цигла, Лутиот лут професор или една нова социјална парапсихологија на суштествуваwето, Слем поет, Овошна кошница, Приказна за волшебната брада, Смртта долетува насмевната и други.

Иронијата во расказите е на доста високо ниво. Токму иронијата е една од круцијалните обележја на овие раскази. Токму преку нејзе, преку тој подбив, критиката за многу нешта во животот и во општеството се насочува кон негативностите и нелогичностите во секојдневието. Така, со доста иронија и подбив се среќаваме и во повеќе раскази поврзани со поетите, со писателите и оние луѓе од општеството што стојат спроти нив. Интересно е при ова да се напомне дека поетите се опфатени во повеќе раскази и тоа: Сепак сме светлина, Акционен филм, Тајната на перото, Неконвенционална промоција на книга и др.

Неговите херои во сите раскази, а особено во расказите за неговите писатели, во животот имаат претрпено трагични пресврти, откако врз нив некој  урнал тежина како цела планина, а причина за тоа е нивниот поетски свет којшто е поразличен од сфаќањата на другите кои се на повисоко ниво од нив во општествената хиерархија. Велиме во општествената хиерархја, оти нивното ниво на интелигенција е на најнизок степен. Токму таквите луѓе успешно се качуваат по скалилата на политичкото воздигнување и тогаш, во тој период ја покажуваат нивната сила, надмоќ, надвласт и недофатност, но не и нивната способност, знаење, умеење оти тие способности ги немаат. Одлични примери за ваквите плитки човечки психологии има во повеќе раскази во збирката „Смртта долетува насмевната“ на Стефан Марковски, но ние сосема накусо ќе се задржиме на расказот насовен Сепак сме светлина.

peter-of-eboli-petrus-eburensis-petrus-de-ebulo-monk-and-court-poet-D98HT5

Почитуван суде, вели адвокатот на обвинителот, мојот клиент, почитуваниот градоначалник Темелко Врсковски претрпе повеќе од сериозни психички повреди како резултат на поетовата фора, метафора или како и да се нарекува. Преживеа духовна криза. Да, духовна криза, почитувани дами и господа, која нѐ засега сите нас, граѓаните на Величественград. Неговиот свет е лага и ментална манипулација создадена од искривен разум… тој и не создава благодарејќи на својот разум, кој го нема!

Пресудата за големата грешка на поетот којшто мисли поинаку од градоначалникот е исто така соодветен на нивното размислување. Во тој случај, вели судијата, ја изрекувам следната пресуда: Согласно јасно и недвосмислено пропишаните закони на Величественград кои забрануваат секаков вид двосмисленост и неугодна компарација, обвинетиот е казнет со затворање во мрак со вкупно времетраење од 6 века…

Мошне е интересен и расказот Кадешто се раѓаат чудата. Дедо Стојадин во неговиот стан во една висококатница  чува една кокошка којашто, според него, има исцелителна моќ, и на која ѝ го дал името на неговата младешка љубов. Иронијата во овој расказ најочигледна е во моментот кога поштарот ѕвони на вратата.

Ах, до кога ли мислат да ја поскапуваат струјава, мајсторе?! – му се обрати на поштарот, потпишувајќи го подадениот лист.

Ни овцата не би била овца кога би знаеле самата да се стриже, домаќинке – одговори мистериозно насмеаниот поштар и замина.

Тоа е одговорот којшто на било кој начин кажан го содржи најбитното, во себе ја содржи вистината, но таа вистина ќе се открие откако длабински ќе се размисли.

book-art-05

При разгледбата интересот, покрај другите, ни го привлекува и расказот Светлина над градот. Тоа е расказ во којшто накусо е проследена желбата да се задоволат телесните страсти поставени во несигурните рамки на можното и веројатното, од каде во секој миг би можеле да ја преминат границата на трагичното. Љубовниот однос меѓу струјардесата и капетанот во неговата кабина е причина за доцнењето од еден час на авионот, но и наедно забава за патниците кои преку приклученото озвучување го слушаат и следат истиот.

По неколку мига почна да се слуша женско стенкање проследено од неартикулирани извици.

Патниците беа фрапирани. Одеднаш прснаа во смеа мигот кога веќе препознативиот глас на Керолајн, извика:

Мрдај побрзо, гуденце мое!

Во капетанската кабина, капетанот Џек МекБлек и Керолајн на цел глас беа инволвирани во сексуалниот чин до моментот кога некој затропа на вратата, а стјуардесата доживеа оргазам.

Неколкуте раскази што претходно ги разгледавме ги одбравме по наш избор, со намера да послужат за базично запознавање со збирката на читателите кои ќе го прочитаат овој осврт. Инаку, за секој расказ би можело да се зборува, но поподробното разгледување го оставаме на љубителите на книгата.

Животот е онаков каков што е. Исполнет со спротивности, со многи неправди, со правда којашто одвај се провира низ параграфите на законите, со борба за сопствен опстанок. Едноставно речено, тоа е живот ограничен со некакви норми, закони и правила коишто за некои не важат, па така неправдата побрзо го наоѓа патот низ тие лавиринти на таканаречените закони, отколку правдата. Токму оттука Марковски, автор на мајсторски срочените и вредносни раскази собрани во збирката Смртта долетува насмевната како од извор црпи теми од секојдневието, пронаоѓа ликови во таа средина и истите ги става во рамка обвиткана со иронија, со сатира. Сето тоа е резултат на ничкосаното време и уништените вредности, што ни беа во сосема друг облик претходно познати, не вака испревртени, изместени од сопственото лежиште, како што ги гледаме сега. Многумина тешко може да ги препознаат и прифатат. Нив сосема оправдано авторот ги проткајува со подбив, потсмев, со иронија, со сатира. Слободно можеме да речеме дека Стефан Марковски не е автор само што шета низ современието, туку тој шетајќи многу добро забележува и регистрира сѐ што се случува, притоа  критикувајќи ги на негов својствен начин нештата што се разместиле, нештата што туѓи ветрови ги занеле настрана. Вредноста на расказите на Марковски е и во сознанието дека тој од реални незабележителни случки од секојдневието со употреба на навидум едноставна наративна техника постепено преминува  кон сложена и суштинска метафоричност на расказите, притоа наедно поставувајќи бројни прашања кои од различен агол се усмерени кон целосното преиспитување на човековите испревртени вредности.

Пред да го завршиме освртов не е на одмет да наведеме една изватка од рецензијата на Срѓан В. Тешин внесена на крајот на збирката „Смртта долетува насмевната“ во која е наведено: Јазично и стилски одлично обликувани, а повеќето и изразито духовити, приказните на Стефан Марковски нудат и еден посебен квалитет кој ги одликува само врвните мајстори на раскажувањето: тие секогаш имаат отворен крај, кој на читателите им овозможува бескрајни интерпретативни проширувања, што ги чини интригантни и заводливи.

Уникатната вредност на книгата „Смртта долетува насмевната“ на Стефан Марковски ја потврдува и образложението на жирито за добиената награда „Крсте Чачански“ за споменатата книга, во кое се истакнува: Триесетте кратки раскази од збирката Смртта долетува насмевната од Стефан Марковски преку комичност, упростеност и хетерогеност од раскажувачки стилови и фабули се исполнети со впечатливи ликови, разговори и настани со возбудливи и постојани пресврти. Тие ефектуираат една нова поетика на апсурдната реалност која со себе го носи печатот на модерноста во која авторот живее, твори, и творејќи, експериментира со нови книжевни експресивни облици.

Младиот, а веќе на јавноста познат автор на повеќе книги меѓу кои и „Смртта долетува насмевната“, претставува исклучителен писател за кого веруваме дека со својот специфичен и оригинален пристап кон книжевното творење ќе го заземе своето соодветно место во современата македонската книжевност.

 

Никола Алтиев

Comments

comments