Наспроти растечкиот број (анти)поетики кои се обидуваат да го деконструираат значењето на зборот потпирајќи се на чиста, помалку или повеќе префинета емоционална експресија, во современата македонска поезија постојат трендови кои во поголема или помала мера повторно ја апострофираат примарноста на зборот употребен внимателно. А зборовите употребени одмерено и внимателно како да посегнуваат кон небесата со својата магиска моќ сконцентрирана во ѓердан што ја дарува иднината, како што е случајот со последната песна од дебитантската стихозбирка „Еленот слуша виножито“ на Магдалена Чапаровска (1983), наредувајќи им и на небесата да го сослушаат со подеднакво внимание.

еленот слуша виножито - магдалена чапаровска

Чапаровска поаѓајќи токму од ваквото внимателно нижење на зборовите во своето дело е свесна дека вистината и онака не живее меѓу букви и зборови, навестувајќи меланж од игра и сосем сериозна филозофска потрага по одговорите на перенијалните прашања чии одговори лежат во единечното и тукашно со сета своја минливост.

Овде зборовите магично се избираат, еден со друг, наредени во полукруг, кокетираат, трепкаат, создавајќи синестетички свет на постојана игра со прелевање на границите меѓу умот, срцето и сетилата. Ваквата љубовно-еротско-синестетичка метафизика на трансцендирањето не само на сетилното, туку и на свесното и пот/надсвесното, онтологија на боите кои живеат во туѓи очи бликајќи низ нивната искршена потсвест, дијалектика на една и иста страница во две различни книги, етика на свет во кој солзите се само рефлексија од неисткаен сјај, гносеологија која ги открива разликите меѓу боите и слепилото, ехото и музиката, мирисот и вкусот на бакнежот… не е ништо друго освен лапидарна, а високо метафорична поетика која рефлектира индивидуална визура на состојбите во светот од повеќе аспекти.

Индивидуалното видување на текот на нештата пак, е во доведено во постојана корелација со мноштвеноста отелотворена во често среќаваната множинска форма од прво лице, со што Чапаровска емпатски соживува не само со сопствениот идеал за љубов, туку и со светот без неа, доловувајќи една блага и неагресивна, а длабока и секако издржана социјална критика.

Творејќи во време кога на социјални мрежи се плете судбината додека апликациите извојуваат победа над срамежливите погледи и допири, силниот, неисцрпен идеалист во Чапаровска ја забележува презафатеноста која го спречува обичниот човек да забележи дека снегот се истопил, забележува дека децата на ѕвездите ги украле приказните за да ги скријат во датотека, а спомените во фајлови и хард дискови, ја забележува отуѓеноста за дошепнување со дрвјата и несакањето да си спомнеме како едни на други еднаш си бевме дом.

Песните, распоредени во три циклуси: Анатомијата на нашата прегратка, Перцепции, интроспекции и Чакра на поезијата небаре алудираат на трите нивоа на битисување кои го опфаќаат емоционалното, перцептивното и (над)интелектуалното, иако во самите стихови наидуваме на егземплар за едно одлично испреплетување меѓу нив, истовремено испреплетувајќи ги визурите кои произлегуваат од трите базични гранки на филозофијата: метафизика, етика и естетика.

магдалена чапаровска

Интроспекцијата како едно од клучните обележја на оваа поезија е во непосредна врска со вокацијата на Чапаровска како психолог и во таа смисла, клучен елемент за ловење на „јаболкото што паѓа“ односно поетското познание е содржен во самата потрага по сопствените вистини. Интроспективното анализирање и себепреиспитување со особен фокус кон сопствените мисли (моите мисли се / јазикот на немите / ѕвончето на глувите / ехото на лудите) или негативните изливи, како во стиховите гневот се топи под мојата срцева линија / бунтот се гаси во линијата на интуицијата од песната која го носи насловот на самата збирка.

Овде во прв план наидуваме на онтолошките принципи на контрастот и противречноста чија материјалност е сето просторно; постоење во светот на променливите нешта и граници подразбира игра, танец или слушање на бескрајот бои на виножитото (кои и понатаму живеат во нашите очи) помеѓу само два спротивни црно-бели принципа од оваа, на работ, или пак, од онаа страна на оксиморонството:

Повлекле линија меѓу нас:

ти не можеш да си во јас;

 

[…]

 

Страните на светот

се сечат со бесконечност

 

[…]

 

Најпосле смртта слетува

со крилја на пеперутка.

Од сите тајни чакри / најскриена е онаа на поезијата / но никој ѝ не верува дека постои / сè дури тагата не му ја ископа изјавува Чапаровска во „Чакра на поезијата“ од истоимениот, последен циклус на збирката. За неа поезијата поседува лулка во која се нишаат неосновани сомнежи и задушени копнежи / нејасни недели и потреби / недоживеани спомени / неизречени кралства / недопрени круни / јужни ветрови и сочни портокали, а оној кој успешно ја поттикнал

чакрата на поезијата / чекори по рима / танцува со ритам / живее во строфа… / а се одмора на секој слог.

Поетесата потенцира дека поезијата не е станица, ни купе, ни вагон, ниту збунет кондуктер, а одморот е непознат збор во речникот на поетите и со самото тоа ги задава двата централни постулати на сопствената поетска промисла: прво, дека поезијата е сама по себе пат, авантура на сетилата, умот и срцето на битието, а не дестинација, и второ, дека поезијата извира од потребата, од неопходноста за израз на разгорената страст која не бара труд што води до исцрпување.

abstract_deer_silhouette_by_ilovedragons1-d723fkj

Страст која постојано ги поместува границите помеѓу овие три нивоа, а која прави, склопувајќи ги очите да може да се види музика, да се збунат сонцето, дождот и туѓите сетила заедно со сопствената доследност, што значи дека поезијата е пат меѓу, допир помеѓу еротско-метафизички набиените контрасти кои подразбираат впишување туѓ шестоаголник во сопствената кружница и согледување на ултимативната вистина дека што и да правиме понекогаш сме нови, никогаш целосни.

Кога бесмислата се дави во анатомијата на една прегратка, а одлуката зависи од множество воздишки, кога скутот е пристаниште за бури, а скршените рогови – кормило,  тогаш еленот, прасимбол на инстинктот и природното, на слободата и магијата ширум светските култури, бегајќи ѝ на празнината додека означува сопствена траекторија, не само што слуша виножито, туку во виножито ги обојува и погледите со кои потоа, само миг потоа станува неразделна целина.

Патувајќи до Сферите и назад до најдлабоките, а далечни и таинствени слоеви од себеси, читателот кој ќе успее да ја дофати вешто и длабоко сокриената смисла на добар дел од стиховите од збирката „Еленот слуша виножито“ одеднаш бидува крунисан со ореол од обична гранка, бидувајќи награден за истрајноста во потрагата по значенска повеќеслојност.

Инстинктот распнат меѓу контрастите и неизброивите бои на виножитото му вели на еленот да го слушне она што сака да го слушне, како што среќата умее да ’рти низ нечии валкани пори, како што премостувањето на сегашноста води кон Едност со иднината.

Кулминацијата на Еросот е во токму во Едноста која подразбира транссуптанцијација и надминување на сите облици материјални ограничувања и конечност:

Јас и ти / две морски коњчиња / не e љубов… / само танц / на усогласени огледала.

Јас и ти / – две морски коњчиња / по секоја поза на Кама сутра си ги вртиме грбовите / слепени стебло до стебло / добиваме форма на / бесконечност.

[…]

Штом те земам в прегратка, штом ме земеш в прегратка / светот ги затвора капaците / од својата железна порта.

Едноста сама по себе не претставува онтолошки принцип; таа е многу повеќе цел на потрагата по совршениот контраст на јаството спознаено по пат на шаренолика и многуобразна инстроспекција и потрага по сопствените зими во кои срцето е вечна снегулка и лета кои не веруваат во нивната сила, симетрично огледани едни во, едно од други налик црно-бели огледала.

Градациите во оваа поезија се уште едно од средствата кои го диктираат или засилуваат нејзиниот ритам, а воедно и интензитет и проник во Едноста преку единечноста:

 

Toa e само буква од зборот / збор во стихот / стих во песната / песна во книгата.

…Тоа е само капка од бранот / бран од морето / море во синилото.

 

Како општ заклучок за дебитантската поетска книга на Чапаровска би рекле дека оваа збирка олицетворува еден важен за обележување премин, хибрид во кој симболизмот, ритмичката/музикална заснованост и постмодерниот поетски израз, од една, и еротскиот набој и безмалку филозофското вистинотрагање, од друга страна, наоѓаат свое цврсто засолниште во рамки на современата македонска поезија. Заради ова, за очекување е Чапаровска уште повеќе да ги потврди и нагласи овие и ваквите напори за освежување и збогатување на тенденциите во пост-модерната или веќе, пост-постмодерната македонска поезија со стиховите кои ќе следат.

 

 

Стефан Марковски

Comments

comments