Во чест на празникот „Свети Климент Охридски“ во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена истоимената државната награда за 2017 година.

Добитници годинава се професорот и писател Венко Андоновски и историчарот Наим Алими во областа на воспитанието и образованието, и музичкиот уметник Гарабет Тавитјан, писателот Јордан Плевнеш и филмологот Илинденка Петрушева во областа на културата и уметноста.

Одлуката ја донесе Организацискиот одбор за државната награда „Св. Климент Охридски“ под претседателство на академик Владо Камбовски.

Од името на добитниците се заблагодари проф.д-р Венко Андоновски, кој рече дека наградата е незамислива ако не каже дека е посветена на Филолошкиот факултет каде е одржано првото предавање со кое е почнат универзитетот и универзитетскиот живот во Република Македонија на тема „Словенски просветители“.

– Без филм, филмска критика и филмологија, без драма, театар, проза, без музика, без историја нема стварност. Свети Климент е ученик и учител. Сите ние сме учеле од некого, значи сме биле ученици, а сме и учители, рече Андоновски.

На врачувањето на наградата присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри, академици, уметници…

„Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.

http://novatv.mk/

Comments

comments