Секогаш и во секоја област има простор за нови идеи, колку и општоприфатена да е тенденцијата да се тврди дека сѐ е веќе измислено. Книгата Мета(де)конструкција и општа филозофија од Стефан Марковски го прави токму тоа – внесува нешто ново во доменот на Филозофијата.

Поимот за мета(де)конструкцја презентиран како начин на перцепирање и приод кон еден филозофски проблем, го шири, надградува и надминува толкувачкиот карактер на повеќето перспективи. Додека Дерида презентира деконструкција на текст каде „не постои ништо надвор од текстот” и прави танц околу самите значења во текстот, Стефан Марковски низ процесот на мета(де)конструкција ја релативизира самата деконструкција и нуди спектар на попроширени толкувања одошто фокус на самиот текст каде исказите истовремено би можеле да се толкуваат и како вистинити и како невистинити и во сите нивни можни комбинаторики и пермутации и конструкции на множества низ призма на сите историографски начини на употреба на логиката како филозофска алатка и наука. Дополнителните аспекти од кои се разгледува поставувањето на постапката на мета(де)конструкција како апсолутно анормативна методологија се книжевниот, психолошкиот аспект, естетскиот, функционалниот, општествениот, рецептивниот и педагошкиот аспект во доменот на конструирање на филозофската мисла и можен тек и развиток на генерирање перспективи и аспекти што ги нуди мета(де)конструкцијата во комплексен размер и сооднос, дејствувајќи и на самата себеси како процес. Мета(де)конструкцијата претставена графички веројатно би го содржела принципот на Раселовиот парадокс, но на многу поразвиено и покомплексно ниво со веќе етаблирани специфични карактеристики во самата книга за развитокот на самото толкување и толкувања што произлегуваат системски при употребата на методата.

метадеконструкција и општа филозофија

Книгата е составена од неколку дела и тоа: Воведен дел, (Книжевна) Естетика, Филозофија на Општеството и Гноселогија/Онтологија.

Во Воведниот дел од книгата е претставен и образложен поимот мета(де)конструкција, заедно со историографски приказ за логиката.

Во делот (Книжевна) Естетика се презентирани повеќе импакти и начини на разгледување и проучување и на мета(де)конструкцијата во однос на книжевноста и во однос на естетиката, каде се разработува природата на читањето (механичката, биолошката и тн) и се обработува суштинското прашање за примена на принципите од науката како водич кон откривање на самото функционирање на луѓето преку науката за книжевноста и значењата на одделни уметности и науки – и дали тие општи принципи на функционален приод се применливи и од други аспекти. Исто така, во овој дел од книгата се отвораат редици други прашања (приопштување на книжевните дела, естетските наспроти когнитивните модуси на фикцијата, естетиката на митските, историските и патриотско-социјалните теми и мотиви, природата на „инспиративните” дела, владејачките филозофски тенденции врз културата и уметноста и Мета(де)конструкцијата како „уметност на мислењето”) кои отвораат многу нови перспективи и преку еден нов приод на сеопфатност и релативитет проследен со филозофска логика како алатка за изразување на можните натамошни толкувања во склоп на Мета(де)конструкцијата. Присутни се и визионерски прашања околу кибернетиката и развојот на иднината на човештвото во истиот контекст и во контекст на дигитализација на книжевноста преку обработки на рецепцијата на електронските книги. Во овој дел на книгата е уште еднаш промовирано и истакнато суштинското значење на самата книжевност како наука и нејзината корелација со филозофијата низ перспектива на мета(де)конструкцијата.

deconstruction

Во делот Филозофија на општеството детално се разработени прашањата на догматизираноста, конкретизација на нехомогените учења, отпорот на традицијата кон новите евалуациски ситеми, (само)идентификацијата од општествен аспект, (само)идентификацијата разгледана во случај кога синкретичкиот индивидуален суд за неа како крајна инстанца би го имал (а)гностицизмот и техничко-технолошката подготвеност во однос на правото и праведноста. Овде детално и иновативно се нуди цел спектар нови идеи за обработка на презентираните теми во соодветните дискурси во доменот на филозофијата на општеството. Во овој дел од книгата Марковски категорично и систематски застанува на патот на сите видови и подвидови на интерна општествена репресија кон индивидуалецот и како филозоф ги брани хуманистичките и моралните сфаќања на човечноста конзистентно употребувајќи го новиот метод.

Во делот Гносеологијата/Онтологија е окарактеризирана Мета(де)конструкцијата како дел/аспект од пост-постмодернизмот, обработувајќи повеќе прашања околу субјективизмот и односот кон објективната стварност, како нивниот паралелизам низ онтолошко-гносеолошки трактат, употребата на интернетот како средство за размена на знаења и значењето и самата улога и се отворени повеќе прашања околу можната рецепција на мета(де)конструкцијата и тоа преку психологијата на пишување, релациите на современиот човек и евентуалните понатамошни третмани на прашањата поврзани со оваа методологија, (анти)аксиолошката нота на мета(де)конструкцијата, како и односот на мета(де)конструкцијата како правец и постапка на пост-постмодернизмот и интеракцијата на влијанија со научно-технолошките достигнувања од 21-век. Во овој дел од книгата е детално разработен можниот ефект при ефективни примени на мета(де)конструкција која главно отвора позитивно разгледување на различни теми, а не нивно затворање со „дефинитивни решенија”.

right-and-left-brain

Марковски со висок степен на филозофска експертиза, детално навлегува во примерите кои што ги образложува и презентира и вешто отвора нови прашања воедно со веќе поставен број на одговори, како што би се изразил и самиот „и конечен и бесконечен број на одговори истовремено” во еден од примерите каде што се објаснува расчленувањето на можни искази и нивната вистинитост.

Оваа книга го изразува она кое што сите филозофи се трудат да го изразат целовремено во одбрана на филозофската и научната мисла воопшто, наспроти други влијанија, но оригиналноста на Стефан Марковски се состои во тоа што нуди една нова своја методологија мета(де)конструкцијата и преку примена на истата ги склопува и поставува филозофските гледишта кои пак, се инспирација и за понатамошни размислувања општо за читателите од пошироката публика кои се љубители на филозофската мисла, а истовремено самата книга е во функција на научно дело во овој домен наменет за упатените научни/академски кругови.

Книгата Мета(де)конструкција и општа филозофија од Стефан Марковски е важен придонес за македонската филозофска мисла со самото тоа што отвора многу нови прашања и истовремено нуди нов метод за нивните можни одговори, ја препорачувам на сите заинтересирани за филозофијата и за македонската модерна филозофска мисла.

 

Иван Стојановски

 

01.10.2017

 

Comments

comments