Во ликовната галерија „Борко Лазески“ во домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа беше отворена изложбата – уметничка инсталација насловена „365 килограми живот“ од уметникот Перо Кованцалиев од Гевгелија кој живее и работи во Скопје.


Кованцалиев, кој прв пат се претставува пред прилепската публика и прв пат ја изложува уметничката инсталација, вели дека таа е составена од таканаречени биобалони, орган кој претходно бил дел од  жив организам. Тоa е мочниот меур кај животното кој е препариран и исполнет со воздух.

- Бројката во насловот „365 килограми живот“ е симболично земена зашто 365 дена во годината животните, пред се, ги гледаме како килограми, производи во маркетите и на трпезата. Индустријата ги искористува за нашите потреби. Преку изложбата се обидувам да се отвори темата, да се говори за тоа. Биоалоните, симболично го претставуваат последниот здив на животното кое животот го загубило, и тоа не како било, туку насилно. На овој начин се обраќам до секој човек кој е доволно моќен да ги промени нештата и да не ги поддржува индустриите кои вршат насилство врз животните, вели Кованцалиев.

Уметникот, голем поборник на заштитата на животната средина и вели дека ги користи материјалите да ја испрати пораката. Скулптурата, сликарството, графиката, кинетиката, дигиталните медиуми како видеото и фотографијата, инсталацијата, се уметничките форми на неговото визуелно изразување.

За публиката ова е необично уметничко изразување, во секој случај впечатливо, а од Центарот за култура „Марко Цепенков“ нагласуваат дека Прилеп во текот на целата година се вбројува во градовите со голем број изложби, а така ќе биде и наредната 2018 година.

- Годинава досега остваривме 32 изложби на дела на уметници од целата земја, на Друштва на ликовни уметници од повеќе градови и од ликовни колонии. До крајот на годинава ќе се отворат уште 4 до 5 изложби. За наредната 2018 година, во Министерството за култура аплициравме со 50 проекти. Колку изложби се прифатени ќе знаеме во почетокот на наредната година, но очекуваме бројката да биде како и досега.  Очекуваме барем 20 до 25 изложби да бидат поддржани од Министерството, вели Светлана Дукоска, стручен соработник во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Преземено од:
http://cooltura.mk/

Comments

comments