Во Кинотека на Македонија вечерва, недела 19 ноемв., ќе се одржи проекција на документарниот филм „Барајќи ги сликите“ на режисерот Бенјамин Гајслер, чија тема е Бруно Шулц, полски писател, уметник, литературен критичар и професор по уметност со еврејско потекло.

Со проекцијата Кинотеката на Македонија се придружува во одбележувањето на 125-годишнината од раѓањето и 75-годишнината од смртта на Шулц.

Меѓу најпознатите дела на Шулц се кратките раскази собрани во делата „Продавниците со боја на цимет“ и романот „Санаториум во знакот на клепсидрата“. Според „Санаториум во знакот на клепсидрата“, во 1973 година, режисерот Војчек Хас го снима истоимениот филм кој ја добива наградата од жирито на Канскиот филмски фестивал.

Во 1938 година бил награден со Златниот лаворов венец на Полската академија за литература. Многу од неговите дела биле изгубени во холокаустот (ракописи и слики), меѓу кои кратки раскази од раните 1940-ти и неговиот последен, недовршен роман – „Месијата“ кој сè уште се смета за загубено дело. Преведен е на повеќе од 39 јазици ширум светот.

Книгите на Шулц „Продавниците со боја на цимет“ и „Санаториумот во знакот на клепсидрата“, се преведени и на македонски јазик, а во издание на Антолог објавена е и биографската проза „Свршеничката на Бруно Шулц“ на Агата Тушињска.

Проекцијата во Кинотеката на Македонија е дел од светскиот настан „Светска проекција – 100 кино сали се сеќаваат на Бруно Шулц“ чија цел е меѓународно и меѓусебно поврзување и оддавање почит на еден од највлијателните полско-еврејски сликари и писатели.

„Барајќи ги сликите“ ќе биде прикажан во повеќе од 80 градови во Австрија, Бразил, Чешка, Еквадор, Германија, Израел, Италија, Македонија, Мексико, Холандија, Полска, Русија, Шпанија, Швајцарија, Украина и САД, а проекцијата во Кинотеката се реализира во соработка со Еврејската заедница во Македонија.

„Барајќи ги сликите“ ја документира потрагата, пронаоѓањето и неочекуваното исчезнување на муралите на Бруно Шулц и кој ја составува приказната за еден од најконтроверзните музејски присвојувања во последниве години.

Преземено:
http://cooltura.mk

 

Comments

comments